Разговор со Горан Николоски, сопственик на Интеркредит Македонија и претставник на Coface
Во време на глобална неизвесност, термините „сигурност“ и „релевантност“ стануваат клучни за бизнисот. Како Интеркредит и Coface ја обезбедуваат оваа сигурност?
Г. Николоски: Во современото деловно опкружување, сигурноста не е повеќе конкурентска предност − таа е предуслов за опстанок. Компаниите што растат се оние што носат одлуки базирани на точни, на навремени и на проверени информации.
Преку партнерството меѓу Coface и Интеркредит, на македонските компании им овозможуваме директен пристап до глобални податоци, напредна аналитика и докажани механизми за управување со ризик. Coface, како глобален лидер со повеќе од 80 години искуство и присуство во над 100 земји, располага со база на податоци за повеќе од 240 милиони компании на над 200 пазари.
Интеркредит ја трансформира оваа глобална експертиза во локална вредност преку конкретни препораки, практична примена и поддршка, што на компаниите им овозможува да носат сигурни и стратешки одлуки.
Колку е важна проверката на деловните партнери пред почнување на соработка?
Г. Николоски: Проверката на деловните партнери е една од најкритичните точки во секој бизнис-однос, а честопати се занемарува. Најголемите загуби не доаѓаат од лоши стратегии, туку од погрешни партнери. Финансиските извештаи даваат основен увид во стабилноста на компанијата − приходи, трошоци, ликвидност и управување со ресурси. Но, во денешни услови, тоа е само почеток.
Преку платформата URBA360 на Coface, компаниите добиваат кредитни оценки, индустриски трендови и предвидувачки модели, што овозможува ризикот да се препознае однапред, а не откако ќе се случи.

Постои ли можност компаниите однапред да го проверат потенцијалниот соработник?
Г. Николоски: Апсолутно. Денес не постои оправдување за „работење на доверба“ без проверка. Со решенијата на Coface, компаниите добиваат целосен профил на потенцијалниот клиент − финансиска стабилност, историја на плаќања, кредитна способност, репутација и поврзаност со други компании. Ова не е само информација − ова е алатка за избегнување ризик и за носење сигурни деловни одлуки.

Глобалната економска измама и геополитичките ризици се сè поголем предизвик. Како компаниите можат да се заштитат во вакви услови?
Г. Николоски: Денешното деловно опкружување е обележано со економски и со сериозни геополитички ризици. Последните глобални настани, вклучително и војните и политичките тензии, јасно покажаа дека дел од ризиците не можат да се предвидат навреме, ниту целосно да се контролираат. Овие настани директно влијаат врз синџирите на снабдување, ликвидноста на компаниите, стабилноста на пазарите и способноста за плаќање на деловните партнери. Компаниите кои вчера биле стабилни денес може да се соочат со сериозни финансиски предизвици.
Во такви услови, клучно е компаниите да не се потпираат само на историски податоци, туку да користат алатки што овозможуваат континуирано следење на ризикот и навремена реакција. Решението лежи во комбинација на квалитетни податоци, напредна аналитика и активен пристап кон управување со ризик. Преку глобалните системи на Coface, компаниите добиваат ажурирани информации, процена на ризик и предупредувања, што овозможуваат да реагираат навреме.
Дополнително диверзификацијата на пазарите, осигурувањето на побарувањата и работа со проверени партнери стануваат клучни механизми за заштита. Всушност, поентата денес не е да се предвиди секој ризик, туку да се биде подготвен за него.
Наплатата на побарувања е чест проблем. Како им помагате на компаниите во овој сегмент?
Г. Николоски: Наплатата е една од најголемите слабости во работењето на компаниите и директно влијае врз ликвидноста. Според најновите анализи, дури 80 до 90 % од компаниите во Европа се соочуваат со доцнења во плаќањата, со просечно доцнење од 30 до 50 дена. Во одредени случаи, до 80 % од долгорочните побарувања никогаш не се наплатуваат. Ова јасно покажува дека наплатата не е само оперативен проблем, туку стратешки ризик.
Нашиот пристап е структуриран и резултатски ориентиран. Прво, преку превенција − со точна процена на ризик пред почнување на соработката. Второ, преку професионална наплата кога веќе постои проблем.
Coface, преку својата глобална мрежа, обезбедува брза и ефикасна наплата во различни јурисдикции, додека Интеркредит ја обезбедува локалната координација, директната комуникација и оперативната поддршка. Резултатот е јасен: побрза наплата, намален ризик и стабилна ликвидност.
Колку е важно осигурувањето на побарувањата во современото работење?
Г. Николоски: Осигурувањето на побарувањата е една од најмоќните алатки за управување со ризик. Тоа овозможува компаниите да се заштитат од загуби поради неплаќање и да ја зголемат предвидливоста на приходите. Coface нуди флексибилни решенија прилагодени на реалните потреби на компаниите, вклучувајќи и дополнителни покритија за специфични ризици. Со ова компаниите не само што се штитат туку и добиваат сигурност за раст.
Кога компанијата презема ризик за да го развие бизнисот, каква поддршка нудите во делот на осигурување на тој ризик?
Г. Николоски: Како застапници на Coface нудиме осигурување на побарувања − решение што директно го трансформира ризикот во контролирана категорија. Компаниите можат да ги осигураат своите фактури и побарувања. Доколку клиентот не плати − без разлика дали станува збор за банкрот, за финансиски проблем или за одбивање на плаќање − Coface го покрива тој ризик. Ова значи дека компанијата не го носи товарот сама. Наместо неизвесност, добива сигурност. Наместо ризик, добива стабилност.
Дополнително ова овозможува компаниите да влезат на нови пазари, да работат со поголеми клиенти и да понудат конкурентни услови без да ја загрозат ликвидноста.

Каква е улогата на Интеркредит во ова партнерство?
Г. Николоски: Интеркредит има клучна улога како локален партнер кој ги поврзува македонските компании со глобалните решенија на Coface и ги претвора во конкретна деловна предност. Покрај пристап до врвни алатки и податоци, нудиме директна поддршка, анализа и стратешко советување за компаниите не само да имаат информации туку и да знаат како да ги искористат во практика. Особено силен фокус ставаме на наплатата на побарувања каде што активно помагаме и во случаи со странски должници. Во ситуации кога компаниите се соочуваат со ненаплатени побарувања од странство, Интеркредит заедно со глобалната мрежа на Coface овозможува брза, структурирана и ефикасна наплата без потреба од сложени и долготрајни процедури. Ова значи реално намалување на ризикот и директно подобрување на ликвидноста. Со ова Интеркредит не е посредник, туку активен партнер во заштитата на приходите и во сигурното работење на компаниите.
Која е вашата порака до македонските компании во овој период?
Г. Николоски: Најголемиот ризик денес не е кризата, туку неподготвеноста. Компаниите што инвестираат во информации, во анализа и во заштита ќе бидат оние што ќе растат. Останатите ќе реагираат на проблеми наместо да ги контролираат. Со вистински алатки и партнери, ризикот станува управлив, а растот предвидлив.
Каде компаниите можат да добијат дополнителни информации за глобалните ризици и за трендовите?
Г. Николоски: Компаниите имаат можност да го преземат Coface Country Risk Handbook 2026 − сеопфатен извештај кој нуди анализа на ризици по земји и по индустрии, на економски перспективи и на деловни трендови на глобално ниво. Извештајот е достапен преку QR-код кој овозможува брз и едноставен пристап до релевантни информации.
Разговараше: Ќирко Бошкоски
Економија и бизнис, 01 април 2026г







