Изгледа како клише, но навистина е така. Крајот на годината е секогаш време кога се средуваат сметките од годината што изминува и се позиционираат очекувањата за наредната година. Во тој контекст, што всушност да очекуваме за македонската економија во 2015 година? И кои се прашањата чии одговори ќе ни дадат важни информации за насоката во која ќе се движи македонската економија не само во наредната година, туку и во периодот што следува потоа?
Надворешен амбиент
Едно е сигурно. Живееме во време на незапаметена глобална неизвесност. Светот е во жесток судир, засега само вербален, со можни импликации за општата безбедност, но и во економски и ПР судир каков што одамна не е виден на релација САД – Русија. Се прекројуваат граници и сфери на влијание. Во игра се економски санкции од чии последици ниедна страна не останува поштедена. Брзорастечките економии се соочуваат со опасноста од одредено забавување на растот.








