Ниското ниво на водата на Дунав сериозно го загрозува енергетскиот систем во регионот, што резултира со зголемување на цените на електричната енергија на берзата.
Цените би можеле дополнително да растат во наредните денови доколку продолжи неповолната хидролошка состојба, а според временските прогнози, таквото сценарио во моментов изгледа веројатно.
Многу ниското ниво на водата на Дунав го намали производството на електрична енергија во најголемата српска хидроелектрана „Ѓердап 1“ за една третина во споредба со она што таа електрана може да го произведува во просек на дневна основа.
Директорот на „Електростопанство на Србија“ (ЕПС), Душан Живковиќ, изјави дека хидроелектраната го забележала најниското производство во мај и јуни за тие месеци од почетокот на работата на електраната.
Сето ова влијаело врз растот на цените на електричната енергија на берзите. Според податоците на ENTSO-E, во петокот, просечната цена на електричната енергија во Унгарија била 158 евра за мегават-час и била околу 20 проценти повисока отколку во четврток, кога била 132 евра за мегават-час.
Во Србија, просечната цена на електричната енергија во петокот изнесуваше 113 евра за мегават-час и беше за осум проценти повисока отколку во четвртокот, кога изнесуваше 104 евра за мегават-час.
Зголемување на цените на електричната енергија во петокот беше забележано и во Австрија, Бугарија, Германија, Данска, Шпанија, Хрватска, Франција, Романија и други земји.
Сепак, во земјите кои имаат значително поголем процент на обновливи извори во нивниот енергетски микс, цената на електричната енергија е значително пониска дури и едноцифрена, што е случај во Финска и Шведска, пренесува Данас.
Фото Економија и бизнис








