Економија
NAIRU - стапка на невработеност која не предизвикува инфлација
16.02.2023г.
Буквалниот превод на терминот NAIRU (non-accelerating inflation rate of unemployment) е стапка на невработеност која не предизвикува инфлација. Иако од денешна перспектива постигнувањето на ваква состојба делува далечно и нереално, сепак како концепт треба да се анализира и да се знаат неговите карактеристики. За да можеме да стигнеме до состојба на NAIRU, треба предходно да се постигне стапка на полна вработеност во економијата. Токму тоа ќе биде појдовна точка за објаснување на денешниот концепт.
Имено, стапка на полна вработеност се постигнува кога побарувачката за работна сила од страна на компаниите се израмнува со вкупната понудата на пазарот на труд претставена од сите поединци кои сакаат да бидат вработени. Но, и под претпоставка дека економијата се наоѓа во полна вработенот, сепак во економијата постои одредено ниво на невработеност. Со други зборови, полната вработеност не значи дека сите работоспособни поединци се вработени. При полна вработеност сепак постои одредена стапка на фрикциона, сезонска, структурна и долгорочна невработеност. Тоа значи дека сепак постојат луѓе кои не се во работен однос, без да навлегуваме во причините зошто овие поединци се решиле да бидат невработени. Клучната поента при полната вработеност е дека не постои, или се исклучува постоењето на циклична невработеност. Последниов термин укажува на тоа дека стапката на невработеност која постои при ниво на полна вработеност не е производ на забавено ниво на економски раст или пак намалена агрегатна побарувачка за работна сила.
Преку полната вработеност стигаме до концептот на NAIRU, кој сега укажува на ниво на невработеност во кое не постои циклична невработеност. Кога на овој начин ќе се претстави NAIRU, се доаѓа до заклучок дека NAIRU=полна вработеност. Тука се поставува прашањето, како може NAIRU да биде од корист за економистите? Пресметувањето на NAIRU, во голема мера ни дава базна основа преку која економистите може да дејствуваат во насока на дополнително намалување на стапката на невработеност, под нивото на стапката на полна вработеност. Доколку се наоѓаме во позиција на NAIRU, дополнителното зголемување на економскиот раст нема да резултира кон дополнително намалување на стапката на невработеност. Тоа значи дека во економијата има ситуации и кога експанзивните економски политики може да бидат контрапродуктивни. Тоа е последица на селективната улога на експанзивната политика, односно нејзината сила единствено може да влијае врз цикличната невработеност. Но, како што напоменавме предходно, при ниво на NAIRU не постои циклична невработеност. Крајниот заклучок е дека зголемениот економски раст нема да предизвика намалување на фрикционата, сезонската, структурната или долгорочната невработеност.
Тука е дилемата што ќе се постигне ако сакаме да го спуштиме нивото на невработеност под NAIRU? Во тој случај, економскиот раст ќе предизвика компаниите да лицитираат за најдобрите вработени и да ги превземаат од други компании, нормално за повисоки плати, бидејќи на пазарот не постојат други поединци со бараните способности кои бараат работа. Во овој момент на сцена стапуваат инфлаторните притисоци, предизвикни од растот на платите. Значи, забрзувањето на економијата со цел намалување на стапката на невработеност под NAIRU ќе придизвика зголемено ниво на инфлација во економијата.
Преку тоа доаѓаме до две можни сценарија:
- 1. Економско ниво над NAIRU – каде државата може да го стимулира економскиот раст за да делува на намалување на цикличната невработеност
- 2. Економско ниво еднакво на NAIRU – каде државата доколку го стимулира економскиот раст единствено ќе предизвика зголемено ниво на инфлација
Горната констатација не значи дека при постигнување на NAIRU ниво не можеме ништо да направиме за намалување на нивото на невработеност. Алтернативата се пронаоѓа во точно препознавање на потребите на пазарот на трудот и целно насочување на луѓето кон усовршување на знаењата и вештини, како и преку програми за охрабрување на долгорочно невработените лица за враќање во пазарот на труд. Клучната улога на државата е преку специјализирани програми за стекнување на вештини да ги доближи невработените лица кон потребите на економијата.
(Е&B)