Финансии / Банкарство
Развојна банка го дигитализира процесот за кредитно осигурување
15.03.2024г.
Развојната банка на Северна Македонија, Активноста на УСАИД Партнерства за eкономски раст, Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ (спроведени од Паладиум Интернешнел), потпишаа договор за набавка на нов дигитален производ на домашниот финансиски пазар - дигитална алатка за кредитно осигурување.
Целта на оваа соработка е да се одговори на потребите на домашните компании за раст и развој, односно да се олесни пристапот на компаниите до посоодветни инструменти и решенија за управување со финансиите. Ова софтверско решение ќе ја олесни и забрза комуникацијата и ќе им помогне на компаниите поедноставно да ги користат инструментите кои ги нуди Банката за олеснување на трансакции, особено во делот на обезбедување на побарувањата, осигурување на извозот и факторингот. Решението ќе биде поставено на веб-платформата на Развојната банка и целосно прилагодено за употреба од страна на компаниите.
Минатата година, согласно интерната анализа на Развојната банка и потребите за пристап до финансии на приватниот сектор, Банката успешно реализираше кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација, со поддршка од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ.
Дигитализацијата на еден од клучните процеси на Банката ќе придонесе за директно зголемување на осигурениот извоз, како и извозниот и домашен факторинг. Дополнително, овој процес позитивно ќе влијае врз инвестициите на компаниите и отворањето на нови работните места.