ИНТЕРВЈУ | Ношпал: НАШАТА ГЕНЕРАЦИЈА ИКС БЕШЕ СВЕДОК НА ЗЕНИТОТ И НА ЗАЛЕЗОТ НА ГОЛЕМИТЕ ДИЗАЈНЕРИ

Интервју со Александар Ношпал

Интервју со Александар Ношпал, дизајнер на костими за театар/балет и мода


Великаните на високата мода од минатиот век си заминаа, оставајќи зад себе непроценливо културно наследство, мајсторство и печат на една ера. Но, шоуто носи пари и мора да продолжи. Што покажаа досега новите генерации дизајнери?

А. Ношпал: Модата е феномен кој е тесно поврзан со временскиот аспект, односно актуелноста, таа прва ги отсликува промените во општеството, стиловите се менуваат во текот на историјата, креирани од богатата или владејачката класа. Со појавата на модните дизајнери како создавачи на стилот во облеката, нормална е и појавата на генерацискиот развој и промени. Нашата генерација икс беше сведок на зенитот и на залезот на големите дизајнери како Ибер де Живанши, Ив Сен Лоран, Карл Лагерфелд, Џорџо Армани, Валентино Гаравани. Бевме сведоци на големи генерациски, феноменолошки и продукциски промени во модата: појавата на комерцијални брендови, луксузните корпорации кои станаа сопственици на модните куќи ги ставија младите дизајнери во позиција на работна сила која треба да испорача не само естетика туку и одредена финансиски зацртана цел. Ретко кој од младите надежни и авангардни дизајнери од 80-тите, 90-тите и понатаму успеа да се одржи сам како бренд. Најчесто нивните имиња беа ставени под капата на луксузните корпорации притоа губејќи го правото на одлучување за сопствениот бренд, со ретки исклучоци.

Оттогаш сме сведоци на појава на генијални модни дизајнери кои оставија голем печат на денешната естетика, беа вклучени во модната елита, преземајќи ја позицијата на уметнички директори на големите модни куќи (Џон Галијано, Александар Меквин, Рикардо Тиши). Денес тие не се присутни, а како последователен процес е големата генерациска промена што се случи минатата и оваа година − најдрастичниот и најголемиот моден пресврт што се случил досега во модната индустрија. Во иста година, 15-тина нови дизајнери го преземаа лидерството, застанувајќи на чело на големите куќи − Матју Блази за Шанел, Џонатан Андерсон за Диор, Демна за Гучи, Пјерпаоло Пичоли за Баленсијага, Марија Грација Ќјури за Фенди, Сара Бартон за Живанши, Луиз Тротер за Ботега Венета, Мајкл Рајдер за Селин, Алесандро Микеле за Валентино, Џек Мекалаф и Лазаро Хернадез за Лоеве, Глен Мартенс за Мезон Марџела, Хајдер Акерман за Том Форд, Мерил Рог за Марни, Дјуран Лантинк за Жан Пол Готје и Грејс Вејлс Бонер за машката линија на Ермес.

Што е она што можеме да го наведеме како тренд под водството на новите дизајнери?

А. Ношпал: Враќањето кон занаетот и изработката: „максималистичкиот“ тренд го замени „тивкиот луксуз“ со прецизното кроење и изработка/доработка.

Фокусирање на нов моден регион: голем број од колекциите се креирани да задоволат еден голем нов моден пазар: азискиот, со посебен акцент на кинескиот, како моментално најголемиот потенцијален потрошувач на луксузната и на модната индустрија.

Акцентирање на суштинските карактеристики на стилот на модните брендови: дизајнерите ставија посебен акцент на архивските елементи, посебно на филозофијата на основачите на познатите модни куќи и нивниот стил и главните карактеристики.

Приоритет на ангажирање искусни таленти, вклучувајќи и внатрешни промоции и прераспределби во луксузните корпорации: одлучувачки фактор во оваа промена е ангажманот на талентирани дизајнери со докажано искуство на врвно ниво. Изборот паѓа генерално на креативци кои имаат капацитет да го разберат постоечкото наследство на брендот.

Женскиот глас во индустријата: индустријата почнува да им дава можност на женските дизајнери кои сосема и извонредно го оправдаа својот капацитет во луксузниот сегмент − Сара Бартон, Грација Марија Грација Ќјури, Луиз Тротер и Мерил Рог.

Главните промени на генерацијата се фокусирани на потенцирањето на идентитетот на брендот, квалитетот, враќањето кон корените, зголемувањето на профитот преку освојување нови пазари и влегување во нова ера на креативен авторитет.

Дали тие ја разбираат и дали успеваат да ја редефинираат луксузната индустрија?

