ЗАПАДЕН БАЛКАН ИЗЛОЖЕН НА ХИБРИДНИ НАПАДИ од кибер напади до саботажи на критична инфраструктура и дезинформациски кампањи, АИ и кибер-одбраната во фокус на „Skopje Security Conference 2026“

Вештачката интелигенција во киберодбраната, борбата против когнитивното војување и јакнењето на регионалната отпорност беа во фокусот на панел-дискусиите на првата меѓународна Skopje Security Conference 2026, каде што експерти и носители на политики оценија дека безбедноста во современиот свет бара интегриран пристап меѓу технологијата, геополитиката и економската стабилност.

– Вештачката интелигенција, кибербезбедноста и регионалната соработка се меѓу клучните предизвици и приоритети за безбедносните институции – порача заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, во своето обраќање на Skopje Security Conference 2026.

Исени истакна дека современиот безбедносен пејзаж се менува со невидена брзина и дека државите мора да се адаптираат на новата реалност во која дигиталните ризици, хибридните закани и дезинформациите стануваат еднакво опасни како и традиционалните форми на закана.

– Безбедноста денес сè повеќе ја определуваат технолошките способности, дигиталната вештачка интелигенција и способноста брзо да се одговори на новите ризици – нагласи Исени, додавајќи дека вештачката интелигенција веќе има значајно влијание врз идентификацијата и предвидувањето на безбедносните закани.

Тој посочи дека земјава активно ги зајакнува капацитетите во областа на кибер-безбедноста преку стратешки документи, институционални реформи и меѓународна соработка, особено со НАТО и Европската Унија.

Директорот на „Skopje Security Conference 2026“, Адријан Исмаили, на отворањето на првото издание на конференцијата истакна дека светот се соочува со длабоки безбедносни трансформации и дека современите закани бараат силна меѓународна соработка и нови пристапи кон безбедноста.

Исмаили нагласи дека темата на годинашната конференција – „Безбедност во транзиција: Навигирање низ технологијата, геополитиката и отпорноста во свет што се менува“ – ја одразува реалноста дека безбедноста одамна ги надминува традиционалните воени рамки.

Според него, вештачката интелигенција, кибер-заканите, геополитичките тензии, климатските промени и економските ранливости стануваат централни фактори што ја обликуваат глобалната стабилност.

Заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, д-р Сусана Пенкса, порача дека современите безбедносни закани се сè повеќе меѓусебно поврзани и бараат сеопфатен пристап, силни институции и засилена меѓународна соработка.

Пенкса истакна дека кибер-инцидентите, дезинформациите, економските нарушувања и климатските ризици создаваат комплексен безбедносен пејзаж во кој последиците од еден домен брзо се прелеваат во друг.

– Трајната безбедност не зависи само од политичка и воена стабилност, туку и од силни институции, владеење на правото, економска отпорност и дијалог – нагласи Пенкса.

Според заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Бен Нупнау, Европа се соочува со најсериозните безбедносни предизвици во последните децении и смета дека хибридните закани, дезинформациите и геополитичките тензии бараат силна меѓународна соработка и заеднички одговор.

Нупнау истакна дека светскиот поредок заснован врз меѓународното право е под притисок, а новиот глобален контекст се карактеризира со конкуренција, принуда и политика на сила.

Ова не е теоретска расправа, рече тој, туку егзистенцијална закана на прагот на Европската Унија. Предупреди дека хибридните напади од кибер напади до саботажи на критична инфраструктура и дезинформациски кампањи се присутни низ целиот континент, вклучително и на Западен Балкан, каде земјава е „на првата линија“ на овие притисоци.

Во рамки на програмата се одржаа пет тематски панели на високо ниво. На првиот панел, посветен на мултилатералната безбедност во услови на фрагментиран свет, учесниците дискутираа за потребата од засилена дипломатија, неутрални посреднички механизми и рано предупредување за спречување конфликти, при што беше нагласено дека глобалната соработка останува клучна и покрај зголемените геополитички тензии.

Во продолжение, дискусиите за когнитивното војување и хибридните закани укажаа дека дезинформациите и операциите на влијание стануваат централно бојно поле, што бара координиран одговор меѓу институциите, медиумите и технолошките компании.

Панелите посветени на вештачката интелигенција, климатската и енергетската безбедност, како и економската стабилност на Западен Балкан, заклучија дека новите технологии, ресурсите и инвестициите се сè повеќе поврзани со безбедносните политики, при што беше потенцирана потребата од зајакнување на институционалната отпорност и регионалната соработка.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано