Финансии / Банкарство
Петревски: Монетарната политика и нееднаквоста
Горан Петревски | авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.
Во изминативе пет децении, монетарната политика беше една од централните области во макроекономските истражувања. Сето тоа доведе до голем наплив на книги, на трудови, на анализи итн. во кои се обработуваат најразлични прашања како: ефектите врз економската активност, координацијата со фискалната политика, правилата на оптималната монетарна политика, значењето на очекувањата итн. И кога се чинеше дека веќе не постои прашање кое не е расчистено и дека сѐ е познато во монетарната политика, економистите беа доволно креативни да измислат нови теми за истражување. Се разбира, тоа делумно може да се објасни со научната љубопитност и непресушната жед за нови знаења, но исто така новиот истражувачки интерес на монетарните економисти е под влијание и на модата (која ја има секаде, па дури и во економската наука). На пример, во последно време сѐ повеќе се пишува и за некои егзотични теми како што е врската меѓу монетарната политика и „зелената економија“. Исто така економистите покажуваат интерес и за влијанието на монетарната политика врз нееднаквоста во распределбата на доходот и на богатството. И тука има елементи на мода зашто денес е модерно (и политички коректно) да се пишува за нееднаквоста.
Монетарната политика може да влијае врз нееднаквоста низ повеќе канали. Така, кога централната банка ја менува својата каматна стапка, тоа вообичаено се одразува врз другите каматни стапки во економијата. На пример, ако централната банка ја намали каматната стапка, по некое време тоа вообичаено ќе доведе намалување на каматните стапки на штедните влогови во банките, но и на приносите на обврзниците. На тој начин, експанзивната монетарна политика ќе ги погоди штедачите кои штедат во банките, но и оние кои инвестираат во хартии од вредност. Меѓутоа, овде се важни реалните каматни стапки: ако тие се намалат, тогаш тоа оди во прилог на должниците (оние кои имаат земено кредити), а губат кредиторите (оние кои даваат заеми). Какви ќе бидат крајните ефекти врз доходната нееднаквост зависи од структурата на доходот на луѓето, т. е. од тоа како се распределени заштедите во економијата, односно дали луѓето (и кои: посиромашните или побогатите) претежно штедат во банките или во хартии од вредност, како и од тоа кои се нето-штедачи, а кои се нето-должници.
Во продолжение, монетарната политика може да влијае врз доходната нееднаквост и преку заработките на работниците, а тоа се изразува на два начина: низ стапката на не(вработеност) и низ платите. Имено, ако монетарната политика успее да ја заживее економијата, тоа ќе предизвика зголемување на побарувачката на работници, односно ќе се намали невработеноста. Тоа значи дека работниците со пониски квалификации (посиромашните луѓе), кои дотогаш биле невработени, сега ќе најдат работа и ќе земаат плата со што ќе се намалат нееднаквоста и сиромаштијата. Во продолжение, ако зголемената побарувачка доведе до поголем пораст на платите на неквалификуваните наспроти квалификуваните работници, тоа ќе предизвика намалување на разликата меѓу помалкуплатените и повеќеплатените работници, а тоа дополнително ќе ја намали доходната нееднаквост. Се разбира, оваа приказна ќе има среќен крај само ако се остварат двете „ако“: ако монетарната политика навистина ја зголеми побарувачката на неквалификувани работници и ако нивните плати пораснат повеќе од платите на другите (побогатите) работници.
Меѓутоа, приказната не завршува тука зашто монетарната политика може да влијае врз нееднаквоста и низ уште еден канал – составот на вкупниот доход во економијата. Повторно почнуваме од првото „ако“: ако монетарната политика успее да ја заживее економијата, тогаш тоа ќе доведе до пораст на доходот, но од гледна точка на нееднаквоста најважното прашање е: кој доход ќе се зголеми или кој доход ќе се зголеми повеќе – платите или профитот (дивидендата). Одговорот на ова прашање ќе зависи од многу фактори, претежно од состојбата на пазарот на труд, од структурата на пазарот на производи (степенот на конкуренција) и од стапката на инфлација. Ако во економијата владее недостиг од работници и/или работниците имаат поголема преговарачка моќ, тогаш може да дојде до пораст на платите. Но, ако поради различни причини кремот го соберат работодавачите, тогаш лабавата монетарна политика и економското заживување ќе доведат до поголема нееднаквост. Најпосле, во зависност од тоа што се случува со инфлацијата може да дојде до намалување на реалните плати, а тоа ќе ги осиромаши работниците. Со други зборови, крајниот резултат од овој канал не е извесен.
