Вкупниот дефицит на државната сметка Германија за првите шест месеци од 2026 година изнесува 71,3 милијарди евра, што е за 36,6 милијарди евра повеќе во однос на истиот период минатата година, објави денес Германскиот федерален завод за статистика (Дестатис).
Во однос на економското производство, дефицитот на државата, покраините, општините и системот за социјално осигурување во првата половина од 2026 година изнесуваше 3,1 процент од БПД, што го надмина Мастришкиот критериум што ја поставува максималната граница од три проценти.
Сепак, врз основа на податоците за првите шест месеци, не можат со сигурност да се извлечат заклучоци за резултатот за целата година, појаснуваат од Дестатис.
Најголемиот дел од дефицитот доаѓа од федералната држава, чиј дефицит се зголеми за 29 милијарди евра на годишно ниво, на 48,1 милијарди евра.
Дефицитот на покраините се зголеми за 3,5 милијарди, на 6,5 милијарди евра, а германските општини, пак, го намалија дефицитот за 1,5 милијарди, на 14,8 милијарди евра.
Фондовите за социјално осигурување од минатогодишниот суфицит од 3,8 милијарди евра паднаа на дефицит од 1,8 милијарди евра, првенствено поради повисоките расходи за здравствено осигурување и осигурување за долгорочна нега.
Вкупните приходи на Германија за првите шест месеци се зголемија за 2,8 проценти, на 1.073,2 милијарди евра, при што приходите од социјални придонеси се зголемија за 4,6 проценти, додека даночните приходи се зголемија само за 1,9 проценти.
Во исто време, државните расходи пораснаа за дури 6,1 процент, на 1.144,5 милијарди евра, значително побрзо од приходите, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








