Бизнис
Павлов: Гледано по реализација, 2024 година ќе биде подобра година од 2023 година
Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2024г.
Тони Павлов, директор на ДИВИ Македонија
Какви се вашите очекувања за градежниот сектор за 2024 година?
Гледано по реализација, 2024 година ќе биде подобра година од 2023 година за градежниот сектор. Тоа ќе се должи на планираните и на започнатите капитални проекти во инфраструктурата, односно патишта и железници (коридорите 8 и 10 од 1,3 милијарди евра на Бехтел и Енка, трите делници од железницата од Куманово до граница со Бугарија од околу 580 милиони евра).
Сепак, и покрај реализацијата на овие капитални проекти, македонскиот градежен сектор ќе се соочи со големи предизвици. Во реализацијата на овие капитални проекти директно се вклучени странски компании како изведувачи, но и во секторот услуги (консултанти и проектанти). Домашните компании од градежниот сектор ќе мора да најдат начин како да се вклучат во проектите како подизведувачи притоа соочувајќи се со ниски цени и различни условувања. Придобивките во градежништвото и во економијата воопшто, од реализацијата на овие капитални проекти, секако ќе беа поголеми со директно учество на домашниот градежен сектор.
Падот на градежништвото во третиот квартал од 2023 година, нетипичен за тој период од годината, ќе треба да нè загрижи и да нè натера да направиме анализа на што се должи тој пад. Дали е поради недоволната искористеност на градежниот сектор, од ликвидноста на инвеститорите? Во која мера директната изоставеност на македонските компании во реализацијата на капиталните проекти во инфраструктурата ќе се одрази во стопанството?