УГД – Штип, училиштето „Кочо Рацин“ од Свети Николе и три компании добија 500.000 евра грант од германската и швајцарската амбасада, за поврзување на образованието со стопанството.
Дуалното образование во земјава покажува значајни резултати, со активно учество на училиштата, факултетите и компаниите, како и со практична обука за учениците под менторство. Реформите во образованието се интензивираат, а обврската до крајот на 2026 година да се вклучат 700 компании во дуалното образование веќе е надмината, со повеќе од 800 активни компании. Интересот кај учениците исто така се зголемува, при што 66 проценти од средношколците се запишани во стручно образование, а околу 30 проценти од нив следат дуален модел.
– Индикаторот е исполнет, дури и надминат. Имаме меѓу 800 и 1000 компании вклучени во овој процес. Ова е многу значајно. Јас сум благодарна и на странските партнери и на Стопанската комора, затоа што и стопанството, но и образованието играат клучна улога во развој на земјата – рече Весна Јаневска, министерката за образование и наука, на денешниот настан во Стопанската комора.
На настанот учествуваа истакнати домашни и меѓународни партнери: Бранко Азески – претседател на Стопанската комора, Петра Дрекслер – амбасадорка на Сојузна Република Германија, Михал Харари – заменик шеф на мисија, амбасада на Швајцарија и Мориц Реме – директор на Канцеларијата на Германската банка за развој за Косово и Македонија.
– Коморскиот инвестициски форум ја смени целокупната слика во нашите размислувања. Мислам дека направивме многу за развој на бизнисот на Западниот Балкан. Најмногу на нашето поврзување и заеднички настап пред трети пазари, коишто го поттикнаа вработувањето на компаниите во сопствениот развој, изјави Азески.
Покрај за финансиските придонеси, амбасадорка Дрекслер се осврна на подлабоката мисија на Регионалниот фонд за предизвици – да негува вештини кои ќе осигурат дека Западен Балкан ќе остане витален и отпорен дел од европското семејство.
– Мораме да ги зајакнеме локалните економии, да инвестираме во вештини и да градиме синџири на снабдување кои се помалку ранливи на глобални нарушувања. Како Германија, заедно со Швајцарија, горди сме што го поддржуваме ова партнерство. Заедно градиме посилна Европа – рече Дрекслер.
– Соработката меѓу образовните институции и приватниот сектор им овозможува на младите да стекнат вештини што се усогласени со потребите на компаниите, отворајќи им пристап до поквалитетни работни места и создавајќи поконкурентен приватен сектор со квалификувана работна сила. Швајцарија останува посветена на соработката со Македонија во оваа насока –нагласи Харари.
– Влегуваме во ера обликувана од брзи технолошки промени, вклучувајќи го и подемот на вештачката интелигенција. Мислам дека во овој развој вештите работници остануваат не само релевантни, туку и неопходни. Иако вештачката интелигенција ја подобрува ефикасноста, таа не може да го замени практичното искуство, практичното расудување и човечката приспособливост во реални услови. Вештачката интелигенција сè повеќе ќе служи како алатка за поддршка на таквата работа, но нема да ја замени – рече Реме.
Годинашните резултати се вистинска потврда за влијанието што го има проектот: веќе се мобилизирани преку 7,63 милиони евра преку 17 проекти во земјата, поврзувајќи 91 компанија со установи за стручно образование и обуки. Но, зад бројките стои поширока приказна: опремување на новите генерации со професионални вештини усогласени со потребите на пазарот, беше речено на денесшниот настан во Стопанската комора на Северна Македонија.
Фото Економија и бизнис







