Интервју | Даријан Трајанов: Победничкиот менталитет како основа за личен и професионален успех!

Интервју со Даријан Трајанов, автор на проектот: ,,Јас Можам – Создавање победнички менталитет’’
Интервју со Даријан Трајанов

Во време на брзи промени, високи очекувања и постојан притисок, способноста да се остане ментално и физички здрав, фокусиран и истраен станува клучна за успех — во секој аспект на животот. Неуспесите, падовите и грешките не се спротивност на успехот, туку негов составен дел. Прашањето не е дали ќе се соочиме со предизвиците, туку како ќе одговориме на нив.

Токму од оваа перспектива произлегува проектот „Јас Можам – Создавање победнички менталитет“, иницијатива која има за цел да поттикне градење на победнички менталитет, здрави навики и работа на личниот развој кај младите. Автор на проектот е Даријан Трајанов – магистер по јавно здравје.


Даријан, долго време посветено работите на промоција на менталното и физичкото здравје кај луѓето, со посебен фокус на младите. Што ве поттикна да работите во оваа област?

Д. Трајанов: Грижата за здравјето треба да биде главен приоритет на секој поединец, општеството и заедницата! Не можеме да говориме за резултати и професионален успех без да се посвети внимание на промоција на здравјето. Физичкото и менталното здравје се основа врз која се градат животот, развојот и успехот кај секоја индивидуа, без разлика на возраста и областа во која делува. Мојата мотивација произлегува од сè поизразените предизвици со кои се соочува современиот човек, а особено младите – зголемени стапки на физичка неактивност, навиките во исхраната, прекумерна телесна тежина, седентарен начин на живот, како и сè почести проблеми поврзани со менталното здравје.

Преку моето образование и професионално искуство, јасно увидов дека овие состојби не се изолирани, туку се директно поврзани со начинот на живот и навиките што ги градиме секојдневно. Токму затоа одлучив да се посветам на промоција на менталното и физичкото здравје – со цел да придонесам кон подигање на свеста, едукација и поттикнување на позитивни промени, особено кај младите.

Автор сте на проектот: ,,Јас Можам – Создавање победнички менталитет’’. Име кое што инспирира и мотивира. Која е главната цел на вашиот проект – ,,Јас Можам’’?

Д. Трајанов: Ви благодарам! „Јас Можам“ не е само поим кој што мотивира — тоа е начин на размислување и начин на живот. Целта на проектот е да придонесе кон промоција на менталното здравје, градење на победнички менталитет, здрави животни навики и личен развој кај младите. Победничкиот менталитет не се мери само според резултатот, туку со способноста да продолжиме напред и во најтешките моменти, да работиме на себе, да се грижиме за своето здравје, да учиме од грешките, да ги почитуваме останатите, но и себе си исто така, да бидеме упорни и да веруваме во себе!

Даријан, ги споменавте младите – зошто баш овој проект е насочен токму кон нив?

Д. Трајанов: Младите луѓе се иднината на секоја една нацијa. Во денешно време младите се соочуваат со огромен број можности, но и со голем притисок. Динамичниот начин на лично и професионално делување, социјалните мрежи и високите очекувања создаваат чувство дека мора сè да се постигне веднаш и без грешки. Токму тука се јавува стравот од неуспех и недовербата во себе – Што ако згрешам, Што ако не успеам, Што ќе кажат другите за мене.. Затоа „Јас Можам“ има за цел да им покаже на младите дека неуспехот е дел од процесот, а не крај на патот. И дека секој неуспех е лекција која ќе не научи како да стигнеме до нашиот следен успех!  Ова ќе биде пренесено преку панел дискусии со успешни личности од спортот, бизнисот, медицината и други области каде што младите добиваат реални примери како се создава победничкиот менталитет — чекор по чекор.

Даријан, еден дел од вашата работа е насочен и кон промоција на спортот – колку е значајно градењето на победнички менталитет кај спортистите и на кој начин иницијативата ,,Јас Можам’’ придонесува во тој процес?

Спортот има исклучително важна улога во развојот на младите бидејќи претставува основа за стекнување здрави навики и градење на вистински вредности. Преку спортот, младите учат што значи дисциплина, посветеност, одговорност и тимска работа – вредности кои се темел за секој понатамошен успех.

Воедно, спортот има големо позитивно влијание врз степенот на социјализација, каде што младите градат пријателства, учат да комуницираат, да соработуваат и да се почитуваат.

На овој начин се гради победничкиот менталитет – способноста да веруваш во себе, да ги почитуваш останатите, да останеш фокусиран, да работиш на себе, да се издигнеш по неуспех и да продолжиш напред. Ова е особено важно за младите спортисти, но и за оние кои се во професионалниот спорт. Спортистите не се машини и тие се луѓе. Минуваат низ тежок пат за да стигнат до успехот. Тој пат некои од нив успешно го минуваат, но за жал некои се откажуваат. За таа цел од огромна важност е поддршката од семејството, општеството и институциите кои што работат во соодветната област. Креирањето на долгорочни и одржливи политики, програми и стратегии претставуваат важен фактор во создавањето на физичко и ментално здрави индивидуи. Вклучувањето на стручен кадар составен од врвни: спортски психолози, нутриционисти, професионалци за физичка подготовка, физиотерапевти, научници, медицински работници, тренери, лица одговорни за организација и спортски менаџмент, мора да биде дел од создавањето на еден систем кој што успешно ќе функционира. Успеваат оние општества и заеднци кои што имаат јасно дефинирани цели, системи и процеси на работа, кои за жал во нашата држава ги нема во целост. Спортот е најголемиот амбасадор на една нација и најдобриот едукатор за стекнување на вистинските вредности.

Затоа, проектот „Јас Можам – Создавање победнички менталитет“ има огромно значење, бидејќи создава простор каде младите можат да слушнат реални искуства, да добијат совети и да работат на себе – не само како спортисти, туку и како личности.

Во вашата работа посебно внимание посветувате на промоција на менталното здравје. Што за вас значи менталното здравје и дали тоа е навистина толку важно за личниот и професионален развој?

Д. Трајанов: Истражувањата покажуваат дека се поголем број луѓе, млади од различни професии се соочуваат со депресија, анксиозност, стрес и burnout. Ова е тажна реалност со која соочува светот, но и Македонија. И за таа цел треба многу сериозно да се пристапи и да се работи на промоција на менталното здрајве кај луѓето. За мене менталното здравје подразбира да имаме способност да се соочиме со предизвиците, со тешките моменти, да носиме одлуки и да поставиме баланс помеѓу личниот и професионален живот. Кога сме ментално стабилни, можеме поуспешно да ги надминеме препреките, да останеме фокусирани и да напредуваме — како поединци и како професионалци секој во својата област. Општеството и институциите мора да бидат уште повеќе насочени кон примена на континуирани и долгорочни политики и активности за унапредување на менталното здравје кај младите. Посебно сакам да напоменам дека семејството е основата за стекнување на првите чекори во градењето на психо-физички здрави поединци, каде што треба да се работи на воспоставување на еден отворен однос на комуникација помеѓу родителите и децата, отворено да се разговара за се што децата и младите минуваат во текот на својот развој. Понатаму тоа да се пренесе во образовните институции: основни, средни училишта и факултети каде што повторно директено и отворено ќе се разговара и ќе се применуваат различни знаења и практики од стручни лица од областа на психологијата и физичкото здравје.

Даријан, дали овој проект го гледате како една регионална иницијатива која што во иднина ќе инспирира многу млади луѓе ширум регионот?

Д. Трајанов: Искрено посакувам и верувам дека овој проект еден ден би можел да биде регионално препознаен помеѓу младите. Можеби сеуште е премногу рано да се говори на оваа тема, сепак ова е само почеток. Сигурен сум дека потребата за вакви иницијативи не постои само кај нас, туку и во целиот регион. Чекор по чекор, со труд и јасна визија, целта е „Јас Можам“ да прерасне во платформа која ќе инспирира и ќе создава вредност за младите во Македонија, но и пошироко.

Даријан, пред самиот крај на нашето интервју – која би била пораката која што би сакале да ја испратите пред нашите почитувани читатели?

Д. Трајанов: Најпрво би сакал да се заблагодарам за интервјуто и за можноста! Успехот не доаѓа преку ноќ. Тој се гради преку работа на себе, грижа за здравјето и континуиран личен развој. Најважно е да разбереме дека неуспесите се дел од процесот. Победничкиот менталитет не се создава кога победуваме — туку кога не се откажуваме. Затоа, без разлика на предизвиците: Верувајте во себе. Работете на себе. И секој ден потсетувајте се — Јас Можам.

Повеќе од истиот автор

Најчитано