Во момент кога границите меѓу научната фантастика и реалноста стануваат сè потенки, кинеската компанија Икспенг аероХТ (XPeng AeroHT) прави можеби и најконкретен чекор кон ерата на летачки автомобили. Нејзиниот модел „Land Aircraft Carrier“, претставен пред јавноста во Гуангжу и на престижната кинеска меѓународна изложба за воздухопловство и аерокосмос (China International Aviation and Aerospace Exhibition), ја симболизира амбицијата за технологија која со децении постоеше главно во теорија.
Како што пренесува кинеската телевизија ЦГТН (CGTN), станува збор за целосно поинаков пристап во развојот на летечки автомобили. Наместо едно возило кое истовремено комбинира возење по пат и летање, „Xpeng“ развил модуларен систем составен од две одделни целини: матичен носач и летало. Таканаречениот „Матичен брод“ („Mother ship“), претставува големо шестточкашко возило во форма на комбе, со должина од околу 5,5 метри и три оски, опремено со хибриден ЕРЕВ погон базиран на 800-волтен електричен систем, кој овозможува автономија до 1.000 километри. Во внатрешноста на возилото е сместено компактно летало, слично на голем дрон, кое е наменето за превоз на две лица.
Леталото се активира со едноставно притискање на копче, по што автоматски се одвојува од „матичниот носач“ и започнува самостоен лет. Процесот на враќање и повторно сместување во возилото трае околу пет минути. Со едно полнење, системот овозможува изведување на пет до шест летови, а максималната брзина достигнува околу 360 километри на час, што го става меѓу најамбициозните проекти во областа на електрични вертикални летала (eVTOL).
Особено внимание привлекува високиот степен на автономност. За време на демонстрацискиот лет, леталото самостојно изведувало повеќе маневри, вклучувајќи забрзување на ниска висина, контролирано спуштање со константна брзина и прецизно слетување, без директно учество на пилот. Системот поддржува и автоматски и рачен режим на работа. Во автоматски режим, леталото управува со планирање на рутата, крстаречки лет, враќање со една команда и слетување, додека во рачен режим се користи поедноставен контролен систем со една управувачка рачка, што значително ја поедноставува контролата во споредба со класичните хеликоптери. Според податоците од компанијата, основната обука за управување може да се совлада за околу три часа.
Цената за ова возило на иднината се проценува на околу 276.000 долари, а интересот на пазарот веќе е значителен. По првиот јавен демонстрациски лет, регистрирани се повеќе од 2.000 нарачки. Оваа компанија, која работи од 2013 година, претходно има развиено концепт за летечко возило со склопливи ротори интегрирани во каросеријата, но поради технички предизвици, вклучително и вибрации при возење, се префрлила на модуларно решение.
„Но, амбициите на фирмата не завршуваат тука. Демонстрациите во Гуангжу и на меѓународниот саем за воздухопловство, претставуваат јасен показател за насоката во која се движи иднината на урбаната мобилност“, пренесе ЦГТН
„Xpeng“ веќе започна со изградба на производствен погон во Гуангжу, проектиран за капацитет до 10.000 летечки автомобили годишно, додека првите испораки до купувачите се очекуваат во текот на 2026 година.
Извор МИА
Фото: Јутјуб – принтскрин







