Интервјуа

Пренесуваме знаења и искуства на нашите колеги во други земји

Огнен Цубалевски | Генерален менаџер на ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија

Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2024г.

ОДВ ЕЛЕКТРИК (www.odw-elektrik.com) е семејна германска компанија основана во Steinau an der Straße, Hessen, во 1970 година. Во моментов вработува над 3000 вработени во: Германија, Унгарија, Украина, Македонија, Мексико и Тунис. Фирмата е специјализирана за конфекционирање кабли за автомобилската индустрија и е пазарен водач во неколку сегменти. Неодамна одбележа значаен јубилеј од 10 години од основањето на ОДВ ЕЛЕКТРИК во земјава. По тој повод поразговаравме со Огнен Цубалевски, генерален менаџер на ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија.



Неодамна свечено одбележавте значаен јубилеј од 10 години од основањето на ОДВ ЕЛЕКТРИК во земјава. За релативно краток период станавте модерна фабрика со 1 000 вработени, која произведува делови за автомобилската индустрија што се пласираат во Европа и во светот. Што е она што посебно би го издвоиле за развојниот пат на компанијата во изминативе 10 години?

О. Цубалевски: Започнавме со мал погон со 10 вработени и јасна визија за раст преку инвестирање во технологија и вложување во вработените и во нивниот развој. Денес сме фабрика со над 1 000 вработени; ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија е најголемата, најпрофитабилната и технолошки најсофистицираната фабрика во групацијата на ОДВ ЕЛЕКТРИК. За оваа година е планирана реализација од над 80 милиони евра. (ОДВ ЕЛЕКТРИК во Македонија работи по принципот на облагородување, погоре спомнатата бројка е кумулирана вредност кон клиентите на ОДВ ЕЛЕКТРИК.)
Десет години за да се створи фабрика и колектив со над 1 000 вработени е период исполнет со работа, со одговорност и со одлуки. Она што би сакал посебно да го издвојам е дека нашиот успех за овие 10 години во најголема мера се должи на креирањето стручен, посветен и хармоничен тим.
Наша голема гордост е што го имаме технички еден од најспремните тимови во Република Македонија. Еден од основните постулати за овој успех е политиката на унапредување исклучиво сопствени кадри – ниеден раководител во ОДВ ЕЛЕКТРИК, од самиот почеток, па сè до ден-денес, не е вработен од надвор, туку е „израснат“ од нас самите.
Сите вработени, до еден, почнуваат со работа во ОДВ ЕЛЕКТРИК на производна лента. Денешните раководители, почнувајќи од раководителот на производство и раководителот за осигурување квалитет, почнаа како оператори на производни машини, односно оператори на производна лента.
Во денешниов свет на брз индустриски и технолошки развој, нашето искуство потврдува дека инвестирање во развојот и во обуката на вработените се најсигурниот пат кон успехот на секоја компанија. Нашето 10-годишно искуство во Македонија и позицијата како најдобра фабрика и во рамките на ОДВ ЕЛЕКТРИК групацијата ја потврдува успешноста на овој пристап.

Во автомобилската индустрија се случуваат брзи промени кај иновациите и кај технолошкиот развој на производните процеси. Во последно време сè почесто се зборува и за примената на вештачката интелигенција. Што треба да направи една компанија за да може да се соочи со новите технолошки предизвици (кадровски, технички, финансиски...)?

О. Цубалевски: Вештачката интелигенција (ВИ) е веќе составен дел од нашиот живот без оглед дали сме ние свесни за нејзиното присуство или пак не сме. Во деловното окружување употребата на ВИ мора да се поддржува на секое поле.
ОДВ ЕЛЕКТРИК веќе повеќе години има модули и алгоритми за осигурување квалитет поддржани од ВИ. Овие модули, пред сè, целат кон замена на човечката визуелна контрола на производите со автоматизирана контрола поддржана од ВИ. Во моментов работиме на примена на ВИ во административната област. Веќе имаме активни модули за преведување, за диктирање текст (voice to text), како и за гласовно управување (voice control).
Благодарение на овие инвестиции се зголеми квалитетот на нашите производи, се намалија грешките и трошоците за отпад и за шкарт. Отворивме можност за попродуктивни работни места кои носат дополнително задоволство од работата, креативност, како и можност за поголеми примања за вработените.
Можностите на употребата на ВИ се практично неограничени; за мене како инженер усвојувањето и примената на оваа нова технологија е повеќе задоволство отколку обврска.

Вложувањето во сопствен раководен кадар и во високообучени работници е важно за градење на долгорочната деловна политика на секоја успешна компанија. Колку менаџментот на ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија дава можност за професионален развој во кариерата на своите вработени?

