ЛОГИСТИКАТА КАКО СТРАТЕШКА ПРЕДНОСТ: НОВИ ЗНАЕЊА ЗА ИЗВОЗНО ОРИЕНТИРАНИТЕ КОМПАНИИ

Швајцарската комора на Северна Македонија – СвисЧам МК и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), поддржани од MSC Македонија, реализираа Reefer Master Class на тема „Најнови трендови и практики во фриго логистиката“ за унапредување на извозната конкурентност на домашните компании.

Настанот ги обедини претставниците на извозно ориентирани компании, логистички експерти и институции, како и компании со амбиција за излез на странски пазари, со цел размена на практични знаења за оптимизација на логистичките процеси, управување со ризици и унапредување на ефикасноста во синџирите на снабдување.

Во воведниот дел се обратија гѓа Сања Радовановиќ, извршна директорка на MSC Македонија и заменик претседателка на СвисЧам МК, и гѓа Михал Харари, заменик шеф на мисија во Амбасадата на Швајцарија. Стручно предавање одржа гѓа Љиљана Лукиќ, призната експертка и специјалистка за логистика со долгогодишно искуство од MSC Србија додека г. Драган Ивановски, началник на одделение за царинска тарифа, потекло и царинска вредност на стока се задржа на институционалните аспекти за олеснување на извозните постапки.

Сања Радовановиќ, извршна директорка на MSC Македонија и заменик претседателка на СвисЧам МК, истакна
„Логистиката денес не е само поддршка на бизнисот, таа е стратешка предност. Идејата зад соработката меѓу СвисЧам МК и MSC е преку едукација и размена на знаење е да им се помогне на компаниите кои извезуваат, но и на оние кои планираат да извезуваат да ги намалат трошоците и да обезбедат сигурност во испораките, особено кога станува збор за производи кои се чувствителни на температурни промени при транспортот. СвисЧам МК голем дел од своето работење ќе го посвети токму на поттикнување и засилување на извозната ориентација на компаниите.“

Како што потенцираше Михал Харари, Заменик шеф на мисија во Амбасадата на Швајцарија, „СвисЧам МК, претставува значајна платформа за градење партнерства и отворање нови можности за трговија преку синергија со програмите поддржани од Швајцарската амбасада, како што е Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, кои придонесуваат за зголемување на конкурентноста.“

Во фокусот на дискусијата беа современите решенија за транспорт на температурно-чувствителни производи, како и улогата на глобалните логистички системи во отворање на нови пазари за македонските компании, имајќи предвид дека MSC како глобален лидер опслужува над 300 рути и 520 пристаништа ширум светот.

Љиљана Лукиќ од MSC Србија, нагласи „Клучот за успешен извоз на температурно чувствителни производи е постојаноста на температурата и влажноста на воздухот при транспортот, каде и мали отстапувања можат да доведат до значителни загуби кај компаниите. Правилното управување со ладилните контејнери и мониторингот во реално време, се само дел од современите решенија. За клиентите овој пристап значи зголемена ефикасност и отчетност за климатски одржливи решенија во еден сегмент од ланецот на снабдување.“

Исто така, новите дигитални решенија за следење на извозните постапки беа презентирани како важен инструмент за зголемување на ефикасноста и транспарентноста во логистичкиот синџир. Особено беше истакната и улогата на царинските служби во олеснување на меѓународната трговија и примената за дигитализирани алатки за ефикасност и транспарентност на царински процедури, клучни за побрз проток на стоки, намалување на административните бариери и зголемување на конкурентноста на извозниците.

Присутните потенцираа дека зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, особено преку извоз, треба да се темели на пристап до знаење и современи практики. Во таа насока го поздравија изборот на Гевгелија како локација за одржување на мастер класот е наменски, имајќи предвид дека јужниот регион претставува значаен центар на производствената индустрија, особено во агросекторот и преработката на овошје и зеленчук, со што иницијативата директно се доближува до компаниите кои создаваат извозен потенцијал.

СвисЧам MK претставува платформа за поврзување на бизнис заедницата и институциите, со цел поттикнување одржлив економски развој преку градење и унапредување на долгорочни швајцарско-македонски деловни односи, промоција на швајцарските вредности, знаења и добри деловни практики, како и преку создавање платформа за дијалог, соработка и ефективно вмрежување помеѓу бизнис заедницата и партнерите.


Повеќе од истиот автор

Најчитано