Бизнис
ПЕКАБЕСКО − СКОПЈЕ: Нашата компанија досега успешно се справува со сите предизвици
29.01.2023г.
Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор? Каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?
Во моментов, како резултат на порастот на цените во изминатава година, се соочуваме со пад на побарувачката на нашите производи и намалување на производството. Цените на репроматеријалите и на суровините се на високо ниво, но добро е тоа што повеќе не растат и има некоја тенденција за намалување на одредени суровини. Одлуката на државава за субвенционирана цена на енергијата за прехранбената индустрија ќе доведе до намалување на цените на нашите производи и ќе нè заштити од покачувања по овој основ во периодот на важење на оваа мерка. Поради повисоките цени кои ќе доведат до пад на куповната моќ на потрошувачите и поради рестриктивните мерки на централните банки во светот за да се сузбие инфлацијата, очекуваме за следната година трендот на намалување на побарувачката да продолжи, а со тоа и пад на производството. Тоа би требало да доведе до пад на цените на репроматеријалите, на суровините и на енергентите што се оценува како позитивно, но ќе има своја цена преку намалување на производството. Нашата компанија досега успешно се справува со сите предизвици, но неизвесноста за следната година е голема и не можеме со сигурност да предвидиме во која насока ќе се движи. Во едно сме сигурни, нашава економија и компаниите се жилави зашто егзистираат во услови на перманентна криза, па така и оваа сметам дека успешно ќе ја пребродиме.
Основни податоци за ПЕКАБЕСКО − СКОПЈЕ:
– Вкупни приходи во 2021 г. − 4 855 641 879 ден.
– Нето-добивка во 2021 г. − 80 823 468 ден.
– Број на вработени во ноември 2022 г. − 438