Понатаму, голема улога врз нееднаквоста (особено нееднаквоста во однос на богатството) има каналот на портфолијата на хартиите од вредност. На пример, ако централната банка води лабава монетарна политика (ја намали каматната стапка), тоа ќе доведе до зголемување на цените на обврзниците, но и пораст на цените на акциите. Познато е дека сиромашните луѓе или немаат никаков имот или нивниот финансиски имот се состои од штедни влогови во банките, додека во хартии од вредност претежно инвестираат побогатите луѓе. Тоа значи дека лабавата монетарна политика нема да го зголеми богатството на посиромашните луѓе, туку само ќе ги направи богатите уште побогати.
Во продолжение, монетарната политика има влијание и врз случувањата на пазарот на недвижности. Лабавата монетарна политика (пониската каматна стапка) може да доведе до пораст на цените на куќите, на становите и на дуќаните, како и до пораст на закупнините. Во принцип, од тоа ќе имаат полза сите сопственици на недвижен имот, но и овде повеќе полза ќе имаат побогатите, и тоа поради две причини: прво, еден дел од посиромашните луѓе воопшто не располагаат со недвижен имот; второ, дури и оние кои располагаат со куќа, таа им служи за живеење, а не за продажба или за издавање.
Најпосле, монетарната политика може да се одрази врз нееднаквоста и посредно – преку реакцијата на фискалната политика. Така, ако лабавата монетарна политика е придружена со пораст на јавната потрошувачка, тоа може да ја намали нееднаквоста, но само ако зголемената јавна потрошувачка се однесува на разни социјални програми. Наспроти тоа, ако зголемувањето на буџетската потрошувачка е изразено низ набавка на автомобили, на канцелариски мебел или наместени јавни набавки со партиските финансиери, тогаш овој канал ќе ја зголеми нееднаквоста. Исто така ако лабавата монетарна политика е придружена со затегнување на фискалната политика, претежно преку намалување на социјалните програми, повторно тоа ќе има негативно влијание врз нееднаквоста.
Како што може да се забележи, врската меѓу монетарната политика и нееднаквоста е прилично сложена и поради тоа не може однапред да се предвиди какви ќе бидат крајните ефекти од полабавата монетарна политика. Во тој поглед, работата дополнително се усложнува со тоа што одделните канали преку кои монетарната политика влијае врз нееднаквоста може да имаат спротивно дејство. Со други зборови, монетарната политика може да ја намали нееднаквоста преку еден канал, но да ја зголеми преку друг, така што дејството на двата канала може да се поништи меѓу себе. Оттука, наспроти најдобрата намера на централната банка, крајниот резултат може да изнесува нула или уште полошо да биде негативен, односно да ја влоши нееднаквоста.
И навистина, постојат истражувања кои го потврдуваат токму тоа. На пример, едно истражување на примерот на САД покажува дека лабавата монетарна политика нема влијание врз распределбата на доходот поради спротивното дејство на одделните канали (таа ја намалува нееднаквоста преку распределбата на штедењето, преку заработката на работниците, преку станбениот канал и преку фискалниот канал, но ја зголемува нееднаквоста преку структурата на доходот), меѓутоа таа ја зголемува нееднаквоста во богатството претежно преку ефектот на портфолијата на хартии од вредност.i Друго истражување покажува дека ползата на белото население во САД (од порастот на цените на акциите и на недвижностите) е петпати поголема од ползата на црното население (од порастот на вработеноста и на платите), потврдувајќи дека лабавата монетарна политика ја зголемува нееднаквоста. Меѓутоа, неспособноста на монетарната политика да ја намали нееднаквоста е потврдена и на примерот на Данска: едно истражување на примерок составен од целото возрасно население покажува дека лабавата монетарна политика го зголемува доходот на сите категории, но ползата што ја имаат сиромашните луѓе е десетпати помала од ползата на најбогатите!ii
iJuan-Francisco Albert, Antonio Peñalver, Alberto Perez-Bernabeu (2020). The effects of monetary policy on income and wealth inequality in the U.S. Exploring different channels. Structural Change and Economic Dynamics, 55: 88−106.
iiAsger Lau Andersen, Niels Johannesen, Mia Jørgensen, and José-Luis Peydró (2021), Monetary policy and inequality, ZBW - Leibniz Information Centre for Economics, Kiel/Hamburg.