На Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје започнува дводневната меѓународна научна конференција „Повеќедимензионална сиромаштија: мерење, трендови и предизвици“.
Како што информираат од Факултетот, покрај научните дебати за повеќедимензионалната сиромаштија, конференцијата има за цел да ги претстави наодите од научноистражувачкиот проект „Детерминанти на повеќедимензионалната сиромаштија: просторно мапирање и нови одредници за социјалните и развојните политики на национално ниво“, финансиран од Министерството за образование и наука, во рамки на јавниот повик за финансирање научноистражувачки проекти на државните факултети, научните институти и МАНУ.
– Околу шест отсто од домаќинствата во земјата, или приближно 34.900 домаќинства, живеат во повеќедимензионална сиромаштија според резултатите од новото истражување спроведено од страна на Филoзофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Истражувањето ја мери повеќедимензионалната сиромаштија во сите 80 општини и осум плански региони во земјата преку 12 индикатори, од кои седум мерат социо-економски лишености – ниско образование, рано напуштање на образованието, невработеност на младите, несоодветни санитарни услови, дотраени домови, недостиг на греење и недостиг на вода од водовод, а пет мерат оддалеченост од основно и средно училиште, здравствена установа, болница и зелена површина. Сиромашните домаќинства во просек се соочуваат со четири до пет од вкупно дванаесет мерени лишености, на пример оддалеченост од училиште или болница, ниско образование и лоши услови за домување – се додава во соопштението.
Според податоците, најголема повеќедимензионална сиромаштија имало во Југоисточниот регион (10,3%), а потоа во Вардарскиот (9,0%) и Североисточниот регион (8,9%). Скопскиот регион имал најниска стапка (2,3%), или речиси четири ипол пати помалку од Југоисточниот. Разликите меѓу општините биле многу поголеми од националниот просек. Во Чашка повеќе од две третини од домаќинствата биле повеќедимензионално сиромашни (71%), а следеле Старо Нагоричане (66%), Конче (58%), Могила (56%) и Новаци (49%).
– Резултатите покажуваат дека повеќедимензионалната сиромаштија е најизразена во малите и оддалечени општини, каде што големата оддалеченост од училиштата и здравствените услуги често се јавува заедно со ниско образовно ниво. Поради тоа, социјалните и развојните политики треба да се насочуваат кон конкретните општини и видови на лишеност, а не само кон националните просеци“ – се додава во соопштението.
Фото Економија и бизнис








