Вести

Виното повторно ги сплотува земјите на Балканот

Десеттото јубилејно издание на Балканскиот интернационален вински натпревар (BIWC) успешно беше одржано во Скопје. Рекорден број вина, околу 1.000 различни вина учествуваа на овогодинешниот натпревар. На натпреварот беа избрани најдобрите вина на Балканот од престижно жири од 18 вински судии од 10 земји. Од неговиот почеток во 2012 година, Балканскиот меѓународен вински натпревар е еден од малкуте во Европа, кои го следат австралискиот модел на организација на вински натпревари, овозможувајќи подобра проценка на вината што се натпреваруваат.

„За прв пат во државата беше организиран настан од ваков тип. Покрај натпреварот жирито и гостите имаа прилика да ги посетат нашите винарии и имаа можност поблиску да се запознаат со  развојот на винарството во државата и посветеноста за врвен квалитет во производството како и да го почувстуваат нашето гостопримство. Она што е поголем предизвик е како вината од балканските земји да се стават на светската винска мапа на место кое го заслужуваат. Преку активностите на Балканската винска мрежа, која ја основавме во Скопје пред 2 години, во следниот период ќе работиме токму на реализација на оваа цел” изјави Елена Младеновска - Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.

Организаторите на Балканскиот меѓународен вински натпревар и фестивал (The Balkans International Wine Competition and Festival - BIWCF) кои веќе 10 години го промовираат виното од балканските земји задоволни од организацијата на натпреварот кој се одржа Скопје. На Гала вечерата која беше организирана беа прогласени и победниците во своите категории.

За најдобри вина посебно за секоја држава беа прогласени:

Албанија - Мерло 2018 од винарија Белба, Бугарија – СМ 2018 од Рокс винарија, Босна и Херцеговина – Колекција Каберне Совињон и Мерло 2018 од винарија Фазан, Хрватска – Прибус резерва 2018 од винарија Барака, Грција – Афоура Санторини Асиртико 2019 од винарија Анхидрос, Косово – Гранд Рахова резерва 2019 од винарија Лаби, Црна Гора – Стари подрум 2013 од винарија Плантаже, Романија – Иса Совињон бланк 2020 од винарија Крама Ла Салина, Србија – Дина Грашац пенливо 2018 од винарија Винум, Словенија -  Брут седум броја од винарија Пуклавец и од Турција – Астикус монс Каберне Совињон 2018 од винарија Чамлија.

Од нашата земја за најдобро вино беше прогласено “Signature Merlot” 2017, Гранд резерва од винарија Камник која ја однесе и наградата за најдобар дизајн на етикета за виното “Carmenere” од Шато Камник кое е слика на познатиот македонски уметник Михаил Корубин.

На самиот настан господинот Роберт Пол Блум прими признание од организаторите за Најдобра винска личност на Балканот за својата долгогодишна работа со продажба и промоција на балканските вина на европскиот пазар.

Наградата за Гранд трофеј ќе се прогласи на 17 Јуни во Софија каде ќе се објави и локацијата на натпревар за 2022 година.

„Секоја година натпреварот се шири и добива поинаква димензија. Додаваме и нови категории на награди зависно од трендовите во секторот. Така оваа година за прв пат ја воведовме и наградата за „Винска личност на Балканот“ за заслуги во промоцијата на балканските вина која оваа година ја доби Роберт Пол Блум од Холандија кој голем дел од работниот век го посвети на промоција на вината од Балканот” изјави Галина Нифору, директор и основач на Балканскиот вински натпревар и фестивал и додаде “Оваа година натпреварот беше одржан на високо ниво. Ги поканувам сите љубители на балканските вина кои не успеаја да дојдат на отвореното тестирање во Скопје, да дојдат во Софија на 18 и 19 Јуни да уживаат во вината од земјите на Балканот. Следната година натпреварот ќе се одржува во Грција и очекуваме пораст на бројот на вина кои учествуваат“.

На Гала вечерата присуствуваа голем број гости од земјата и странство, претставници на амбасадите на земјите од Балканот. Поздравен говор на гостите одржа г-дин Трајан Димковски, Заменик министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој изјави: “Целта ни е заедничка, а тоа е да се постигне соодветно позиционирање на македонското вино во светот, градење на брендот и имиџот на македонските вина на регионалните и меѓународните пазари. Како идна земја членка на Европската Унија, драго ни е што нашата земја бешe домаќин на овој меѓународен натпревар, кој не поврзува со земјите од регионот и придонесува заеднички да градиме позитивна перцепција на интернационалните пазари.”

Настанот беше одржан од 2 до 4 јуни оваа година, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, во ко-организација на здружението „Вина од Македонија” со поддршка од Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

ПРЕПОРАЧАНО