Финансии / Банкарство
Томеска: Приближување до преткризното ниво очекувам на крајот на 2021 година, а целосно враќање дури во 2022 година
Што очекуваат од 2021 година?
Марија Томеска претседател на УО на Еуролинк осигурување:
Очекувам година во која сè уште ќе се чувствува силно влијание од здравствената криза, па со тоа целата економија ќе биде во уште потешка состојба пред да почне да закрепнува. Почетокот од годината ќе биде во знак на намалена побарувачка, високи трансакциски трошоци и нарушени работни процеси поради сè уште високиот број на заболени. Во осигурителниот сектор ова ќе се одрази преку отежната наплата, но и намалена потреба за осигурителни решенија за бизнисите. Очекувам дека ќе опстои и намалената потреба за патничко осигурување и зелена карта, што беше сериозен удар за македонскиот осигурителен пазар. Поголем раст се очекува само во делот на приватното здравствено осигурување, имајќи ја предвид зголемената свест за придобивките од ова осигурување и новововедените даночни олеснувања.
Во вториот дел од годината, под услов на успешна имунизација, може да очекуваме отворање на границите и раздвижување во услужниот сектор и туризмот, што ќе поттикне благ раст во класите кои беа најсилно погодени, патничкото осигурување и автоодговорноста.
Осигурениците ќе очекуваат подобрени понуди, флексибилни планови за плаќање и стабилност во делот на сервисирање на побарувањата, така што приоритет за 2021 година треба да биде воведување нови продукти и вложување во нови технологии што може да придонесе за побрзо закрепнување и да поттикне раст.
Приближување до преткризното ниво очекувам на крајот на 2021 година, а целосно враќање дури во 2022 година.