Вести
КаСис го зајакнува женското лидерство и иновациите во регионалната платежна индустрија
30.05.2023г.
Загреб ќе биде домаќин на Првата регионална конференција на Европската мрежа на жени во платежната индустрија во Југоисточна Европа, во ко-организација на КаСис АД Скопје.
Европската мрежа на жени во платежната индустрија (EWPN) ја организира својата прва регионална конференција во Југоисточна Европа, која ќе се одржи на 1 јуни во Загреб. Настанот е инициран од група на исклучителни жени, жени лидерки, професионално ангажирани во платежната и картична индустрија, платните системи, банките и финансиските институции и амбасадорки на EWPN од Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Србија. Целта на конференцијата е подигнување на свеста во регионот за значењето на новите технологии и трендови во финансискиот сектор, но истовремено и зајакнување на вклученоста на жените лидерки кои со својата работа, придонес и посветеност континуирано поместуваат граници и афирмативно влијаат на новите генерации. Коорганизатор на конференцијата е КаСис АД Скопје, единствениот македонски процесор од областа на картичното работење, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички.
Филомена Пљаковска-Аспровска, претседателка на Управниот одбор и главна извршна директорка на КаСис, и амбасадорка на нашата земја во EWPN, го истакна значењето на оваа конференција за регионот. „Нашата цел е да ја зајакнеме вклученоста на жените лидерки кои континуирано ги поместуваат границите и позитивно влијаат на новите генерации“, нагласи таа. „Панелот што го модерирам ја нагласува важноста на „Лидерството низ промени“, затоа што во индустриите, особено оние кои брзо се развиваат поради иновативните технологии и дигитализацијата, успешните лидерки мора да се прилагодат на новите услови и ефикасно да управуваат со промените.“
Конференцијата нуди богата програма и презентација од глобални лидерки во индустријата и панел дискусии предводени од амбасадорките на EWPN од регионот. Различните теми избрани за овие дискусии ќе поттикнат поширока дискусија за унапредување на финтек индустријата, картичната индустрија, платните системи, онлајн трговијата, како и за работењето на банките и финансиските институции.
Во фокусот на конференцијата e женското лидерство и зајакнување, а на настанот ќе има презентации од истакнати компании како CaSys AD Македонија, Payoneer SEE, AirCash Hrvatska, Easy Pay Albania, Monri Payments, Mastercard итн.
Линда Шомо, основач и извршна директорка на Easy Pay Албанија и амбасадорка на EWPN за Албанија, ќе го модерира панелот „Плаќања без граници на Балканот“. Шомо ги истакнува предизвиците со кои се соочува регионот, како што се големата употреба на готовина и ограничената пенетрација на картички, недостатокот на интероперабилност помеѓу платните системи, потребата за финансиска едукација и различните регулаторни средини. Според неа, Easy Pay се залага за промовирање на финансиската независност и писменост кај жените во Албанија. Компанијата ги приспособува своите дигитални услуги за да обезбеди поголем пристап и информации, со цел да ја олесни финансиската независност и претприемништвото на жените.
Вториот панел „Дигитални плаќања – од регулација до иновации насочени кон клиентите“ го модерира Мерима Махмутовиќ, сениор менаџерка на PwC SEE и амбасадорка на EWPN за Босна и Херцеговина. Таа се фокусира на предизвиците и можностите во рамките на балканскиот финтек екосистем, истакнувајќи го значителниот напредок во развојот на е-трговијата во последниве години, како и потребата од соработка помеѓу банките и играчите на финансиската технологија за да се создаде одржлив екосистем кој комбинира стабилност, доверба и иновации. Според Махмутовиќ, EWPN игра значајна улога за зајакнување на женското лидерство во регионот, додавајќи: „Заедница како EWPN обезбедува образование, трансфер на знаење и вмрежување за жените лидерки кои ги следат трендовите, и кои сакаат да ги развиваат своите кариери во оваа динамична средина. Нашите настани и работилници нудат можности за жените да ги слушаат реномираните и претстојни женски експерти за плаќања и модели кои се лидерки во областа; Жените пионери и иноватори во индустријата за финансиско работење и плаќања, и жени лидерки кои го отвораат патот до успехот на жените во сите сектори.”
Јелена Ѓуровиќ, менаџерка во Payoneer, модераторка на панелот „Партнерства кои ја преобликуваат иднината на финансиите“, вели дека партнерствата им овозможуваат, особено на жените во индустријата, да се поддржуваат на патот кон успехот. „Верувам дека вмрежувањето дава непроценливи можности за учење, контакти и споделување искуства и знаења.“, истакнува Јелена.
Европската мрежа на жени во платежната индустрија (EWPN) со своите иницијативи има значајно влијание врз платежната индустрија, промовирајќи ја родовата разновидност и охрабрувајќи ги жените да преземат активни улоги во просторот за финтек.
Овој испиративен настан нуди несекојдневна можност да се поврзете со професионалци од индустријата, да научите од влијателни жени лидерки и да стекнете вредно знаење што ќе поттикне женското лидерство и позитивна промена во оваа индустрија.
Обезбедете го вашето место денес и бидете дел од промената што ќе ја обликува иднината на финансиите во Југоисточна Европа. За повеќе информации посетете ја веб-страницата.