Индија официјално го пушти во комерцијална употреба својот прв патнички воз на водороден погон, приклучувајќи се кон мала група земји кои ја воведоа технологијата во редовниот железнички транспорт. Новиот воз претставува важен чекор во стратегијата за намалување на емисиите на штетни гасови и модернизација на еден од најголемите железнички системи во светот.
Возот од 10 вагони може да превезе околу 2.600 патници, што го прави најдолгиот патнички воз на водороден погон во светот. Возот ќе сообраќа на делницата долга 89 километри помеѓу градовите Џинд и Сонипат на северот од земјата.
Лансирањето на овој проект претставува важна фаза во транзицијата на Индиските железници кон почисти извори на енергија. Ова е особено значајно со оглед на тоа што повеќе од половина од електричната енергија во Индија сè уште се произведува во термоцентрали кои користат фосилни горива.
Технологијата на водородните возови привлече внимание во последниве години како едно од можните решенија за декарбонизација на железничкиот сообраќај, особено на линии кои не се електрифицирани.
Во 2018 година, Германија стана пионер во оваа област со воведување на првата комерцијална флота патнички возови на водороден погон, по што слични пилот-проекти беа започнати во Соединетите Американски Држави, Кина и Јапонија.
Сепак, пошироката примена на оваа технологија е сè уште ограничена поради високите трошоци за изградба на инфраструктура, сложеното складирање на водород под висок притисок, како и безбедносните барања што ги подразбира таков систем, пренесува Бизнис.рс.
Фото Економија и бизнис








