Бизнис

Ивановски: Поголем дел од производството го извезуваме на пазарот на земјите на Балканот

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.

Слободан Ивановски, заменик генерален директор на БИМ АД Свети Николе


Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор, каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?

БИМ АД СВЕТИ НИКОЛЕ е фабрика која произведува хидроизолациски материјали на база битумен. Располагаме со асортиман од над 200 производи кои наоѓаат широка примена во градежништвото, како во нискоградбата така и во високоградбата.
Главните наши суровини за производство се нафтени деривати. Сите суровини за производство на нашите битуменски производи се од увоз и тоа претставува голем проблем за нас како компанија.
Производството во БИМ е со топла постапка и поради тоа се користи голема количина на мазут и на електрична енергија. Цената на електричната енергија во индустријата кај нас драстично се зголеми и бележи индекс од 720 % за еден kW, а цената на мазутот за греење на производниот процес бележи индекс од 168 % што директно влијае на чинењето на крајниот производ и нè прави неконкурентни на пазарот во странство во однос на некои компании од соседството каде што зголемувањето на цените на струјата и на мазутот е помалку изразена поради фактот дека тие во своите земји имаат поголеми капацитети за производство на струја и на енергија. Платите исто така бележат пораст во градежништвото, а компаниите се соочуваат и со недостаток на квалификувана работна сила. Сето тоа предизвика зголемување на цената на единица производ. Како резултат на тоа се зголемија и цените во високоградбата и нискоградбата. Многу од фирмите не можеа да ги издржат сите овие предизвици и тоа придонесе до затворање на некои фирми од нашата бранша во соседството. Зголемувањето на цените на транспортот исто така влијаат на продажбата на нашите производи. Ние сме извозно ориентирана компанија при што поголем дел од производството го извезуваме на пазарот на земјите на Балканот, а нашите производи се вградени и во објекти во: Австрија, Полска, Чешка, Романија, Украина, Русија, Ирак, Либија, Унгарија, Швајцарија и други земји.
За да ги намалиме трошоците на електрична енергија при производството и да останеме конкурентни на пазарот, оваа година инвестираме во фотоволтаичен систем од 350 kW со кој ќе задоволиме голем дел од нашите потреби. Исто така оваа година инвестираме во опрема за зголемување на капацитетот на производство на полимермодифициран битумен за патишта и битуменска емулзија за патишта, како и нова лабораториска опрема. Овие инвестиции ги правиме со надеж дека градежништвото во Македонија ќе се врати во колосек и повторно ќе тргне во нагорна линија затоа што е важен сектор во општеството.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано