Вести

Уште една уставна раскрсница

Драган Тилев | авторот е државен советник за европски прашања

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.

Уставни измени не треба да се прават заради партиски цели и интереси, туку исклучиво заради остварување на нашите државни стратешки интереси. Во нашата релативно кратка современа историја сме поминале низ процесот на уставни измени, неколку пати самоиницијативно заради внатрешните неопходни реформи, неколку пати под притисок на надворешните случувања, но секогаш на крајот со пошироко општествено разбирање за неопходноста од промените. Општеството созреваше низ тие уставни измени, низ политичките турбуленции и низ безбедносните предизвици поврзани со уставните измени. Уште еднаш сме пред испитот на зрелоста и отпорноста на општеството и пред прашањето дали ќе можеме да издржиме уште еден товар на нашите плеќи или, истото прашање поставено обратно, дали ќе можеме да го „симнеме“ товарот од нашите плеќи и да продолжиме понатаму кон остварувањето на нашата стратешка цел, полноправно членство во Европската Унија.

Уставните измени колку и да се едноставни не се прават лесно, и не само поради комплексната процедура, туку уште повеќе поради политичките „триења“ и општествените анимозитети кои ги стимулираат и ги мотивираат измените. Тоа се моменти на прекршување, кога разумот мора да надвладее, аргументите треба трезвено да се анализираат, општествената зрелост да се покаже на јавна сцена, а политичкото лидерство да ја потврди својата способност дома, но и пред меѓународните стратешки партнери дека може да се носи со глобалната политичка реалност и да се прилагоди на меѓународните движења. Треба ли да потсетуваме дека се случи агресија на Русија над суверена Украина или дека ветерот на војната силно се чувствува и на нашиве простори и дека годините кои доаѓаат поверојатно е дека ќе бидат потешки од оние кои изминаа. Во такви времиња збивањето на редовите и следењето на политичкиот компас на нашите стратешки сојузници е прашање на здрав разум.

Неспорно е дека предлог за пристапување кон измена на Уставот, согласно член 130 од Уставот, може да поднесе и Владата со соодветно образложение. Процедурата и роковите се подетално разработени во Деловникот за работа на Собранието, тргнувајќи од предлогот за пристапување кон измена на Уставот, кој се претресува во целина, а одлуката за пристапување кон измена се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници во кое, поради карактерот на одредбите кои се менуваат, мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државава.

Во следната фаза предлагачот, односно Владата ќе треба да го изготви текстот на нацрт-амандманите на Уставот и да го достави до претседателот на Собранието кој го проследува до членовите на Собранието. По претресот на секој амандман пооделно во Собранието, Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, се утврдува нацртот на секој амандман. Потоа се ставаат на јавна дискусија од која Владата како предлагач доставува извештај до Собранието заедно со изготвен текст на предлог-амандманите на Уставот. Во наредната фаза, членовите на Собранието можат да поднесуваат амандмани на текстот на предлог-амандманите на предлагачот, кои поминуваат повторно низ расправа во Собранието, Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија, каде со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници се утврдува предлогот на секој амандман одделно.
На крајот амандманите се донесуваат од страна на Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на зедниците кои не се мнозинство во државава, по што Собранието донесува и одлука за прогласување на амандманите на Уставот со истото мнозинство како и при нивното донесување.

Поводот и причината за иницијативата за отворање на Уставот може да се пронајдат во низата усвоени официјални документи кои, во еден краток еволутивен процес, ја наметнаа обврската за измена на Уставот, поддржана едногласно од сите земји членки на ЕУ. Поради нивната важност ги наведувам формално попрецизно со точно лоцирање на експлицитно наведената обврска за измена на Уставот, и тоа во точка 3 од Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, кој се оддржа на 17 јули 2022 година, потоа во точката 4 од Заклучоците на Советот на Европската Унија од 18 јули 2022 година, како и во точка 11 од Воведната изјава на ЕУ, од Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија од 19 јули 2022 година и точка 15 од Воведната изјава на Северна Македонија од Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија од 19 јули 2022 година.

Исто така, повторно формално прецизно, важно е да се нагласи дека со точката 5 од Заклучоците на Советот на Европската Унија од 18 јули 2022 година е одобрена и преговарачката рамка, во согласност со новата методологија од март 2020 година и одлуката на Советот на ЕУ за отворање на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија од 25 март 2020 година, потврдена од Европскиот совет на 26 март 2022 година. Отворената прва фаза од Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година ќе биде заокружена со вториот состанок, откако ќе се усвојат и ќе влезат во сила договорените измени на Уставот, кога ќе биде официјално презентирана и содржината на општиот став на ЕУ, составена од воведната изјава на ЕУ за отворање на пристапните преговори, преговарачката рамка и Ппроцедурите за преговори и нивната организација.

Измената на Уставот и внесувањето на Бугарите, заедно со делови од други народи во Преамбулата, не може да го разреши прашањето на македонските идентитетски белези, но може да го отвори патот кон европската иднина на Северна Македонија, на сите македонски граѓани, а со тоа и на Македонците. Идентитетските белези и нивната историска генеза несомнено се наше внатрешно прашање кое зависи од нашиот капацитет да се соочиме со историските дилеми, факти и вистини. Македонската историја, македонскиот јазик, нашата мултиетничка државна и мултиконфесионална структура се доволно цврста основа аргументирано да се избориме за нашето место во овој географски простор, оптоварен со балкански епови испреплетени со за нам својствени „балкански итроштини“, креирани неприродни анимозитети и дилеми кои тргнуваат од античките херои, преку Римската, Византиската и Османлиската Империја, сè до поновите балкански и две светски војни, со епилог во болниот распад на екс Југославија и формирањето на мали држави кои аспирираат кон членство во ЕУ и НАТО. Тенденцијата е политички природна, економски оправдана и поддржана од големо мнозинство на македонските граѓани и пошироката јавност. Македонската евроатлантската ориентација никогаш никој посериозен политичар, а ниту огромното мнозинство граѓани, не го ставил под знак прашање или имал каква било дилема за тоа. Факт е дека полноправното членство во Европската Унија останува наша клучна стратешка цел и е оптимално најдобрата опција за македонското општество. Тоа не е прашање на избор, туку на здрав разум. Зошто? Едноставно затоа што секое рационално размислување води кон истиот заклучок, а тоа е дека географските, историските, економските и трговските вековни врски природно е да резултираат и со политички и безбедносни трајни врски. Силата на геополитичката гравитација е лекција од историјата која би требало секој посериозен политичар и лидер до сега да ја има научено. Се надевам дека е така бидејќи секое отстапување од оваа логика и рацио може да нè однесе на погрешната страна што има сериозен потенцијал да доведе до непотребно губење на енергија, ресурси и време.

Унитарноста на македонската држава и нејзината европска иднина е клучниот државен приоритет. Има ли поголема и поважна цел од тоа? Лично сметам дека нема бидејќи тоа е колективниот аманет оставен од нашите претходници кои се вградиле во темелот на кој стоиме ние денеска. Точно е дека историските наследства не смее да нè оптоваруваат, ниту да нè ограничуваат, но исто така е точно дека не смееме да ги заборавиме историските лекции бидејќи тоа би била најголемата грешка која може да ја направи лидер или политичар од која било генерација. Сè друго, не велам дека е помалку важно, но како цел се подразбира само по себе, вклучително и обезбедување на економски раст и просперитет, и градење на одржливи демократски институции, и воспоставување на политичка култура на толеранција, еднаквост, почит кон другиот и кон различностите и подготвеноста за компромис како неопходност за напредок.
Со членството во НАТО генерациски овозможивме безбедност и сигурност за сите наши граѓани, во признатите граници на унитарна, суверена и демократска држава за која се вложиле генерации пред нас, но и наши современици, каде може сите слободно да ја изразиме својата етничка припадност како Македонци, но и како Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, зошто да не и како наши сограѓани Хрвати, Црногорци, Бугари и други, да говориме на македонски јазик, но и на албански, турски, влашки, српски, ромски, босански, а зошто да не и на хрватски, црногорски, бугарски и други.

Кон остварување на полноправно членство во Европската Унија тргнавме и сме на пат да ја оствариме, но политички наивно е да веруваме дека ќе ја реализириме лесно, брзо и без нови предизвици и компромиси. Клучното прашање е дали сме способни да ги препознаеме границите преку кои компромисот го загрозува нашиот идентитетски алгоритам, историски корени и унитарноста на нашата единствена македонска држава бидејќи немаме резервна. Дали сме кадарни да ги презентираме нашите непобитни аргументи и да ги убедиме сите да ги сослушаат и да ги прифатат нашите факти? Нешта кои нè прават тоа што сме и кои сме, нешта кои го трасираат патот по кој сакаме да се движиме и определуваат како и со која брзина да стигнеме таму каде што сме наумиле да бидеме.

Времето е исто така важен фактор, одлуките треба да се донесат во вистинскиот момент, кога тежат и кога значат нешто. Недонесување на одлуки не е опција за нас, но и донесување на погрешни или ненавремени одлуки исто така е погубно. Денеска не е лесно да си политичар. Од нивната способност, компетентност, харизма и визија зависи нашата иднина, како граѓани и како држава. Грешките имаат своја цена.

Компромисите се составен дел на политичката култура. За мали држави, во која група спаѓа и (Северна) Македонија, потребата од компромиси и способноста за преговори и остварување на нашите интереси е неколкукратно поголема од таа за големите држави или системи каков што е Евроатлантскиот сојуз, кои ги диктираат правилата на игра и ја утврдуваат геополитичката динамика. Способноста за „читање“ на пораките и насоките е вештина која е неопходно да ја совладаат сите наши политички лидери, независно во која идеолошка рамка дејствуваат. Најважните пораки се испишани со мали букви или воопшто не се во пишана форма, или дури не се ниту директно изречени, но се подразбираат за оние кои ги разбираат. Имавме изминативе децении времиња кога не успеавме да ги прочитаме пораките или не ги слушнавме, или не ги разбравме, а најлошите времиња беа кога сметавме дека пораките не се важни, па ги игнориравме. Немаме таков луксуз да ги повторуваме истите грешки и овој пат. Работите на геополитички план се движат многу брзо, промените се трајни или барем, мерени со човечкиот животен век, долгорочни. Затоа одлуките мора да се донесуваат во òд, и уште поважно, не смеат да бидат погрешни бидејќи можат да бидат погубни, односно на краток и среден рок би можело да доведат до дезориентација во нашите надворешно-политички движења или дури и делумна изолација од крупните евроинтеграциски процеси. Тоа, секако, нема да биде добро за нас како држава, за нашите граѓани, а ниту ќе биде стимулативно за нашата економија и економските оператори и за инвестициските циклуси кои ни се толку многу неопходни.

ПРЕПОРАЧАНО