О. Цубалевски: Во Охрид и во околината беше речиси целосно изгубена индустриската традиција. Од град со силна индустрија – во својот зенит вработувајќи 25000 индустриски работници – Охрид беше претворен во град што се потпира речиси исклучително на локалниот туризам.
Согледувајќи дека немаме население со индустриско искуство, започнавме да вработуваме луѓе од сите сектори. Голем дел од нашите вработени, без нивна вина, беа невработени. За овие колеги развивме практични обуки на самото работно место.
Поголем предизвик имавме со стручниот, техничкиот кадар. Во почетокот се обидовме со расположливите кадри, со искуство од, во тоа време веќе речиси целосно замрената, охридска автомобилска индустрија. Овој обид не функционираше, па моравме да почнеме да градиме сопствен кадар. Уште од тогаш, па сè до денес, имаме отворен конкурс за сите кои завршуваат кој било од техничките факултети. Креиравме внатрешна програма за обука и за доусовршување. Оваа програма бара многу повеќе време и поголем ангажман од практичната обука. Секој од тие млади луѓе – речиси сите свежо излезени од факултет и без претходно работно искуство – поминува процес на обука од 8 месеци во сите сектори на производството.
Тој наш напор, таа наша почетна инвестиција, ни се врати многукратно. Луѓето се со нас во ОДВ ЕЛЕКТРИК од самиот почеток, поминаа низ сите процеси на производство и имаат јасна слика за компанијата во целост.
Во почетокот бевме фокусирани претежно на знаењата и на вештините потребни во непосредниот процес на производство (hard skills), сега обуката ја проширивме и на процесот на личниот развој и на капацитетот за лидерство (soft skills) на раководниот кадар.

Колку досегашната политика за развој на технолошко индустриските развојни зони им помогна за унапредување на производството и за развој на компаниите? Дали е потребно менување во регулативата која се однесува на даноците, на царините, на вработувањето или за подобрување на инфраструктурните услови во зоните, на деловната клима во земјава и сл. Што треба да се направи во идниов период за да имаме повисока додадена вредност од компаниите кои дејствуваат во развојните зони?

О. Цубалевски: Концептот на привлекување странски инвестиции и формирање ТИРЗ-зони е најдобрата економска програма во Република Македонија. Законската рамка е одлична прилика за секој евентуален странски инвеститор. За Македонија, оваа политика значеше носење не само на странски капитал туку носење и на современа технологија, знаење, организациски процеси и техники. Преку влегувањето на крупни странски компании во Македонија, нашево стопанство стана дел од светскиот синџир на додадена вредност, колегите вработени во странските компании научија технологија, производни процеси и организација на претпријатието какви што постојат во најразвиените земји на светот.
Прашањето за зголемување на додадената вредност во ТИРЗ-зоните е актуелно веќе подолго време. Тука станува збор за еволутивен процес на развој на кадри и на организациски структури во Македонија, што ќе овозможат креирање на поголема додадена вредност на странските инвестиции во Македонија.
Забележувам еден широк тренд на зголемување на капитализацијата на странските компании. Овој тренд се должи на две причини. Цената на работна сила се зголеми за повеќе од двојно во однос на цената што ја имавме пред 10 години. Од друга страна, странските компании изградија кадар кој веќе е во состојба да управува со комплексни технолошки процеси. Овие два одвоени процеси резултираат со многу поголеми капитални инвестиции кои ги зголемуваат продуктивноста и конкурентноста на компаниите на светскиот пазар.
На овој начин Македонија продолжува по патот што го изодеа речиси сите земји на бившата Источна Европа – од земја со ниска цена на работната сила кон земја со софистицирана технологија и комплексно производство.
Од страна на Владата на Република Македонија посакувам повторно да се актуализира членството во Европскиот економски простор каде што, освен земјите на ЕУ, членуваат и Норвешка, и Исланд, и Швајцарија. Оваа наднационална организација овозможува царинска унија со ЕУ, како и слободен проток на луѓе и на капитал, нешто како ЕУ минус политичката компонента. Ова членство не е во спротивност со аспирациите на Македонија за полноправно членство во ЕУ.
Освен тоа, неопходна е професионализација на државната администрација. Не е можно по секоја промена на партијата на власт да се променат сите директори на болници, на училишта, на јавни установи. Едноставно, не е можна замена на знаењето и на професионалното искуство со лојалност и партиска припадност. Отсуството на професионализам многу му штети на целово општество.

Кои се вашите очекувања и планови во однос на идното функционирање на ОДВ ЕЛЕКТРИК?

