„Убавото најмногу е во изгледот, но постои и во звуците, во составувањата на зборовите, а и во сите видови музика бидејќи песните и ритмите се убави. Но, има и убави обичаи, дела, својства, знаења, та и убавина на доблестите кои од светот на сетилата креваат кон она што е горе“, пишува Платон во делото „Хипија Помалиот“. Што е убаво? Може ли да се дефинира убавото како супстрат на убaвината? И дали таа суштина е објективна или субјективна, чувство ли е убавото или размисла…? Низ историјата многумина философи пишувале за убавото. Еден од нив е Умберто Еко (1932 – 2016), италијански писател, философ, семиотичар и есеист. Во 2004 г. го издава делото „Историја на убавината“ (Storia della bellezza) во кое низ илустрации на уметнички дела и историски забелешки и записи истражува како различни култури и епохи ја дефинирале убавината − дава еден вид енциклопедиски преглед на концептот на убавото во кое опфаќа теми како на пример: убавината на природата, убавината на човечкото тело, убавината на небесните тела, накитот како украс, стилската убавина на облеката, па дури прикажува и етички концепти и прашања кои се однесуваат на богот и на ѓаволот како симболи на доброто и на злото каде што моралното добро е бог, кој е убав, а злото − грдо.
Уште во античката епоха питагорејците се првите мислители кои го одредиле убавото како хармонија и симетрија во добра мера на сооднос и на пропорција. Подоцна во хеленскиот свет идеалот на доброто и на убавото попознат во стручната литература како „калогагатија“ или во превод од старогрчки kalos − убав и agathos − добар е во значење ‘тоа што е убаво е и добро, и обратно, доброто е убаво’. За идеалот пишувале Платон и Аристотел. Првиот во делата „Гозба“ и „Федар“ љубовта ја поврзува со телесната убавина која постепено води кон повисоката форма на духовна убавина, па кон убавина на душата и конечно кон апсолутната „идеја за убавото“. А вториот, во делата „Поетика“ и „Никомахова етика“, убавината ја поврзува со редот, со хармонијата и со пропорцијата, но и со моралното живеење и доблеста како синоним за мера и за убавина. Во средниот век, за суштината на убавото пишуваат Плотин, Августин, Тома Аквински итн. И дури во 18 век, Едмунд Берк (1729 – 1797) во делото „За возвишеното и убавото“ (A Philosophical Enquiry into the Origin of Our Ideas of the Sublime and Beautiful, 1757) ќе направи јасна дистинкција меѓу тоа што е убаво, а што возвишено. Берк убавото го поврзува со хармонија, со нежност, со пропорција и со мекост − нешто што предизвикува љубов и задоволство, а возвишеното, спротивно, го поврзува со големина, со опасност, со моќ, со темнина, со строгост − што само по себе буди и предизвикува стравопочит. Не се знае дали делото му било познато на Кант, но секако некоја година подоцна (1764) и тој напишал дело со наслов „Набљудување на чувството за убавина и возвишеност“ каде што низ природата на човечката суштина и низ призмата на половите ни ја раскажува согледбата за убавото и за возвишеното. Иако од денешна перспектива неговите забелешки би се оцениле како стереоти, сепак психолошкиот профил на половите длабоко ја отсликува нивната природна специфика. Според него, по својата природа половите се комплементарни − жената е поубавиот пол во однос на мажот чија суштина, пак, е благородна. Жената ја поседува таа рафинираност и нежност во нејзините црти, има повеќе инстинктивно чувство за сето она што е убаво, стилски и орнаментно, а ова чувство го поседуваат дури и девојчињата кои од најмала возраст покажуваат желба за дотерување и за красење. Жената има централно место во животот на мажот и таа знае и умее да ја рафинира машката природа − да ги спречи злите намери и дела не затоа што не се во ред − туку едноставно затоа што се грди. Машките квалитети Кант ги поврзува со благородното − за еден маж може да се суди дека е добар доколку делата и однесувањето му се возвишени и во континуитет консеквентни и во согласност со ставовите и со принципите. Иако во младоста мажите се непослушни, несмасни, збунети и диви, подоцна во возраста немилосрдно ги надминуваат тешкотиите и им се својствени само ним, на машкиот принцип.
Убавото во уметноста или убавата уметност е засебно поглавје во феноменот на убавото и е дефинирано уште во предхомеровското време во антиката како подражавање на стварноста (ст.грч. mimesis). Во уметничка смисла оваа идеја сугерира дека уметноста ја имитира, ја пресликува и ја поддржува стварноста. За илустрација ќе го земам делото на германскиот сликар Фридрих Мориц Август Риц, Шахисти (Die Schachspieler), дело од почетокот на 19 век, каде што е прикажана драматична шаховска игра меѓу ѓаволот и човекот. На едната страна се црните фигури со кои игра ѓаволот, кој е многу самоуверен и арогантен, а на другата со белите фигури на човекот (кој е симбол на човештвото) и кој е обесхрабрен и очајно замислен над потегот во играта. Над него сепак бдее ангелот чувар како сведок, кој смирено ја следи ситуацијата. Тој е скриениот адут, симбол на надеж, вера и поддршка на човечката слабост во искушенија. „Животот на сликата“ на Риц во популарната литература доживува продолжение − имено, според некои извори во списанието Columbia Chess Chronicle е објавена приказна според која наводно шахистот Пол Морфи гледајќи ја репродукцијата и студирајќи ја партијата изјавил дека партијата не е изгубена. Извикал − кралот има уште еден потег! − по што е преименувана сликата. Според другата верзија се спомнува името на шахистот Боби Фишер, но како и да е, поентата е оптимистичка, позитивна и надежна за човештвото. Убавината, пишува Достоевски, ќе го спаси светот. И не мисли само на „онаа убава за око“, туку на духовната и на моралната убавина. Таа е на шаховскиот потег.







