Засилени контроли во НП „МАВРОВО“ против бесправен риболов

Управата на националниот парк „Маврово“ деновиве започна со засилени контроли за го сузбие бесправниот риболов на Мавровското езеро. Во последната контрола на ренџерската служба откриени се случаи кои укажуваа на појавата, информираат од паркот.

– При редовна контрола на езерото, овластени лица од Националниот парк „Маврово“ пронајдоа и отстранија незаконски поставени риболовни мрежи. За случајот се известени и надлежните во полициската станица во Маврови Анови. Во координација со надлежните институции се преземаат мерки за утврдување на околностите и одговорноста, се наведува во информацијата од НП „Маврово“.

Оттаму наведуваат дека контролите на езерото ќе продолжат со цел да се заштити рибниот фонд и спречување на незаконското користење на природните ресурси. Управата на најголемиот национален парк во Македонија упатува апел до граѓаните, риболовците, посетителите и љубителите на природата да пријават незаконски риболов, поставување мрежи или други активности што ја загрозуваат природата.

– Пријавите може да се достават до надлежните служби. Навременото известување може да спречи поголема штета и да придонесе за зачувување на Мавровското Езеро. Сите утврдени прекршувања ќе бидат документирани и пријавени, а сторителите ќе одговараат согласно закон. Заштитата на езерото е заедничка одговорност на институциите и граѓаните, посочуваат од НП „Маврово“.

Повеќе од истиот автор

Најчитано