Интервјуа

Серафимовски: Со стратешко и долгорочно планирање оваа стопанска гранка може да придонесе за закрепнување и раст на домашната економија

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.

Андреа Серафимовски, претседател на Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите


Кажете ни накусо за „личната карта“ на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите (релативното значење на конкретната индустрија за македонската економија, составот на здружението, итн.).

Градежништвото има долга традиција во нашава држава и претставува стопанска гранка од витално значење за домашната економија со оглед на тоа дека, покрај директното влијание врз економскиот развој, повлекува ангажман и на околу дваесет и пет други стопански гранки. Двигатели во нискоградбата се капиталните инвестиции кај кои главен инвеститор е државава, додека, пак, во високоградбата тоа се вложувањата на домашните приватни инвеститори.
Градежништвото опфаќа 5 386 деловни субјекти или 7,4 % од вкупниот број на активни деловни субјекти во државава од кои најголем дел или 84, 5 % се микро компании со 1 до 9 вработени, додека најмалку застапени со 0,2 % се големите компании со 250 и повеќе вработени и може да се каже дека тие повлекуваат најголем дел од ангажманот на градежните работи. Градежните компании во изминативе години остваруваа раст на прометот кој, според последните податоци, изнесува 93 милијарди денари и тие вработуваат 45 798 лица или 6,6 % од вкупно вработените лица во државава, податоци кои се потврда за големината и значењето на овој економски сектор.
Институционалното дејствување на градежните компании го следи коморското организирање кое оваа година ја одбележа својата стогодишнина. Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите претставува стручен облик на организирање и работење при Стопанската комора на Северна Македонија што обединува компании кои работат во доменот на високоградбата и нискоградбата, урбанизамот и просторното планирање, индустријата на градежни материјали, експлоатацијата и обработката на неметални минерални суровини.
Заложбите на Комората како непрофитна организација така и на Здружението се исклучиво посветени на унапредување на пазарното стопанство, креирање предвидлив деловен амбиент и поттикнување на конкурентноста на деловните субјекти. Може нескромно да се пофалиме дека наши членки се градежни компании со децениско искуство, компании кои користат високоразвиени технологии и методи на работа, континуирано инвестираат во иновации и располагаат со висококвалификуван кадровски капацитет (работници и инженери). Целиот тој капацитет и знаење е ставен на располагање за преку коморските активности да придонесе за остварување на нашите заложби.
Горди сме што можеме да констатираме дека во последниве години сме меѓу трите најголеми здруженија во рамките на Комората, со континуиран раст од година во година, што за нас претставува признание за нашето дејствување, но и многу поголема одговорност и обврска кон нашите компании и воопшто кон целиот сектор.
Веруваме дека само дејствувањето преку институционалните механизми може да води кон унапредување на јавно приватниот дијалог, остварување системски промени и креирање поволна бизнис-клима за поголема конкурентност на компаниите на домашниот и странскиот пазар.

Како ја оценувате тековната состојба во конкретниот сектор на економијата и причините за неа?

Поради спецификите на дејноста, градежништвото ги почувствува последиците од глобалните случувања со одложен, но не и помал интензитет. Мулти кризата која се надоврза на пандемијата најмногу се одрази на растот на цената на градежните материјали, а тоа врз трошоците за изведба, што на различен начин ги погоди и високоградбата и нискоградбата. Основните градежни материјали бележат значителен раст на цените кои, според нашите анализи кај некои од нив, на пример челичните профили и цевки, надминаа и 200 % во текот на последниве две години. Значителен раст на цените има и кај дрвената граѓа, термоизолацијата, полимер битуменот за асфалт, ќерамидите, цементот, бетонот... Она што загрижува е што е неизвесен крајот на поскапувањата и не се очекува стабилизација на цените на материјалите во сезоната која следува, а тоа се одразува врз целокупниот деловен амбиент во градежната индустрија.
Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите навремено алармираше дека поскапувањето на материјалите ќе ги погоди компаниите и дека се неопходни мерки за поддршка. Ненавремената реакција и отсуството на такви мерки од страна на надлежните институции доведе до тоа да минуваме низ најтешката криза од почетокот на пандемијата, а градежните компании да бидат на работ на егзистенција. Потврда за тоа е регистрираниот пад на градежништвото од 17,2 % во првиот квартал годинава споредено со првиот квартал претходната година, како и значителното намалување на бројот на вработени за 14,2 % во компарираниот период.
Неповолните услови за работа предизвикани од воведувањето на недела како неработен ден, бавното администрирање и ниската реализација на капиталните проекти и поскапувањата на градежните материјали се одразија врз градежните компании, но и врз работниците во оваа стопанска гранка. Без оглед на растот на платите, бројот на работници е најнизок во последниве пет години.

