Бизнис

Јаневски: Нашата визија е да имаме предвидлив, одржлив и постојан развој

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.

Михо Јаневски, претседател на УО на Градежен институт Македонија


Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор, каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?

Генералната оцена за моменталната состојба во секторот градежништво каде што дејствува нашата компанија едноставно кажано е вонредно тешка, комплексна и неизвесна. Со оглед на моето работно искуство од 40 години, споредено со годините наназад, можам слободно да кажам дека потешки биле само годините по распадот на тогашна СФРЈ, односно периодот на транзиција на државава и процесот на трансформација на државниот капитал кој се одвиваше паралелно. Ваквата оцена на моменталната состојба е генерирана од повеќе состојби кои се дел глобални и дел се наши локални кои се однесуваат на нашава држава. Од глобалните, на кои, за жал, не можеме да влијаеме, се долготрајната ковид пандемија, нарушувањата на берзата со енормниот скок на цената на челикот и челичните производи на која се надоврза енергетската криза од која за последица дојде до комплетно поскапување на сите градежни материјали и конечно уште повеќе се усложнија и влошија и онака тешките економски состојби. Ако за овие влијанија на нашата економија сме немоќни да креираме соодветни политики за да влијаеме на нив, тогаш секако комплет како општество немаме оправдување за немање соодветен одговор за справување со глобалните предизвици, а особено за состојбите кои исклучиво се должат на нас како држава. Во овој дел ќе ги подвлечам проблемите кои континуирано ни го успоруваат развојот и дополнително ја усложнуваат состојбата во бизнис-заедницата со посебен акцент во секторот градежништво. Тоа се неефикасна и прескапа администрација поради која имаме постојано неоправдано ниска реализација на капитални проекти, лоша легислатива која дополнително предизвикува бариера во таа реализација, особено ги потенцирам Законот за јавни набавки и Законот за градба. Потоа би навел дека на проектите финансирани од меѓународни финансиски институции домашните компании не само што не се фаворизирани туку напротив се ставени во состојба на неможноост за настап и неконкурентност, што од друга страна предизвикува одлив на нашиот кадар во странските компании. Поради сложената политичка ситуација се чувствува отсуство на грижа за бизнис-заедницата, отсуство на политичка волја за консензуално решавање на проблемите на стопанството и креирање на реформи во насока на подобрување на бизнис-климата. Што се однесува до нашата компанија, веќе години наназад сме извозно ориентирани и сме присутни на околните пазари (Србија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија), од пред кратко време отворивме претставништво и во Романија каде што веќе настапуваме на тендери и со голем оптимизам се надеваме дека ќе оперираме и на европскиот пазар. Би заклучил дека наша стратегија како најголема македонска консултантска фирма е да бидеме што помалку зависни од нестабилниот домашен пазар и да го зголемиме пазарниот удел од меѓународниот пазар. Консеквентно на ова можам да кажам дека нашата визија е да имаме предвидлив, одржлив и постојан развој и дејствување на што повеќе пазари избегнувајќи зависности и непредвидливост.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано