Тодоровски: Без точно дефинирана фреквенција, енергетскиот систем може да се распадне, фреквенцијата во системот мора да биде 50 херци

Енергетската транзиција, не само за Македонија, општо гледано во целиот свет, значи напуштање на фосилните горива, на термоцентралите кои се на јаглен или на гас, тие сè помалку ќе ги има. Кај нас само во последните пет години се направени 1.200 мегавати фотоволтаични централи. Тоа е толку многу колку што било направено претходно во претходните 50 години при изградбата на нашиот систем. Значи, сега треба да се научиме да управуваме со нов тип на електроенергетски систем – рече новоизбраниот дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, проф. д-р Мирко Тодоровски, од Факултетот за електротехника и информациски технологии, кој одржа предавање на тема „Електроенергетски системи во ера на енергетска транзиција – очекувани предизвици“. 

Тој посочи дека најголем предизвик ќе биде регулацијата на фреквенцијата. Фреквенцијата во системот, појасни, мора да биде 50 херци.

– Во Европа, во Америка, е 60, во Јапонија во некои делови е 60… Таа мора да биде фиксна. Без точно дефинирана фреквенција, системот може да се распадне. Пример за распад на таков систем е оној од Шпанија од минатата година од април. Таму се случила сосема банална причина што довела до распад на системот – посочи Тодоровски.

Според него, треба да се преземат мерки однапред за тоа да не се случи. ​Во врска со тоа дали неговите предлози ќе наидат на реализација рече дека се надева дека ќе биде така. 

– Имав еден американски патент токму за еден од проблемите за кои денеска ќе зборувам. Сакам да истакнам некои проблеми кои може да се појават во процесот на ширење на системот со вакви типови на извори на енергија. Тие не се лоши, не сакам да ги оцрнувам по ниеден основ, само треба да се внимава малку повеќе отколку во претходниот период бодејќи системот не е веќе истиот. Луѓето биле научени 100 години да биде системот воден на еден начин, и сега во последните десет години се појавува потреба да се води на целосно други начин, додаде Тодоровски. 

Поранешниот претседател на МАНУ, академик Љупчо Коцарев рече дека Тодоровски во 2005 година е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите во Одделението за технички науки и досега има објавено над 130 научни трудови, од кои 30 се објавени во меѓународни научни списанија со фактор на влијание, 21 во други научни списанија, 20 во зборници на меѓународни конференции и 59 во зборници на домашни конференции. ​Од трудовите во списанија со фактор на влијание, 16 се објавени во списанија на престижниот Институт на инженери по електротехника (IEEE).

Според тематиката, потенцира Коцарев, неговите научни истражувања опфаќаат повеќе области: енергетско планирање, анализа и оптимизација на електроенергетски мрежи, стабилност на електроенергетски системи, и применета електромагнетика. ​Тој ги истакна применетите резултати од неговата научно-истражувачка работа.

– Професор Тодоровски е еден од соработниците во развојот на отворениот софтверски пакет Matpower, широко прифатена платформа за анализа на електроенергетски системи. Особено е значајно што е коавтор на американски патент во кој е предложена стратегија за управување со размена на електричната енергија меѓу батериските системи и електроенергетската мрежа со цел подобрување на стабилноста на системот. ​Тој остварува и континуирана соработка со стопанството. Од 2013 година е заменик-раководител на Инспекциското тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема на ФЕИТ, а од 2017 година раководи со Одделот за висок напон и високонапонска опрема. Во периодот од септември 2017 до октомври 2023 година бил раководител на лабораторијата за висок напон при ФЕИТ, истакна Коцарев.

Тој рече дека покрај овие активности, професорот Тодоровски учествувал во изработка на бројни студии и консултантски услуги за потребите на електроенергетските компании во нашата земја, раководел или учествувал во 15 научно-истражувачки проекти финансирани од меѓународни извори, вклучен е во наставата на сите три циклуси студии на ФЕИТ, автор и коавтор е на три универзитетски учебници, а двајца од неговите докторанти се професори на ФЕИТ, а еден на Електротехничкиот факултет (ЕТФ) во Штип.
 
– Од 2019 година до 2023 година бил раководител на студиската програма на третиот циклус студии на ФЕИТ, а од 2023 година е раководител на Институтот за преносни електроенергетски системи на ФЕИТ. ​Претседател е на Студискиот комитет Ц4 Технички карактеристики и анализа на системот при Мако цигре, член е на меѓународната организација за големи електроенергетски системи Цигре, како и на американската асоцијација IEEE, каде има статус senior member. Во 2003 година ја добил наградата за најуспешен млад научник од Фондот „Вита Поп-Јорданова“ при МАНУ. Во 2014 година е добитник на наградата за најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за постигнати врвни резултати од научно-истражувачката дејност, додаде Коцарев.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано