МОЈАТА ОПШТИНА
Теута Арифи: Потребно е поголемо искористување на фондовите кои ни се нудат од европските земји
Интервју со градоначалникот на Општина Тетово, г-ѓа Теута Арифи
Погледнато во еден подолг временски период кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Тетово остварува континуиран напредок во своето работење?
Т. Арифи: Ако се осврнеме на тоа што е сработено во изминативе 7 години и ако направиме едноставна паралела со тоа што било сработено пред тоа, очигледни се позитивните резултати видливи на терен во смисла на подобрување на стандардот на живеење на граѓаните. Многу е сработено, но останува уште многу да се работи, со цел да бидеме во континуитет со модерните општествени трендови на развој. Сепак, соработката на едно широко поле со сите централни институции и разбирањето и колаборацијата со граѓаните на линија на тоа да слушнете на што се жалат и што им треба отвора еден широк спектар на работни полиња кои се трудиме да ги освоиме секојдневно. Ќе започнам со решавањето на проблемот на водоснабдувањето кое го имавме години наназад, а кое успеавме да го решиме со завршување на цевководот од месноста Лешница, како и изградбата на современата филтер станица во село Лисец. Со оваа капитална инвестиција од 4,5 милиони евра успеавме да обезбедиме дополнителни 200 l/s вода за граѓаните на Тетово.
Денес сме сведоци на паралелно решавање на неколку капитални проекти кои се во тек и кои се веќе во завршна фаза како: продолжувањето на бул. „Видое Смилевски-Бато“ кој, и покрај работењето во ковид услови, сепак, е во завршна фаза. Тука се и работите на бул. „Благоја Тоска“ кој, веднаш откако ќе ги завршиме работите за експропријацијата, веднаш ќе продолжат градежните работи на терен. Со продолжувањето на овие витални булевари решаваме еден децениски проблем со сообраќајниот метеж во градот.
Го формиравме Јавното претпријатие „Тетово транспорт” за јавен градски превоз и веќе ги поставивме и постројките низ градот, а автобусите ќе пристигнат во Тетово во рок од шест недели. Тука е и ИПА-проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води вреден 33 милиони евра, на кој се работи на расчистување на теренот, а кој ќе ги опфати отпадните води и од планинските села од Општина Тетово.
Се придвижуваат и работите за регионално решавање на проблемот со одлагањето на сметот во соработка со општините од Полошкиот плански регион во соработка со Швајцарската агенција за развој.
Исто така во прилог на руралниот развој и планинскиот туризам инвестиравме во изградба на патот во месноста Бањиче, како и изградба на пикник-местото и регулирање на термоминералните извори во ова туристичко-рекреативно место во близина на Тетово.
Набројав само неколку од главните проекти без да ги спомнам големиот број на помали реализирани проекти кои, исто така, се од големо значење за граѓаните бидејќи сметам дека тоа е наша обврска, да им го олесниме животот на граѓаните и да ги задоволиме сите услови за една модерена и функционална општина.
Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Тетово? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?
Т. Арифи: Вистински предизвик е да се работи во Општина Тетово ако се осврнеме на технолошките, правните, па и еколошките фактори, но сепак идентификувањето на сите компоненти за развој на општината е важен чекор во планирањето на идните активности, со цел да се ублажи или да се минимизира нивното негативно влијание врз развојот на руралните средини и квалитетот на живот во Општина Тетово. Во согласност со неколку истражувања кои сме ги направиле, преовладуваат силните страни и можностите за дејствување во насока на позитивен рурален развој на Општина Тетово наспроти слабите страни и заканите кои можат да предизвикаат значителни штети и да го отежнат животот во руралните месности. За да имаме просперитет сметам дека повеќе треба да ставиме акцент на можностите, отколку на поставување граници. Можности за развој имаме многу како што се: искористување на природните ресурси за развој на руралните средини, искористување на расположливите човечки ресурси, пристап до фондовите, развој на планински туризам итн.

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?
Т. Арифи: Следење на политиките на развиените земји и поедноставување на работите на релација централна − локална власт во смисла на олеснување на процедури и намалување на документации многу ќе значи за развојот на секоја општина. Кога велам следење на политики на развиени земји мислам и на корекции во законската регулатива со поголемо учество на мислењето на локалните самоуправи.
Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?
Т. Арифи: Децентрализацијата на власта можеби е еден од клучните фактори за развој на општините доколку сакаме да ги следиме примерите на развиените земји. Имајќи ја предвид големината на Општина Тетово, со процесот на децентрализација се отвора еден нова можност за подобрување на системот на локалната самоуправа и сметам дека дека нема реален локален развој и демократија без вистинска децентрализација која сама по себе значи унапредување на општините во сите сфери како: образование, социјала, урбанизам итн. Ставање акцент на што поскора фискална децентрализација преку која ќе се зголеми процентот на средства кои ќе останат во буџетот на општината, со што општината ќе може да им излезе во пресрет на реалните потреби и барања на граѓаните.
Дали има нешто што самата Општина Тетово може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, расходи и воопшто своето работење во иднина?
Т. Арифи: Буџетот на Општина Тетово се трудиме да го дизајнираме за да постигнеме успешно реализирање на нашите цели кои, се разбира, се во интерес на граѓаните. Со оглед на тоа што главните финансиски приливи на една општина се од наплата на даноци за имотите на граѓаните, преку наплата на тарифи и локални даноци, сепак, ако ги земеме предвид случувањата со ковид пандемијата која се рефлектира во платежната и економска моќ на граѓаните, се трудиме максимално да ги реализираме некои од позначајните капитални проекти на општинате преку самофинансирање, како и аплицирање во програми и грантови од Владата на РСМ. Потребно е поголемо искористување на фондовите кои ни се нудат од европските земји за кои, навистина, треба голем труд, но и сериозен пристап до ваквите извори на приходи.
Каква е комуникацијата на Општина Тетово со другите чинители како што се: граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?
Т. Арифи: Унапредување на економскиот развој и на деловното опкружување за кои основна стратешка цел е создавањето услови за развој. Видливи развојни резултати може да имаме само доколку успешно соработуваме со граѓаните и граѓанските организации и сите чинители на јавниот и деловен живот во општината. Максимално се трудиме да бидеме транспарентни и отворени за соработка преку организирање средби со сите нив. Позитивен пример за тоа е усвојувањето на годишни програми за поддршка на проекти од општествен интерес на кои може да се пријават граѓански организации регистрирани според Законот за здруженија и фондации, во чии рамки се финансираат локални проекти од областа на: културата, образованието, спортот и социјалната заштита. Распределбата на финансиските средства од буџетот на општината се врши преку јавен повик во кој се дефинираат областите од интерес, како и условите и потребните документи за докажување на капацитетот.
Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Тетово?
Т. Арифи: Главна цел на Општина Тетово е задоволни граѓани и квалитетни јавни услуги на локално ниво насочени кон обезбедување стабилни услови на функционирање, привлекување нови инвестиции, подобрување на инфраструктурата и просторните функции на градот, како и на целокупниот животен стандард на граѓаните.
Ви благодарам за интервјуто.
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2020г./јануари 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА - ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)