АЗЕСКИ: Очекуваме продлабочување на кризата, ние сме подготвени на секакви сценарија

Бизнисот очекува продлабочување на кризата и ако има потреба, од Владата ќе побара таргетирани мерки. Како што рече денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, засега ситуацијата е под контрола.

Тргетирани мерки, како што истакна Азески, би требало да се преземат согласно развојот на ситуацијата.

-Ако се погодени определени сектори, ако се погодени определени значајни гранки на стопанството без кои македонската економија не може да функционира, таргетирани мерки треба да бидат поставени. А за она што значи за граѓаните, тоа си е обврска на Владата и тука не се мешаме, дециден е Азески.

Негов став е дека во однос на мерките извозниците треба да имаат приоритет.

-Очекуваме продлабочување на кризата со оглед на информациите што ги слушаме секојдневно и кои можат да ја докомплицираат ситуацијата. Но, мислам дека имаме капацитет засега, заедно со Владата, да ја контролираме состојбата извесен период, а потоа, нормално, треба да се преземаат акции на повисоко ниво што ќе значат опстанок на економијата, истакна Азески, одговорајќи на новинарски прашања по доделувањето на грантот од 500.000 евра за УГД – Штип, училиштето „Кочо Рацин“ од Свети Николе и три компании.

Според него, ситуацијата сериозно се следи, а бизнисот е подготвен на секакви сценарија.

-Ние сме подготвени на секакви сценарија од 2008 година, бидејќи кризите не се завршени од тогаш. Компаниите се во постојана ситуација на напнатост и на тешка предвидливост што е најголемиот непријател за водење бизнис, особено во комплицирана состојба како сега, во моментот на геополитички преструктуирања кои влијаат и на континентот во кој живееме – во Европа, и на регионот во кој се наоѓаме, напомена Азески.

Тој укажа и дека војната во Украина која се уште не е завршена, има влијание врз работата на компаниите, особено ако се земе предвид дека 70 отсто од нив се ориентирани кон европските пазари.

-Ситуацијата е цело време многу сериозно следена, анализирана од наша страна. Предлагани се мерки, соработката со Владата е секојдневна. И понатаму очекуваме продлабочување на кризата. Разработени се и разгледани сите можни сценарија што може да настанат. Сериозни фирми членуваат во Комората и затоа, како асоцијација, имаме обврска да ја предвидиме состојбата во која се наоѓаме. Можам да кажам дека се можни такви развои на нештата, меѓутоа ќе се направи сè до нив да не дојде. Нашите можности да влијаеме се многу мали. Да, ќе побараме секогаш мерки кога се потребни. Да, тие мерки ќе бидат таргетирани, зашто мерките што општо важат и кои се приоритети на Комората остануваат, а тоа се: сериозна борба со корупцијата и сивата економија, брза гасификација на Македонија и директна поддршка за извозните компании. Тоа останува врвен приоритет за работа на Комората, потенцира Азески.

Македонските компании кои се постојано присутни во Стопанската комора, додаде Азески, веројатно претчувствуваат дека може да дојде до некакво непредвидливо сценарио.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано