Интервјуа

За градење квалитетни релации важни се емоционалната интелигенција и ефективната комуникација

Интервју со Ида Протугер | Тренер за личен и за системски организациски развој

Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.

Госпоѓо Протугер, јавноста во земјава главно ве помни по новинарскиот ангажман во минатото. Но, веќе неколку години не ве гледаме често тука. Каде сте лоцирани професионално во моментов?

И. Протугер: Десетта година живеам во Виена каде што мојот професионален пат доби нов правец. Малкумина знаат дека сум психолог по образование, а во новинарството влегов по случаен сплет на околности. Во Виена видов можност да продолжам со образование поврзано со мојата прва „љубов“ – психологијата. По тригодишен тренинг, во 2020 година се сертифицирав како тренер за личен и за системски организациски развој, со диплома призната и во Австрија и од Европската тренерска асоцијација (ECA).

Сега сте тренер за личен развој и тренер за системски организациски развој. Каква професионална обука беше потребна за да можете да влезете во овие професионални води? Какво беше тоа искуство?

И. Протугер: Обуката прво донесе „квантен скок“ во мојот личен развој. Таа нè подготви да им помагаме на клиентите во справување со кризи, со предизвици и со градење квалитетни односи – но истовремено беше и длабока трансформација за нас како тренери.
Вредностите на Институтот Кепос, каде што се обучував, се темелат на хуманистичката психологија која се потпира на егзистенцијализмот и ги нагласува искуството, слободната волја и автентичноста како клучни за самореализацијата и за создавањето смисла во животот.
Ќе ви откријам една вежба што ја правам со клиентите и се вика Временска линија. Се поставува една лента (јас користам коноп) што го претставува раѓањето до сегашната точка, но и со поглед кон иднината и клиентот оди по неа и ги регистрира сите значајни животни настани. Потоа на една картичка ги запишуваме лекциите од тој настан што станале наш ресурс и дел од нашиот „арсенал“ на одговори за слични идни ситуации. Низ тој процес фокусот се менува од дефицити кон ресурси. Често пати не сме свесни колку ресурси имаме и во кои се ситуации можеме да ги употребиме. На пример, моите ресурси стекнати во новинарството како активно слушање или внимавање на детали од разговорот во голема мера ги употребувам и во новата професија.

Кој е профилот на вашите клиенти и каква поддршка најчесто бараат?

И. Протугер: Главно се луѓе кои сакаат да ги зајакнат лидерските вештини или да работат на личен раст. Мојата програма е насочена кон три столба: автономија, градење продуктивни релации и резилиентност.
Постигнувањето автономија ве прави слободна личност. Тоа е целта кај личниот раст. Мојот слоган е: Да се биде автор, а не актер во сопствениот живот.
Кога имате автономија, односно сте автор на својот живот, ја имате слободата на избор, на носење одлуки за ваша благосостојба и на контролата за вашето однесување, како и одговорноста за вашите одлуки е кај вас.
Спротивно на тоа е зависноста, кога мислите дека вашата среќа или цели исклучиво зависат од другите луѓе или настани, дека некој друг управува со вашето дејствување, па таму ја барате и вината за незадоволството, без преземање иницијатива за промена на непосакуваната ситуација. Тренингот за личен развој помага за градење самосвест за личните ресурси, за промена на непосакуваната состојба и насочување на ресурсите кон решенија и нови значења во животот.
Вториот столб е градењето релации. Луѓето се социјални суштества и без релации со другите не можат да опстанат. Ако ја земеме Пирамидата на човековите потреби, на врвот е потребата за самоактуализацијата, но подолу е исто толку важната потреба за припаѓање. Судирот на тие две потреби создава внатрешен конфликт, но и со другите луѓе. Јас тој конфликт често го илустрирам со една приказна на Шопенхауер за бодликавите прасиња. Во студена зима група прасиња сакале да се стоплат и почнале да се приближуваат едни до други, но боцките почнале да им создаваат болка и тоа ги натерало повторно да се оддалечат. Но, потоа потребата за топлина пак ги туркала едни кон други, па повторно далеку од болката, додека не нашле комфорна дистанца која не им создава болка, а обезбедува топлина.
За градење квалитетни релации, важни се емоционалната интелигенција (ЕИ) и ефективната комуникација.
Третиот столб е резилиентноста. Ние живееме во свет кој популарно го нарекуваме БАНИ, според првите букви на англиските термини: Brittle − кршлив, Anxious − вознемирувчки, Non-linear − непостојан и Incomprehensible − неразбирлив.
Ова време на интензивни промени бара градење отпорност и на индивидуално и на организациско ниво и вештини за позитивна адаптација кон промените.
Резилиентност или отпорност значи полесно надминување на кризи и на предизвици. Тука фокусот е надминување кризи, умешност за менаџирање на стресот и грижа за себе.

