Lifestyle
Филмски омнибус во чест на Ацо Шопов
Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник
Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.
НЕБИДНИНА
Вредната екипа на аниматори и на филмски автори, воедно и организатори на Флипбук филм фестивал, на извонреден начин се приклучи кон прославата на големиот јубилеј − сто години од раѓањето на Ацо Шопов, еден од најголемите македонски поети. На 10 август, во дворот на Кинотеката на Македонија, најновото издание на Флипбук фестивалот беше свечено отворено со премиерата на „Нeбиднина“ − филмски омнибус кој содржи четири анимирани филмови инспирирани од творештвото на Ацо Шопов. Како автори се потпишуваат Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.
Идејата за анимирање на песните на Шопов се родила пред две години на една средба со неговата ќерка Јасмина Шопова. Taa била добро запознаена со претходното творештво на авторите и веќе ги имала гледано повеќето нивни филмови. „Небиднина“ е комплексен креативен потфат не само поради одговорноста што се подразбира при ваков тип на „задача“. Жарко Иванов ќе нагласи дека „анимираниот филм, спротивно на играниот кој има повеќе прозаична форма, е измислен и створен од ништо, од бел лист хартија. Ликовите и сцените се нацртани или дизајнирани со рака, а аниматорот физички се соочува со секој кадар и во зависност од техниката на анимација, му дава графичка содржина. Со тоа многу полесно и поигриво успева да ја визуализира суштината на поезијата која, пак, преку стих успева да искаже чувства на концизен начин“.
Во однос на самиот креативен процес, авторите заеднички ги одбрале песните водејќи се од сопствениот уметнички сензибилитет, но и од желбата да се покријат различни периоди од творештвото на Ацо Шопов. Лукаш во комбинирана техника од цртеж и стоп-анимација со кукли ја работи „Во сонот на црната жена“ од 1976 година, песна инспирирана од престојот на Шопов во Сенегал. Ивановски во техника акварел ја анимира „Небиднина“, песна од истоимената збирка издадена во 1963 година. „Грозомор“ е песна инспирирана и напишана непосредно по скопскиот земјотрес, која Господиновски ја работи во техника која комбинира стоп-анимација и тајм-лапс со органски материјали, следејќи го нивниот процес на распаѓање. Конечно, Иванов во традиционална 2Д-техника ја визуализира „Долго доаѓање на огнот“ од 1967 година, пристапната песна на Шопов во Македонската академија на науките и уметностите.
Крсте Господиновски | Грозомор
Жарко Иванов | Долго доаѓање на сонот
Иван Ивановски | Небиднина
Владимир Лукаш | Во сонот на црната жена