Организаторот на „Евровизија“ почна потрага по исчезнати архивски снимки од две од неговите најрани изданија. Имено, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) вчера соопшти дека не поседува комплетни снимки од инаугуративниот натпревар во 1956 година во Лугано, Швајцарија, како и од изданието од 1964. во Копенхаген, Данска.
Националните радиодифузери одговорни за телевизиските преноси, исто така, првично не можеа да ги пронајдат целосните снимки. Во архивите на Швајцарското радиодифузно здружение е зачувана само снимка од швајцарската победничка Лис Асија од натпреварот во 1956 година.
„Сега, потрагата е во тек – каде и да се кријат во светот“, се вели во соопштението на ЕБУ од Женева. „Дури и најмалиот клип би можел да помогне да се вратат во живот овие историски преноси.“
Исчезнатите снимки би можеле да се зачувани во приватни колекции, архиви на радиодифузери, или стари филмски ролни.
Во меѓувреме, финскиот радиодифузер „Иле“ пронајде во своите архиви снимка од 16-годишната италијанска победничка Џиљола Чинкети од натпреварот во Копенхаген.
ЕБУ годинава ја одбележува 70-годишнината од музичкиот натпревар.
Со исклучок на 2020 година, кога настанот беше откажан поради Ковид-пандемијата, натпреварот се одржува секоја година. Годинашното издание достигна публика од 166 милиони гледачи, според ЕБУ. Следниот натпревар ќе се одржи во Виена, а големото финале е закажано за 16 мај.
извор МИА