О. Цубалевски: ОДВ ЕЛЕКТРИК ќе продолжи да инвестира во своите кадри и во врвна технологија. Очекуваме и понатаму капитални инвестиции во софистицирано производство, натамошни иновации во производната технологија, како и инвестиции во ВИ. Нашава компанија ќе биде и компанија во групацијата на ОДВ ЕЛЕКТРИК која ќе ѝ даде техничка поддршка и обука на новоформираната компанија во Тунис. Шансата да се пренесат нашите знаења и искуства на новите колеги во Тунис ќе биде големо признание за сите колеги во Македонија.

Колку можат глобалните случувања, силната конкуренција во автомобилската индустрија, како и потенцијалната трговска војна поврзана со продажбата на електрични автомобили да влијаат на работењето на компаниите од овој сектор?

О. Цубалевски: Глобалните економски и геополитички случувања се многу важни. Автомобилската индустрија е една од најглобалните индустрии и во моментов се соочува со повеќе трансформации:
• Технолошка трансформација број 1 е промена на автомобилскиот погон од мотори со внатрешно согорување кон мотори на електричен погон, водородни или пак хибридни мотори.
• Технолошка трансформација број 2 е автономното возење. Успехот на воведувањето на оваа технологија ќе доведе до целосна промена на концептот на возилото и на нашето искуство за возилото, сè до потполно напуштање на концептот на личен автомобил и негова замена со автомобил/превозно средство по потреба.
Од компаниски аспект, оваа технолошка промена и иновациите ќе доведат до темелни промени во синџирот на додадена вредност во автомобилската индустрија.
• Миграција на иновациите и на технолошкиот развој од Европа/Северна Америка кон Кина и Југоисточна Азија. Главниот мотор на иновациите е Југоисточна Азија која има водечка позиција во производството на електрични автомобили, на батерии и интеграција на софтверски решенија и решенија базирани на вештачката интелигенција во автомобилите. Еден пример за автономно возило е кинеската компанија Баиду Аполо (BAIDU APOLLO [Intelligent Driving System - Baidu Intelligent Driving Solutions and Automotive Intelligent Products - Baidu Apollo]).
• Геополитички промени и трговски војни. Поместувањето на економската динамика и иновациите од Европа/Северна Америка кон Југоисточна Азија повлекува со себе и силни геополитички промени. Веќе сме сведоци на повторно воведување царински бариери и деглобализација. Резултатот од овие потреси и економски војни ќе се одрази на секоја глобална компанија.
ОДВ ЕЛЕКТРИК произведува компоненти кои се независни од автомобилскиот погон и ќе останат пазарно актуелни и по евентуална конверзија на погонот. Компанијата инвестира многу во обука и во усвојување на вештачката интелигенција (ВИ), што ќе ни овозможи да останеме успешни и конкурентни во секое можно идно сценарио. Производните погони се распоредени во сите светски региони (освен Азија), што овозможува присутност на сите пазари во сите можни сценарија.

Што значи на личен план живеењето во Струга?

О. Цубалевски: Како човек што е роден и пораснат во Скопје, а од својата 24-та година поминал 20 години во странство, пред сè во Австрија и во Германија, животот во Охрид ми е враќање на корените. Уживам во прекрасната природа, во топлината на нашиот народ, во едноставноста на живеењето во една мала средина каде што нема сообраќаен метеж, каде што нема магла и смог.
Ангажманот на ОДВ ЕЛЕКТРИК и на останатите странски инвестиции во Охридско-Струшкиот Регион може да се види на секој чекор – искоренета невработеност, зголемени плати, зголемен животен стандард, верба и оптимизам во иднината. Платите се зголемија во целиот регион, речиси и да се искоренети вработувањата „на црно“, навременото исплаќање на платите и почитувањето на останатите социјални бенефити на работниците се почитува во сите компании.
На крајот би сакал да додадам и една блага патриотската компонента. Особено задоволство ми е што знаењето и искуство од Германија успешно се пренесоа на колегите во Македонија. Особено задоволство ми претставува што ОДВ ЕЛЕКТРИК во Македонија стана најголемата, најзначајната и најуспешната компанија во групацијата ОДВ ЕЛЕКТРИК.
Во почетокот, нашиот мал тим беше обучуван и оспособуван од нашите колеги од странство. Успеавме да ги усвоиме најстрогите светски стандарди за производство и за организација. Во моментов, нема ниеден аспект од индустријата каде што македонскиот тим и фабрика не се на ниво на врвните светски стандарди, во многу аспекти сме дури и подобри од нив.
Особено сум горд што покажавме дека Македонија и Македонците, со вистинска поддршка, со обука и со организација, се во состојба да изградат фабрика која веќе 10 години функционира по најстрогите светски стандарди, која е на светско ниво една од најуспешните во својата индустрија, организација која е за пример и служи како поддршка на своите колеги во останатите компании на ОДВ ЕЛЕКТРИК во светот.

Разговараше:
Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО