Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ треба активно да излезе на пазарот и да го монетизира своето знаење, смета кандидатот за ректор Дарко Данев, во интервјуто за Економија и бизнис
Тој предлага диверзификација на изворите на финансирање преку комерцијализација на лаборатории, експертиза и воведување платени курсеви за преквалификација и дообука.
„Не смееме да зависиме само од буџетот. УКИМ може да нуди услуги – од преводи и анализи до обуки за компании и администрација“, вели Данев.
Во неговата програма е предвидено и намалување на давачките на факултетите кон Универзитетот од 5% на 3%, со цел поголема ефикасност и доверба.
Дополнително, Данев предлага формирање бизнис-совет составен од водечки компании, кои ќе учествуваат во креирање на студиски програми и финансирање на образованието.
Како дел од развојната визија, тој го истакнува и научно-технолошкиот парк и стартап инкубаторот, кои треба да го трансформираат УКИМ во „фабрика за нови компании“.







