Започна реконструкцијата на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Поликлиника „Идадија“, инвестиција вредна над 31 милион денари. Проектот „Реконструкција на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Поликлиника Идадија со мерки за зголемување на енергетската ефикасност“ се реализира преку Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор (ПСЕЕП), кој го имплементира Проектната единица при Министерството за финансии, во соработка со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) – соопшти денеска прес-службата на Министерството за финансии.
Договорот за грант помеѓу Здравствен Дом Скопје и Министерство за Финансии беше потпишан во декември 2025 година по што беше спроведена постапка за јавна набавка и во март оваа година беше потпишан договорот со избраниот изведувач во вредност од 31.028.850 денари, по што започна реализацијата на градежните работи.
МФ најавува дека со реконструкцијата објектот ќе добие современи енергетски ефикасни решенија, подобри услови за работа на медицинскиот персонал и поквалитетни услови за престој на пациентите.
– Поликлиниката „Идадија“, изградена во 1975 година, повеќе од четири децении функционираше со застарена инфраструктура – без соодветна термоизолација, со дотраена фасадна столарија, неефикасен систем за греење и застарено осветлување. Таквата состојба резултираше со висока потрошувачка на енергија и зголемени трошоци за функционирање и одржување на објектот. Реконструкцијата се спроведува врз основа на претходно изработена енергетска контрола и основен проект која опфаќа поставување нова термоизолациска фасада и кровна изолација, целосна замена на фасадната столарија, модернизација на системот за централно греење, поставување енергетски ефикасно ЛЕД осветлување, како и реконструкција на електроинсталацијата – велат од Министерството за финансии.
Со реализацијата на проектот се очекува значително намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија, пониски оперативни трошоци за функционирање на установата, подобри услови за работа на здравствените работници и поквалитетна, побезбедна и поефикасна здравствена средина за илјадниците граѓани кои секојдневно ги користат услугите на Поликлиниката „Идадија“.
Како што посочуваат од Министерството за финансии, реконструкцијата на Поликлиниката „Идадија“ претставува уште една значајна инвестиција во модернизацијата на јавното здравство и е дел од пошироките заложби за унапредување на јавната инфраструктура преку енергетски ефикасни и одржливи објекти, кои обезбедуваат поквалитетни услуги за граѓаните и поефикасно користење на јавните средства.








