Анализи
Пондерирани каматни стапки на новоодобрени кредити со обезбедување
20.11.2023г.
Веќе стана навика да се зборува за нивото на каматните стапки на секојдневна основа, затоа што и да не постои физичко лице или компанија која не е ефектуирана од нивната промена. Целокупната економска слика во голема мера е детерминирана од нивото на каматните стапки, а последните 6 месеци НБРМ води активна политика на зголемување на референтните каматни стапки со цел да се спречи високото ниво на инфлација, што во крајна мера ги зголеми каматните стапки кај деловните банки. Во оваа анализа ќе посветиме особено внимание на пондерираните каматни стапки кај новоодобрените обезбедени кредити, односно кај хипотекарните и станбените кредити, а исто така ќе ги анализирае и обезбедените кредити кај нефинансиските институции(компаниите). За таа цел ќе се послужиме со табела генерирана од статистичкиот веб портал на НБРМ, прилагодена за потребите на анализата.
Од табелите може да се извлечат следните заклучоци:
- Каматните стапки кај денарските кредити без валутна клаузула биле најниски во 2021 година во износ од 3,67%, додека оваа година го достигнаа врвот со 5,37%. Тоа значи дека новите корисници на овие кредити плаќаат годишен трошок поголем за 1,7п.п, односно тоа претставува пораст од 32%. Ако се анализира каматната стапка низ процентуалниот пораст, испаѓа дека сепак оваа категорија е една од оние кои најмногу биле погодени од инфлацијата.
- Најевтини кредити нуделе големите банки и тоа во 2021 година со пондер од 3,52%, додека најскапо наплаќале малите банки, со пресекот од 2023 година, кога каматните стапки достигнале ниво од 5,63%
- Кај физичките лица интересен момент е тоа што малите банки во континуитет од 2020-2022 нуделе највисоки каматни стапки, споредено со другите категории на банки, но во 2023 година тие имаат најповолни услови. Каматната стапка изнесува 4,96%, што е за 0,6п.п. пониско од просекот. Ваквата политика може да значи дека малите банки во услови на пониски каматни стапки се насочени кон повисок принос кај помалку клиенти, додека во услови на високи каматни стапки преферираат пониски приноси, но со зголемена диверзификација на клиентелата. Останува да видиме како овие стратегии ќе се одразат врз балансите на банките и крајно врз нивната профитабилност, ако се земат во предвид пасивните каматни стапки.
- Потрошувачките кредити испадна дека се “најтврд орев”, односно се најмалку респонзивни на промените. За време на анализираниот период нивното ниво е зголемено за само 1%.
- Каматните стапки на кредитите без валутна клаузула кај компаниите растеле со многу побрза динамика, во споредба со каматите кај физичките лица. Имено, тука е регистрирано најниско ниво во 2021 година од 3,41%, додека оваа година тоа ниво се искачи на 5,33%, на ниво на банкарски сектор. Скок од 1,92п.п или 36% зголемување на трошокот за камата. Кај оваа категорија, токму малите банки предводат според висината на каматите кои ги наплаќаат во 2023 година со 6,3%, што е за цели 3% повисоко ниво од тоа што големите банки го нуделе во 2021 година. Ваквите бројки се навистина дестимулирачки за стопанството и ќе видиме како овие трендови ќе се одразат врз БДП.
- Горните турбуленции во однос на висината на каматните стапки се драстично помали кај корисниците на кредити со валутна клаузула. Тука веќе може да зборуваме за поумерен пораст, кој својот пик го достигна во 2023 година на ниво од 4,44%, што е скоро за 1п.п пониско од каматните стапки без валутна клаузула.
- Во оваа категорија најдостапни биле станбените кредити кај малите банки во 2021 година, со просечен пондер од 2,85%, додека највисоки каматни стапки се регистрирани кај средните банки во 2023 година на ниво од 4,5%. Ваквиот тренд кај средните банки е во голема мера предизвикан од растот на каматите кај потрошувачките кредити, кои во 2023 година достигнале ниво од 6,21%.
- Ако кај останатите типови на кредити имаше континуиран тренд на пораст на каматите, кај компаниите се чини дека последната година била последна по која банките може да финансираат со поволни услови. Ако во 2022 година големите банки имаа просек од 2,85%, оваа година тоа ниво е искачено на 4.99%. Овој скок претставува 75% пораст на каматнините стапки, или над 2п.п.
(Е&Б)