А. Ношпал: Овде навлегуваме во субјективна анализа на дизајнерите и нивните потенцијали. Според моите импресии од првите колекции, многумина од нив немаат доволно ДНК за луксузна конфекција и за висока мода, што не го оспорува фактот дека се добри дизајнери.

Вториот впечаток е дека малкумина се подготвени да преземат лидерство на визуелно јасно профилиран моден бренд со прецизна историја и багаж. Ова не значи дека тие не ги користат архивите на брендот и препознатливите елементи кои го дефинираат, но едноставно имам впечаток дека финалниот производ е недоречен. Кај многумина парчињата како посебни производи се иновативни и имаат естетска и техничка издржаност, но во целина создаваат чуден спој и оставаат слаб впечаток за идентитетот на брендот. Но, делумно би се оградил до одреден степен бидејќи за да создадете став и критика потребно е да видите неколку сукцесивни колекции, а воедно и да ги почувствувате во живо парчињата во изложбените простори. Секоја промена има потреба од време за да се прифати. Но, тоа не значи дека не може да ги видиме капацитетот и афинитетот на дизајнерите. Ме разочарува на некој начин дека само неколку дизајнери веднаш успешно го инкорпорираа својот стил без да ја нарушат традицијата на брендот и да ги зголемат филозофските вредности. Многумина од нив „слепо“ ги вратија и ги „препрочитаа“ (дури и погрешно) најпродаваните модни парчиња низ историјата на брендот, без автентична доработка и креативен израз. Тоа остава впечаток дека недостасува кохерентна приказна и инспирација во колекциите, кое е заменето со бледо нафрлање на исконски елементи кои му даваат обележје на брендот.

Секако, има дизајнери кои изненадија со својата посветеност, поврзаност и длабока анализа на брендот кој го наследуваат или пак дизајнери кои продолжуваат да изненадуваат со нивната неисцрпна креативност и способност да се адаптираат, односно да го инкорпорираат својот стил во крвната слика на модната куќа.

Што се однесува до редефиницијата на луксузната индустрија, дефинитивно постои и е многу изразена, пред сè поради промена на целните групи на потрошувачите и насочување на нова географска територија во модата.

Комплетната смена на генерации која се интензивираше минатата година започна пред неколку сезони со спектакуларното враќање на сцена на куќата Скјапарели. Благодарение на перфектниот спој на наследството и културата на куќата со големо историско влијание и креативноста на Тексашанецот Даниел Розбери, бевме сведоци на нов здив, враќање на креативноста во луксузната индустрија. Оваа смена продолжи понатаму во сите големи куќи, па како ова се одразува врз современата мода?

А. Ношпал: Даниел Розбери е големо откритие, изненадување и освежување на светската модна сцена. Тој е според мене најеминентното име моментално на сцената на високата мода. Скјапарели историски претставува култен бренд, авангардна куќа која дефинитивно ги има поместено границите на модната естетика во минатиот век. Елза Скјапарели е првиот уметник надреалист во модната историја, нејзиното наследство е моќно, оригинално и автентично. Беше голема неправда овој бренд да стои долги години завиткан во пајажина и во заборав. Розбери како да ја чекаше оваа прилика и, како што самиот вели, после години без работа го доби овој ангажман. Кротко, систематски, полека, но сигурно, колекција по колекција изненадуваше и го градеше повторно брендот, потпирајќи се на главните постулати на Елза, но проткаени не само со актуелност туку и со луксуз. Со „големата промена“ на дизајнерите минатата и оваа година, а после смртта на Армани и на Валентино, оваа сезона Розбери беше прогласен за „вистинскиот, доследен ветеран на париската висока мода“. Тој покажа и докажа скромно, но силно, дека високата мода може да се редефинира и да продолжи да живее без да изгуби елеганција, линија, форма, пропорција и занаетчиска изработка. Тој постави нова естетика без да ја отфрли и наруши старата. Едноставно им постави домашна задача на сите нови дизајнери, па дури и на модните корпорации, потврдувајќи ја теоријата дека профитот не е во квантитетот, туку во квалитетот и дека дури и високата мода може сè уште да биде многу профитабилна ако е издржана, минуциозно изработена, елегантна, дури и со не толку функционални, но прогресивно воодушевувачки елементи. Појавата на Розбери направи голем пресврт и влијание и голема главоболка за модните корпорации (посебно ЛВМХ и КЕРИНГ) бидејќи куќата Скјапарели не припаѓа на ниедна од нив, а денес претставува лидер во луксузната индустрија и ги поставува модните трендови.

Веќе сме на ¼ од овој век. Глобализацијата и ултрабрзата мода донесоа комерцијализација која неминовно ги поклопи креативноста и свежината во индустријата. Период на стагнација, масовно копирање и здодевност беа карактеристични за годините пред пандемијата. Како се разликува 2016 од 2026 година?

А. Ношпал: Последната сезона пролет/лето 2026 на висока мода беше изненадувачки оскудна поради отсуство на многу брендови на висока мода. На официјалната листа се најдоа 28 имиња како Диор, Шанел, Армани Приве, Валентино, Скјапарели, Роберт Вун, Стефан Ролан, Ели Сааб и други познати имиња, кои ја имаат изгубена важноста како влијателни имиња во иновативна смисла.

Ако споредиме со листата од 2016 година, бројката е приближна, но постои голема разлика во квалитативна смисла. Имињата кои недостасуваат беа круцијални во поставувањето на новитет и екстремно важни во одржувањето и во развојот на техниките и на занаетот на високата мода (Готје Пари, Мезон Марџела, Ателје Версаче, Александер Вотје). Ги нема ниту Баленсијага, Живанши, Ланвин, Вионе и Алаја, куќи кои се битни во опстојувањето и во задржувањето на париската висока мода.

Што се однесува до квалитативниот елемент, лично за мене одамна како да се изгубени сјајот и жарот во исчекувањето на ревиите: ретко гледаме дизајнери кои имаат потенцијал да дадат финален допир на производот за да може да го почувствуваме како луксузен, иако во техничкиот, занаетчискиот дел тој е издржан, разработен и оправдан. Но, естетски…??? Бледо, несигурно и невпечатливо, посебно во споредба со дамнешните ревии на Галиано за Диор, Меквин за Живанши, Готје, Муглер, кои беа празник за очи, целосно доживување на сите сетила, експлозија на креативност и непресушна ризница на нови, иновативни артизанатски техники.

Единствените ревии кои, според мене, се издвојуваат оваа сезона на висока мода во вистинска смисла и во целина се само на неколкумина: Скјапарели и Роберт Вун.

Покрај модниот дизајн, зад вас стои и успешна кариера како костимограф. Неодамна имавте големо признание со костимите за претставата „Мајката Гуска“ во кореографија на Мартин Шекс, од 2023 година, кои беа изложени во Операта Гарние, Париз. Дали може да се прави споредба меѓу модниот дизајн и дизајнот на костими? Кој сегмент ви носи повеќе уживање?

А. Ношпал: Секако дека постои разлика меѓу театарскиот и модниот дизајн, таа е суштествена во самиот пристап: дизајнот во театарот е тимска работа, главен збор има режисерот кој на свој начин дава насока на видување и градење на визуелниот идентитет, можеби не толку временски, просторно и концептуално, колку што драматуршки, мизансценски. Но, посуштествено е тоа што театарскиот костим не е наменет за секојдневно носење, односно нема цел да е актуелен, туку неговиот основен приоритет е да отслика епоха, карактер, амбиент…

Од друга страна, главна карактеристика на модата е актуелноста, комерцијалноста, продажбата. Слободата во одбирање на тема или приказна е целосно на дизајнерот, но сепак е ставена во рамките на она што треба да се носи и да се продаде, освен во високата мода која затоа има многу допирни точки со дизајнирањето на театарски костим.

Но, дизајнирањето на балетски костим е сосема друга категорија, специфична поради тоа што изразот, јазикот − е движењето на телото, а костимот како неделив сегмент од човечкото тело мора да биде во согласност со таа функција. Затоа дизајнирањето на балетски костим е предизвик бидејќи визуелно треба да ја има тежината, а во суштина треба да е адаптибилен, лесен за носење, функционален и практичен. Токму тоа беше предизвикот да се направат костимите за „Мајката Гуска“ во Париската опера во оригами техника, која воедно изгледа масивно, а ја има леснотијата за танцување. Тоа не беше само мој предизвик, туку и на самите ателјеа кои го имаат статусот на ателјеа на висока мода на национално ниво во Франција и, секако, за кои треба секој костимограф или дизајнер детално и темелно технички да се подготви.
Сепак, денес границата меѓу модниот дизајн и театарскиот костим е многу тенка бидејќи во осовременување на класичните текстови со безвременска порака се бара актуелниот дизајнерски израз на времето во кое живееме. Затоа многумина од театарските дизајнери се денес и модни дизајнери, а истакнати модни дизајнери го градат своето портфолио во театарскиот и во филмскиот свет.

Разговараше: Лидија Героргиева
Економија и бизнис, 15 март 2026г

Повеќе од истиот автор

Најчитано