Кои се предизвиците во работата со клиентите без разлика да се работи за тренинг еден на еден или за работа со компании?

И. Протугер: Кај индивидуалниот тренинг, предизвик е клиентот да разбере дека тренерот не е решавач на проблемите, туку поддршка во пронаоѓањето сопствени ресурси, цели и решенија. Тренерот дава алатки, но промената ја прави самиот клиент. Кај компаниите голем предизвик е да се надмине стигмата дека лидерите „веќе знаат сè“ и дека не треба да учат нови вештини. Но, во динамичен свет, успешните лидери се оние кои континуирано учат – за себе, за тимовите и за начинот на кој носат одлуки.

Една од областите на ваша експертиза е она што се нарекува системски организациски развој. Тоа е сложена целина. Една компонента е инспиративното лидерство. Какви се вашите совети на тој план?

И. Протугер: Секоја компанија е уникатен систем, како жив организам. Нема друга иста таква синергија на вештини, на знаења и на лични карактеристики. Но, како што вели психологот Франциско Матурана, „системот е онолку силен колку што е силна неговата најслаба алка“. Често ја користам несреќата на шатлот „Челинџер“ како паралела – најсовремената технологија и обучени астронаути не можеа да ја спречат трагедијата предизвикана од мал гумен прстен што не бил тестиран на доволно ниска температура.
Мојата работа е да ги детектирам слабите алки во делот на меѓучовечките односи и личните предизвици. Ако во тимовите нема соработка, туку има нарушени односи, ресурсите не можат да се трошат на иновации и на раст. Додека таа компанија се занимава со внатрешни проблеми, конкурентите напредуваат бидејќи БАНИ-светот не чека никого.
Лидерството пак е „моторот“ во тој систем. Во ова време на интензивен технолошки развој, она што машините сè уште не можат да го заменат се емоциите. А тие се клучни за напредок и за раст бидејќи тие ги раѓаат мотивацијата и креацијата.
Лидерот кој ќе успее да го мобилизира најдоброто од човековиот потенцијал кон креација и раст е инспиративен.
Лидерите денес немаат само техничка одговорност, туку мора да бидат вешти во она што го нарекуваме „умеење со луѓето“. Ова е клучна точка во моите тренинзи.
Тренингот за инспиративно лидерство е насочен кон градењето убав однос со себе како услов за квалитетни односи со другите, со посебен фокус на емоционалната интелигенција (ЕИ).
Често ЕИ се поистоветува со емпатија, но таа е многу повеќе од тоа и има четири компоненти. Првата е способност за самоемпатија − препознавање и признавање на сопствените емоции. Втората е нивна регулација; третата е развој на емпатија и четвртата, која е најважна за оние на лидерски позиции, е менаџирање на интерперсоналните односи − умешноста да се извлече најдоброто од човековиот потенцијал кон остварување резултати и раст.
Тренингот за инспиративно лидерство им помага на лидерите:
• да ги развијат ЕИ и социјалните компетенции
• да изградат тимска култура што мотивира, а не контролира
• да ги користат интеракциите како алатка за продуктивност, а не како извор на стрес.
Компаниите кои сакаат да го намалат бројот на изгубени таленти или луѓе со „внатрешен отказ“ треба да размислуваат за развој на емоционалната интелигенција и на ефективна комуникација во лидерските тимови.

Друг елемент е носењето одлуки. Тоа е процес од критична важност за работењето на компаниите. Како да се постави правилно процесот на носење одлуки за зголемување на успешноста?

И. Протугер: Лидерите секојдневно носат одлуки на различни нивоа − некои во дел на нивната стручна компетентност, а многу во сферата на хуманите вештини. Тука лежи разликата меѓу комплицирано и комплексно. Комплициран проблем, како инфраструктурно поврзување на две земји на пример, има јасен пат од точка А до точка Б. Но, луѓето се комплексни суштества и нивните реакции и односи не секогаш следат предвидлива логика. Во такви случаи, емоционалната интелигенција е клучна.
Читав деновите еден текст на Атлантис кој ја доловува оваа поента и вели дека низ историјата имало уверувања дека луѓето со инженерски ум можат оптимално да ја организираат не само економијата туку и општеството. Но, кога техничката рационалност се применува на комплексни системи како што е човечкото однесување, резултатите можат да бидат и катастрофални.
Битен фактор во носењето одлуки е поставеноста на организацијата. Во вертикалните хиерархии, менаџерите носат одлуки „од горе надолу“, но динамичноста на денешното време бара флексибилност. Затоа многу компании преминуваат кон хоризонтални структури со децентрализирано одлучување, што бара автономија, преземање одговорност и начин на размислување насочен кон решенија. Во такви организации, фокусот не е на работното време или на начинот на работа, туку на испорачаните резултати. Состаноците се посветени на решенија, а не на оправдувања, што значително ја зголемува продуктивноста.

Како тренер за личен развој, кои се вашите совети во врска со градењето личен бренд?

И. Протугер: Личниот бренд не е само за тоа како сакате да бидете перципирани, туку дали на тој начин дејствувате и влијаете врз другите. Првиот чекор е јасно да ги дефинирате вашите вредности, уникатни силни страни, но и да видите какви вредности сакате да рефлектирате преку различни социјални улоги. Како родител, како партнер, како лидер или како професионалец. Потоа тие вредности ги комуницирате. Личниот бренд е најсилен кога произлегува од автентичноста бидејќи луѓето најмногу се поврзуваат со конзистентни, со искрени и со веродостојни личности. Исто е и со организациите. Потребно е да се дефинираат организациските вредности, начинот на нивно комуницирање внатре во организацијата и надвор кон клиентите.

Секој сака среќа и благосостојба (добросостојба). Кои состојки се потребни за да се дојде до таа посакувана состојба?

И. Протугер: Среќата е чувство што се јавува како одговор на внатрешни дразби – мисли, сеќавања или фантазии или на надворешни дразби преку сетилата. Добросостојбата, пак, е чувство на исполнетост и на задоволство од животот. Нејзините состојките се автономијата − кога знаете дека вие сте автор на својот живот, а не исполнувате туѓи очекувања што ве прават незадоволни, откривањето на она што ве исполнува и има смисла за вас, грижата за себе и позитивните социјални релации.
Во контекст на работните организации, сè повеќе компании инвестираат во добросостојбата на вработените, но стапките на прегореност (burnout) во развиените земји остануваат високи. Истражувањето на меѓународна компанија, спроведено по нарачка на Светскиот економски форум, покажува дека токсичната работна атмосфера е најголемиот предизвикувач на прегореноста, со влијание од над 60 % на глобално ниво. Компаниите можат да нудат фитнес програми или други здравствени придобивки, но доколку не ги адресираат прашањата поврзани со менталното здравје и со психосоцијалната средина нема да создадат вистинска благосостојба за вработените.


 

Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО