За да се обезбеди финансиска стабилност на новите генерации, Грција ја воведе иновативната државна програма која им овозможува на родителите да им обезбедат на своите деца до 64.000 евра додека не станат полнолетни. Преку овој уникатен инвестициски фонд, државата ќе ги удвојува плаќањата на родителите секој месец, а целиот собран износ ќе им се исплаќа на осумнаесетгодишниците без никакво оданочување.
Детали за новата програма наречена „Кубарас“, која е наменета за родители со деца до две години, најави грчкиот премиер Киријакос Мицотаки. Станува збор за банкарска инвестициска сметка на која за секој износ што го плаќа родителот, грчката држава уплаќа ист износ. Максималниот лимит на државна помош е 1.200 евра годишно, што значи дека државата ги покрива плаќањата на родителите до 100 евра месечно.
Интересно е што, освен родителите, пари на оваа сметка можат да уплатат и други членови на семејството, како што се бабите и дедовците, како и кумовите.
Средствата остануваат на сметката додека детето не наполни 18 години. Потоа сметката се „отклучува“, а целиот собран износ му се исплаќа на корисникот, целосно ослободен од данок на доход.
Предвидено е максималниот годишен придонес од 1.200 евра да се прилагодува, односно да се зголемува за 10 проценти на секои пет години, што постепено ќе го зголемува вкупниот износ што може да се собере.
Со оглед на тоа што станува збор за инвестициска сметка, а не за обична штедна сметка, учесниците во програмата можат да изберат различни видови инвестициски производи од поконзервативни до поагресивни. Во презентираните примери е користен индикативен просечен принос од 3 проценти.
Доколку родителот не може да го плати избраниот износ неколку месеци, државната уплата исто така престанува за тие месеци. Сепак, рокот на сметката не се продолжува по 18-годишна возраст. Детето дефинитивно ќе добие пристап до износот што е собран до тој момент кога ќе достигне полнолетство.
Пресметката покажува дека во случај родителот да плаќа само 10 евра месечно, со идентичен придонес од државата и очекуван просечен принос од 3 проценти, износот што би се собрал за 18 години се проценува на околу 6.414 евра.
Во максималниот пример, со плаќање од 100 евра месечно од страна на родителите и ист износ на помош од државата, вкупната сума што би го чекала детето на неговиот 18-ти роденден е околу 64.136 евра.
Парите од касичката не можат слободно да се трошат пред детето да порасне. Предвремено отворање на сметката е дозволено само во случај на исклучителни и докажани финансиски или животни потреби на семејството.
Само деца под две години имаат право да ја отворат оваа сметка, па затоа родителите во Грција мора да поднесат барање пред детето да ја премине оваа возрасна граница, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








