Интервјуа
Симовски: Да бидеме внимателни каква работна сила да примиме
Разговор со Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика на Македонија
Разговараше: Митко Јовановски | 09.03.2024г.
Вкупното работоспособно население во Македонија во 2022 година бележи намалување од 0,3 отсто и има намалување за 4.241 лице во споредба со 2021 година. Воедно, активното население бележи пад од 1,4 отсто или има намалување за 11.814 лица. Од друга страна македонските компании се соочуваат со недостиг на квалификувани работници, кои се повеќе се иселуваат во другите земји од регионот и Европа. За тоа каква е состојбата со пазарот на трудот во нашата земја и какви се трендовите за бројот на вработените во наредниот период разговаравме со Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика на Македонија.
Каква е кусата статистичка анализа за состојбата на пазарот на трудот во Македонија?
-Нема човек во Македонија кој не би сакал сите наши невработени лица да бидат вработени во домашни компании. Имаме недостаток на работна сила. На нашата економија и треба работна сила. Oд друга страна, имаме некоја бројка на невработени, која треба да се изанализира од апсект каков профил се невработени лица? Кој е образовниот и професионален капацитет на луѓето кои се регистрирани како невработени. Најголем дел од нив се без квалификации. Тоа е проблем што не е едноставно решлив. Тие луѓе треба да се стекнат со некои квалификации за да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Треба да го поставиме прашањето колку од нив се пријавуваат како невработени за да добиваат некоја социјална помош. Ова е сложен фокус на прашања. Во моментов ни се намалува работната сила. Вкупниот број на активно население ни се намалува, исклучиво заради иселувањето на луѓе кои треба да се појават на пазарот на труд. Со нив се иселуваат и младите деца кои би требале да бидат иден потенцијал за пазарот на трудот. Тоа е најстрашното. Добро е што се намалува бројот на невработените. Но да не се радуваме премногу, добар дел е поради иселувањето на работоспособно население.
Колку намалувањето на невработеноста во Македонија е одраз на зголемените барања на стопанските субјекти за нови работници?
-Добар момент е што на економијата и треба потенцијал. Лошо е тоа што не се наоѓа. За жал најстручните луѓе си заминуваат од државава. Ако пред 30-40 години имавме висока миграција и одеа во најголем број неквалитетните кадри, сега на странските пазари се бара стручен потенцијал односно работници со знаење и вештини. Тоа е нешто што треба да не загрижи. Меѓутоа, имаме и добри показатели, тоа е што економијата почна да апсорбира сè повеќе работна сила. Тоа е одличен показател, исто така заслужен за намалување на бројот на невработените. Независно од тоа колку е поради нововработени лица. Ние ја анализираме состојбата на невработеност во Македонија и нивното намалување. Има и флуктуациии. Сите стопански комори велат дека нам ни треба работна сила. Тоа што е потенцијал на невработени не ги задоволуваат потребите на домашните компании. Ние ќе бидеме принудени да увезуваме работна сила. Тоа е нешто што ни е иднина, без разлика дали е убава или не. Тоа е нашата состојбата.

Неделава почна да се применува процедурата за либерализиран пристап на работници од земјите на Отворен Балкан. Како ова ќе се одрази на домашната понуда на работна сила?
-Не можам да давам прогнози како ќе се одвива тој процес на флуктуација на работници во рамките на Отворен Балкан. Потребни се поголеми економски анализи. Немам доволно податоци за состојбата на пазарите во соседните земји. Но тоа е процес што нема да запре. Проблем на нашето општество е што сме затворено општество. Ние сме доста хомофобични за прием на луѓе од надвор. Да не заборавиме какви реакции имаше за мигрантската криза. Не верувам дека некој ќе прави проблем ако ни дојдат луѓе од Западна Европа. Тоа нема да се случи. Објективно, ако здраворазумски се размислува според тоа што е нашиот животен стандард, е дека ќе дојдат работници од земјите со понизок стандард на живеење. Ако го гледаме и примерот со Хрватска, ќе видите во Загреб кој ќе ве послужи со кафе. Тие ја разбраа потребата од странски работници. Проблемот е тоа што процесот на глобализација е неизбежен. Тоа бара одредено време на прилагодување. Но кај нас е проблем што тоа треба да го сфатиме брзо.
Во проекциите за развој на Македонија се предвидуваат и годишен раст на економијата од пет отсто. Можни ли се такви стапки на раст ако имаме ограничени ресурси во работна сила?
-Ова е релативно прашање. Ако некое стопанство има ниска основа и со мало поместување на еконоските текови се прави голем скок. Не може од некоја развиена земја како Германија да очекуваме годишен раст од над еден отсто. Можно е и тоа, но мора да има некои екстремни случувања. Клучно е тоа што излеговме со проекции со различни сценарија и сите тие не се добри. Но тоа е резултат за тоа што може да ни се случи во иднина. Тоа се прогнози, но не значи дека ќе биде така. Тоа се укажувања што би можело да се случи и се добра основа за тие што креираат политики. Сите сценарија покажуваат дека ние ќе мораме да увезуваме работна сила. Да бидеме внимателни и да се креираат политики каква работна сила да увеземе. Во Германија не може да оди секој што сака. Има критериуми кој може да влезе на тој пазар на труд. Тие ги анализираат потребите на својата економија и го бараат тоа што им е најдобро.
Во проекциите на Државниот завод за статистика до 2070 година се предвидува нулта миграциското салдо да го постигнеме од средината на 2050-тите. Пикот за иселувањето ќе го достигнеме 2030 година, кога бројот на иселени лица ќе достигне 20.439 лица. Во 2060 година ќе имаме позитивно миграциско салдо од 2543 лица. Колку се реални овие предвидувања за населението и работната сила во земјата?
-Населението и работната сила одат едно со друго. Очекувањата клучно се базирани на влезот во ЕУ. Ова не го говорам од политички позиции. Го говорам стручно. Бидејќи сите компаративни анализи покажале дека земјите кои станале членки на ЕУ, сите земји без исклучок, на почетокот во процесот на пристапување и непосредно по зачленувањето имаа негативни последици и одлив на население и на работна сила. Подоцна се случува реверзибилен процес на враќање. Сите останати работи во општеството и економијата добиваат редовни текови. Луѓето размислуваат порационално и сакаат да се вратат и да имаат дома пристоен живот. Со илјада евра приход во Македонија и илјада евра во Германија, има огромна разлика. Сите анализи даваат дека самиот процес носи подобар квалитет на живот во сопствената земја. Второ, ЕУ фондови се на располагање за јакнење на економијата и можноста за влегување на повеќе работници се поголеми. Тогаш може и да се бира какви работници ќе ни се потребни од надвор. И од каде ќе примаме. Во последните 30 години решенијата што ги применувавме не ни дадоа резултати. Дали погрешно ги применуваме или не е тема за дискусија. Сите примери на земјите кои по 90-тите станале членки на ЕУ имаат исто искуство. И ние ќе поминеме низ тој процес, секако ако ги интезивираме напорите за влез во ЕУ.