Lifestyle

Филм на месецот: TРИАГОЛНИК НА ТАГАТА

Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.

На јахтата чистачка, овде капетан!

Кариерата на шведскиот режисер Рубен Остлунд (Ruben Östlund) е тесно поврзана со успесите на филмскиот фестивал во Кан. Неговиот трет долгометражен филм „Ненамерно“ (De Ofrivilliga, 2008) беше прикажан во селeкцијата „Извесен поглед“ (Un Certain Regard), додека авторскиот пробив со „Виша сила“ (Force Majeure, 2014) му ја донесе наградата од жирито во истата конкуренција, потоа две последователни златни палми со „Квадратот“ (The Square, 2017) и овогодишниот „Триаголник на тагата“ (Triangle of Sadness, 2022) кој оди чекор понатаму во ескалација на темите кои му се блиски на авторот низ сатиричната вивисекција на доцниот посткапитализам. Се работи за првиот филм на Остлунд снимен на англиски јазик и тоа изгледа како вешто искалкулиран избор во насока на неговата комерцијална успешност.

Во првиот чин ги запознаваме Карл и Јаја кои се млад манекенски пар. Таа заработува повеќе од него, но постојано и перфидно го остава тој да ги плаќа скапите ресторански сметки. Сведочиме на извонредно конструиран драмски конфликт кој, соголувајќи ја машката несигурност, ги испревртува и преиспитува родовите норми. Далеку сме од вистинска љубовна интима и меѓучовечка солидарност. Сепак, убавината е валута, па така овој инфлуенсерски брак од интерес е она што им го овозможува луксузното крстарење низ Медитеранот, заедно со бизарна група на супер богати патници: руски олигарх „продавач на измет“ и почитувач на ликот и делото на Роналд Реган (во интерпретација на хрватскиот актер Златко Буриќ), пензионирани производители на оружје и останата типологија на богати и забегани. На кормилото на бродот е капетан со наклонетост кон алкохол и Карл Маркс, во генијална изведба на Вуди Харелсон. На почетокот сè изгледа пријатно и „инстаграмливо“ во пирамидалната економска поставеност: богатите се горе, работниците и слугите (доминантно од Третиот Свет) долу под палубата сè додека еден катастрофален настан го претвора патувањето во гротескна авантура во која целата хиерархија се превртува наопаку. Она што во „Квадратот“ беше сцената во која се одвива уметничкиот перформанс на мајмуноликиот човек ѕвер за време на една гала-вечера во музејот, овде е сцената во која се одвива свечената вечера во организација на капетанот, но овој пат со „шок вредност“ на стероиди: бура на океанот, морска болест, шампањ и повраќање, експлозии на измет, терористички напад на пирати... Гротеската и апсурдот одат во френетичен ексцес во овој своевиден Титаник на новиот милениум.

Во последниот чин кој се одвива на пуст остров, економската хиерархија и структурите на моќ се превртени наопаку. Филипинката Абигејл која на бродот работи како чистачка, во новиот контекст набрзина се трансформира во капетан. Таа е единствената од преживеаните од бродоломот која знае да запали оган, да улови и зготви риба. Манекенот Карл станува нејзин сексуален роб во заменa за соленки. Убавината како валута работи и на пуст остров.
За разлика од претходните две остварувања на Остлунд, во „Триаголник на тагата“ нагласената општествена ангажираност изгледа банално, а субверзивноста мириса на популизам. „Богатите и убавите“ се премногу лесна сатирична мета и многу често филмот пука со ќорци. Сепак, се работи за екстремно возбудлив и забавен филм, тобоган на сетилни дразби со вешта и непредвидлива драматургија. „Патувањето“ трае два и пол часа, но кога ќе стигнете на крајот, речиси и не се сеќавате на почетната станица. Во време кога алгоритмите на Нетфликс суверено владеат со филмската индустрија, и тоа не е мала работа.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано