ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА  12 КИЛОМЕТРИ ОД АВТОПАТОТ БУКОЈЧАНИ-КИЧЕВО

Македонија почнува да гради нов автопат од Букојчани до Кичево, шести проект што го започнува оваа Влада. Поврзувањето од Кичево до Букојчани со автопатско решение ќе даде целосна смисла на Коридорот 8, што ќе значи целосна доизградба на коридорот и целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид, истакна на денешното поставување камен темелник на новиот автопат, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Според Николоски, станува збор за исклучително важна делница која треба да обезбеди целина на автопатското поврзување на западниот дел од државата, преку Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, овозможувајќи целосно поврзување на Коридорот 8.

– Овие 12 километри се исклучително важни и треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, туку и на целиот Коридор 8. Со ова автопатско поврзување, целиот коридор добива смисла – рече Николоски.

Тој нагласи дека градежните активности започнуваат токму на локацијата каде што завршува автопатот Охрид – Кичево, од каде трасата ќе продолжи кон Букојчани. Истовремено, на делницата од Букојчани до Гостивар веќе интензивно се работи на изградба на автопатско решение.

– Се работи за терен кој што е планински, кој што е исклучително тежок, терен кој што бара многу знаење, многу искуство и сметам дека изведувачите кои што се избрани, заедно со надзорот и со техничката поддршка, ќе можат да завршат одлична работа и сум убеден дека во предвидениот рок од 4 години проектот ќе биде завршен- посочи вицепремиерот Николоски.

Проектот, предвидува изградба на современ автопат со две возни ленти во секоја насока, со ширина од по 3,5 метри, како и помошни ленти од по 2,75 метри од двете страни. Проектираната брзина ќе изнесува од 110 до 130 километри на час.

Посочи дека почетокот на изградбата е дел од развојната визија поставена во 2024 година, со која државата треба да се позиционира како значајна крстосница на двата паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10.

Изградбата на делницата Букојчани – Кичево претставува значаен инфраструктурен чекор кон подобра поврзаност, побрз и побезбеден транспорт и зајакнување на стратешката улога на Македонија во регионалните транспортни коридори.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано