Наташа Јаневска, советник за образование во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија
Пред една деценија, кога Комората почна да зборува за потребата од дуално образование како најефикасен модел за обезбедување кадар за потребите на бизнисот, сè уште беше загатка за многу сегменти во општеството. Денес претставува воспоставен модел во кој активно се вклучени околу 1 000 компании, 65 училишта со 875 дуални паралелки и 13 428 ученици. Ова се фактите со кои Комората го одбележува проектот „Образование по мерка на бизнисот“ како заокружен, кој е еден од трите приоритети на кои СКСМ им дава предност во дејствувањето заедно со извозот и регионалната соработка.
Кои чекори ги презеде Комората?
Во 2013 година, серија активности со фокус на интеграција на теоријата и на практиката преку учење, во училиштата и во компаниите, со што се менуваше перцепцијата за практичната обука.
Од 2014 година, заедно со компаниите и со другите чинители, работеше на модернизација на стручното образование. Изработени се над 350 стандарди на занимања, над 135 квалификации и 85 образовни програми.
Пресвртница претставува 2017 година кога започна пилот-проектот меѓу стручното училиште „Михајло Пупин“, Скопје и ЕВН Македонија. Во следните години моделот се прошируваше и од 5 компании во учебната 2018/2019 година, бројот на компании се зголеми на околу 1 000 во учебната 2025/2026 година, што ја потврди успешноста на моделот и визијата на Комората. Вложувавме и во подигање на квалитетот на практичната обука. Показателите се следни:
- обучени и сертифицирани 1 325 ментори во компаниите;
- верифицирани околу 200 компании за обезбедување услови за практична обука;
- флексибилни наставни програми и уписна политика со посилна улога на бизнис-секторот.
Со директно учество на Комората во новиот Закон за стручно образование и обука, дуалното образование доби и системска и законска рамка. Истовремено се работеше и на разбивање на стигмата дека стручното образование е избор со помала вредност преку организирање дигитални саеми, директна комуникација со ученици и родители и со промоција на успешни професионални приказни. И од 64 % во 2018/2019 година, денеска имаме речиси 72 % запишани ученици во стручно образование.
Дуалното образование се потврди како стратешки инструмент за развој на квалификуван кадар и затоа во наредниов период продолжуваме со зацврстување на квалитетот на средното стручно образование, но и на воведување стручно образование на универзитетите. Активностите ќе бидат насочени кон:
1 Средното стручно образование за:
- понатамошно подигнување на квалитетот на учењето преку работа, практична обука и
- зголемување на јавните инвестиции во стручното образование со цел трајно намалување на јазот меѓу понудата и побарувачката на вештини на пазарот на трудот.
2 Високото стручно образование ќе овозможи:
- поцврста и поодржлива соработка меѓу универзитетите и бизнис-заедницата,
- заедничко креирање на студиски програми и практични содржини и
- активно учество на компаниите во процесот на развој на кадар со високообразовни квалификации
На тој начин, дуалниот модел ќе стане клучен инструмент за обезбедување на високостручен кадар по мерка на пазарот на трудот и за јакнење на конкурентноста на економијата во целина.
Економија и бизнис, 15 март 2026г






