Економија
Мизо: Како до поквалитетни инвестиции без корозивен капитал?
Виктор Мизо | авторот е генерален директор на „Костал Македонија“
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.

Како да воспоставиме и покренеме наш, оригинален систем за скрининг на странските инвестиции кои влегуваат во земјава? Споредено со другите земји, кај нас сè уште нема постoјана институција, а да бидеме реални, ниту доволно познавање и искуство за областа меѓу политичките чинители, а уште помалку меѓу државната администрација. Без да навлегуваме во материјална дискусија за критериумите, областите или спецификите за тоа како се врши скринингот на инвестициите, оваа своевидна презентација на неколку информации и иницијални предлози за тоа што би биле следни чекори е обид за провоцирање натамошни дискусии и кревање на јавниот интерес за темава.
Концептот за проверка или скрининг на странски инвестиции во современа смисла на терминот беше покренат во развиените западни земји, а подоцна и прифатен од сите источноевропски земји членки на ЕУ. Идеите кои се прифаќаат од различни земји и во различни географии (посебно САД споредено со ЕУ) не се секогаш од иста природа. Додека во САД геостратешкиот и националниот интерес за безбедност, посебно по 11.9.2001 година, има поголемо влијание, во ЕУ сè уште не постои унифициран систем кој е применлив и прифатен од сите земји членки. Во Германија скринингот на инвестициите е под капа на федералното Министерство за економски прашања и климатска акција кое имаше работа со проверка на 306 случаи во 2021 година. Овој број низ годините е во постојан раст, веројатно и како резултат на пошироките геостратешки нарушувања во последниов период.
Изменетиот холандски режим за скрининг на странски инвестиции (Wet Vifo) ќе се спроведе со акт кој има и делумно ретроактивно дејство од септември 2020 година, што значи дека трансакциите кои се реализирани од тогаш треба да бидат нотификувани до Министерството за економски прашања и клима или поточно Агенцијата за проверка на инвестициите (Bureau Toetsing Investeringen) која функционира во рамките на Министерството. Пеналите за непријавување на „ризични“ инвестиции согласно регулативата може да достигне и 10 % од годишните приходи на компаниите кои се спојуваат. Во некои земји како Обединетото Кралство и Словенија започна проверката не само на странските инвестиции туку и на трансакциите на домашните инвеститори. Според првиот Извештај на Европската комисија за оваа тема1 (2021), се чека на уште на 2 земји членки на ЕУ за имплементација на овој механизам.
Од сите познати пракси компаративно, воочливо е дека процесот на проверка треба да е детален и темелен, со интензивна и длабинска комуникација низ мрежа на органи и на тела во самата земја, но и пошироко, на регионално и глобално ниво. При тоа неизбежен е највисок степен на доверливост и на безбедност на информациите кои се разменуваат. Сите овие активности за проверка на еден случај, зависно од секторот и комплексноста на предметната индустрија или сектор, може да траат и по 6 месеци пред да се донесе конечна одлука за пријавената инвестиција. Тука под инвестиција се мисли на сите можни облици на трансфер на капитал како Гринфилд инвестиција (Greenfield), Браунфилд инвестиција (Brownfield), вложување во акции, односно преземање и спојување на трговски друштва.
Каква организациска поставеност ни е потребна, а какви ни се ралните можности да се воспостави во нашиот локален контекст, а притоа да е целосно функционална во проверката? На ова прашање мора да си го најдеме одговорот сами, а најдоцна во текот на следната година кога ќе започне фазата на билатералниот скрининг со ЕУ кога и дефинитивно ќе мора да се прецизираат основачките документи, институционалните капацитети, надлежности, комуникациска инфраструктура, потребните финансиски средства и конкретните безбедносни механизми кои ќе се аплицираат. Дотогаш наша домашна работа е да ги анализираме компаративните искуства за да дојдеме до најоптималното решение, но адекватно на нашите услови и капацитети, а не проформа копирање на решенија произлезени по „успешно“ реализирани проекти за техничка поддршка и градење на институционални капацитети.
Во оваа фаза на дискусијата, без да се имаат заднински информации и специфики за претходните случаи кои биле испитувани во други земји, од една страна, но и безбедносни информации од наши разузнавачки служби релевантни за економијата, од друга страна, речиси е невозможно да се таргетира еден или повеќе сектори, т. е. индустрии каде што ексклузивно би се фокусирал скринингот. За почеток треба да се примени поширок, меѓусекторски пристап со дефинирање на минималните критериуми како тригер копче за нотифицирање и активација на механизмот. Како пример за брза институционална адаптација може да се земе искуството од САД каде претседателот Бајден во септември, со оглед на новите случувања на светската сцена, издаде нова Извршна наредба за работењето на Комитетот за странски инвестиции на САД (Committee on Foreign Investment in the United States).2
Областите кои, секако, ќе треба да бидат опфатени на прво место се енергетиката, наменската индустрија и придружните дејности, информатичката и комуникациската технологија, здравството, фармацевтскиот сектор и биотехнологијата, а подоцна и образованието, банките и финансиските друштва, металургијата, лесните преработувачки индустрии, трговијата со храна и основни намирници. Воедно, во општество какво што е нашево, влијанието на медиумите, на земјоделието и на транспортот може да има дисторзивно влијание врз економскиот систем под притисок на корозивен капитал однадвор.
Авторитарноста на режимот од кој доаѓаат инвестициите, како потенцијален ризик за корозивноста на нивниот капитал, често е релативен поим кој треба да се испитува од случај до случај. Можно е и инвестициите од демократските системи да имаат сериозни последици по интересите, безбедноста или стабилноста на државата или пак врз независноста на нејзиниот економски систем во светските синџири на доставувачи кои стануваат крајно непредвидливи во моменталниов период. За илустрација, во Германија бројот на скринирани случаи во 2021 година со потекло од Кина е значително помал отколку на оние од САД, Обединетото Кралство и земјите членки на ЕУ3. Квантитативната анализа може често да е основ за компромисни одлуки, каков што е случајот со прифаќањето само на дел од првично планираниот износ на удел на кинеската инвестиција COSCO во пристаништето во Хамбург4. Дискутабилно е и дали инвестициите кои доаѓаат од земјите на Заливот поради (не)демократските елементи во нивните системи на државно управување треба да се третираат како ризични за јавниот ред и безбедност за земјата домаќин.
Во нашиот институционален систем има повеќе даватели на државна помош на странски инвеститори кои може и треба да вршат професионален надзор над работата на странските инвеститори како корисници на помош, но и претходни проверки при самите разговори за започнување на инвестицијата во земјава. Такви се Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и инвестиции, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Фондот за иновоции и технолошки развој. Паралелно имаме државни тела и органи кои не можат да имаат системска контрола со филтер за ризичноста од пенетрацијата на странски капитал, туку постапката се спроведува како што е законски предвидено (на пример меѓународните тендери и Законот за јавните набавки). Министерството за економија, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, како и други владини тела и агенции имаат соодветно утврдени надлежности во отуѓување на земјишта, креирање на јавно приватни партнерства и давање под концесија на земјоделско земјиште, патишта и други видови на инфраструктура или енергетски објекти, наоѓалишта на природни ресурси – руди, вода и сл. Сериозна позиција во овој процес ќе треба да заземат и Народната банка, Комисијата за економски прашања во Собранието, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Финансиската полиција, Министерството за надворешни работи, АЕК. Дали и во кој степен ќе се нотификуваат и проверуваат реализираните инвестиции во последниве 2, 3 или повеќе години може да се отвори како дополнителна тема и да стане дел од сеопфатна дискусија, а во насока на постигнување широка усогласеност.
Базирајќи се на нашето долго транзициско искуство, капацитетите и кондицијата на институциите, нивната професионалност и независност, пред нас ќе се испречи прашањето за тоа дали треба центарот кој ќе ги врши сите проверки и комуникација со други национални и меѓународни институции да е во постоечката рамка на институции или да се креира ново тело кое студиозно и ексклузивно ќе се посвети на оваа прашање. Тоа, секако, ќе е државно тело со надлежности утврдени со закон, но успешноста на неговото постоење ќе зависи од тоа колку ќе биде прифатено од бизнис-заедницата која е активна во земјава во моментов. Според сето ова, тоа треба да е пошироко владино тело кое интензивно и проактивно ќе комуницира со компаниите заради доближување на целта која се таргетира со неговата работа, во духот на ефективна транспарентност, од една страна, но и поддршка и асистенција кои би ги обезбедувале Стопанската комора и компаниите за возрат. Лицата кои ќе бидат избрани во ова тело треба да се етаблирани практичари и експерти, назначени по име и презиме, а не според партиска функција, со мандат од најкратко 5 години за да се обезбеди континуитет и потребна институционална меморија. Секако, скринингот на странските инвестиции е безбедносно прашање за државава во што неизбежно треба да бидат вклучени и политичките чинители, но со строго дефинирани рамки, пристап и овластувања. Самиот процес на проверка мора да се води по стриктни и прецизно дизајнирани услови, на начин кој не смее да го доведе во прашање кредибилитетот на институцијата, што значи да се елиминира секој можен ризик од пристрасност и тенденциозност во одлучувањето. Комуникацијата со големите компании мора да е интензивна и двонасочна за постигнување на поголем степен на прифатливост меѓу сегашните и идни инвеститори кои се надеваме дека ќе бидат многу побројни во претстојните години.
1<https://trade.ec.europa.eu/doclib/docs/2021/november/tradoc_159935.pdf>
2<https://www.govinfo.gov/content/pkg/FR-2022-09-20/pdf/2022-20450.pdf>
3<https://www.bmwk.de/Redaktion/EN/Publikationen/Aussenwirtschaft/investment-screening-in-germany-facts-figures.pdf?__blob=publicationFile&v=6>
4<https://www.dw.com/en/germany-agrees-on-compromise-over-china-port-bid/a-63547949>