Проблеми во бродскиот сообраќај во Грција, особено на трите атински пристаништа, како и пристаништата во Патра, Игуменица, Елефсина и на линијата Рио – Антирио, се очекуваат во текот на денешниот ден поради штрајкот на поморските работници и вработените на пристаништата, јави дописничката на МИА од Атина.
Три синдикати на поморските работници од утрово започнаа 24-часовен штрајк, преку кој бараат подобрување на колективните договори за работа, зголемување на платите за 12 отсто, промени во работното време и посилни мерки за заштита на морнарите кои пловат во зони на вооружени конфликти.
Паралелно штрајкот се совпаѓа со координирани меѓународни протести што денеска се организираат во европски земји против користењето на пристаништата за транспорт на воена опрема и воен персонал кон воените зони, па така од Грчката федерација на работници на пристаништата најавија тричасовен прекин на работата, од 10 до 13 часот.
Поради активностите на поморските работници и вработените во пристаништата, се очекува да има откажувања, одложувања и доцнења на одредени линии на траектите во Грција.
Фото Економија и бизнис