 

Што може да се направи за подобрување на амбиентот за работа и успешноста на конкретниот сектор?

Да се даде поголемо значење на јавно приватниот дијалог како континуиран процес кој треба да овозможи одржлив развој на градежниот сектор и искористување на потенцијалот кој тој го има, како и на капацитетите со кои располагаат градежните компании. Тоа подразбира редовни средби меѓу претставниците на реалниот сектор и надлежните институции, но и слух за барањата и предложените мерки кои ги подготвуваме во Комората со особено внимание водејќи грижа за реалните состојби и случувања на терен. Бројките и податоците говорат дека ниту градежништвото не може повеќе да чека. Згаснувањето на компаниите значи и затворање на работните места кои се извор на егзистенција за многу семејства.
Покрај одговор на барањата за справување со последиците од мулти кризата кои се од приоритетно значење за градежните компании, треба да се обрне внимание и на долгорочното планирање и решавање на најгорливите проблеми на градежништвото, а тука би споменале само три:
1. Кадарот − Потребни се политики и мерки за спречување на одлевањето на стручен и квалификуван кадар во развиените држави каде што има можност за заработувачка по учинок на работниците и на тој начин поголема продуктивност на трудот. За жал, изминативе години сведоци сме само на социјална политика во државава каде што зголемувањето на платите не е проследено со зголемување на продуктивноста на трудот.
2. Прописите од областа на градењето − Потребен е комплетно нов закон за градење што ќе стави ред во областа на градењето, соодветно ќе ги класифицира градбите и условите за стекнување на овластувањата и на лиценците, а воедно нема да биде подложен на чести измени и дополнувања како важечкиот кој е менуван над триесет пати со што се создава голема неизвесност и непредвидливост во работењето на компаниите.
3. Поддршка за поголема конкурентност и освојување нови пазари − Имаме компании кои се афирмирани и имаат бројни референци на домашниот и меѓународниот пазар, меѓутоа тие сè помалку работат и дома и во странство. Поради тоа, во соработка со институциите и следејќи ги компаративните искуства, потребни се решенија за поддршка во насока на зголемување на ангажманот на овие компании. Поддршката би можела да се јави во вид на субвенции при купување на опрема, на механизација, логистичка и друг вид поддршка на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во странство, даночни олеснувања, поддршка за имплементација на најсовремените стандарди на градење и слично.

Кои се трендовите во тој сектор и што носи иднината за секторот?

Ако се земат предвид резултатите од изминативе десет години, градежните работи сѐ повеќе добиваа на интензитет, а градежништвото бележеше позитивни резултати сѐ до 2016 година. Позитивниот долгогодишен тренд прекина во 2017 и во 2018 година, кога овој сектор забележа негативни стапки на раст од -2,5 % и од -10,8 % соодветно. По враќањето на градежништвото во колосек во 2019 година, секторот стагнираше во 2020 година, што, пред сѐ, беше резултат на влијанието на пандемијата на корона вирусот.
Претходната година ја одбележа енормниот раст на цените на градежните материјали, енергенсите и другите трошоци за изведба, што ги доведе градежните компании, особено оние кои работат на капитални проекти врз основа на договори за јавни набавки на раб на егзистенција. Како појаснување, во доменот на јавните набавки има многу проекти кои се реализираат три, пет и повеќе години, а набавките се склучени по фиксни цени што доведува до неможност за нивна корекција земајќи ги предвид моменталните поскапувања. Сето тоа предизвикува неисплатливост на проектите и загуби за компаниите.
Иднината на градежништвото ќе зависи од слухот и заложбите на надлежните институции за решавање на проблемите на градежниците кои досега беа оставени сами на себе, што резултираше со значителен пад на градежништвото, како и намалување на бројот на вработените. Сепак, сметаме дека со стратешко и долгорочно планирање оваа стопанска гранка може да придонесе за закрепнување и раст на домашната економија, а од значење е и ефикасната и доследна реализација на капиталните инвестиции во однос на кои кај нас речиси секогаш се јавува расчекор меѓу планираните и реализираните. Потврда за тоа е дека заклучно со 30.6.2022 година реализирани се само 23 % од планираните капитални инвестиции годинава.
Иднината на секторот ќе зависи и од соодветното третирање на претходно споменатите проблеми поврзани со кадарот, регулативата и настапот на компаниите на домашниот и странскиот пазар.

Ви благодариме на интервјуто.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано