Туризмот нуди многу опции, Но дали нашата земја нуди можности за развој на мали семејни бизниси поврзани со туризмот? Можеби не доволно, но тоа не треба да биде оправдување за непревземање на работиме во свои раце! Можностите не доаѓаат сервирани на маса, туку треба самите да си ги создадеме.
Па така во туризмот, како и во животот не треба да чекаме идеални услови за да нешто почнеме, ниту пак да чекаме државата или некој друг да ни ја создаде таа можност.
Туризмот е толку интересен, креативен како сегмент, но треба да се проба, да се биде проактивен. Во животот неможеш да се каеш ако не успееш, може да се каеш само ако не си се обидел!
Мислам дека во Македонија ни недостига многу повеќе проактивност, храброст да пробаме нешто ново, самодоверба да го направиме првиот чекор. Ни недостига култура во која на неуспехот нема да се гледа како на срам, туку како лекција!
Живееме во време кога целиот свет зборува за стартапи, иновации, за нови модели на работа, дигитализација, вештачка интелигенција, нови можности. Кога луѓето пробуваат нови работи, ризикуваат, се пробуваат во нешто ново, и тоа за нив е значајно искуство. Тие не се откажуваат од првиот неуспех, и знаат дека резултатите не доаѓаат на краток рок.
Кај нас, за жал, средината сеуште не е охрабрувачка!. Ако некој проба и не успее, веднаш има негативни коментари и осуда, наместо поддршка. И Дали поради тоа, или поради нешто друго во туризмот сеуште фали проактивност, позитивни иницијативи, реализација на идеи. Дека некои работи не се добро поставени, покажуваат и податоците според кои граѓаните во Македонија во 2025 година уплатиле околу 2,8 милијарди евра во казина, обложувалници и автомат-клубови. Замислете само дел од тие пари да беа вложени во во туризам, во реални бизниси, во мали семејни компании, во дигитални алатки развиени од млади луѓе со потенцијал.
Потребни се промени во свеста. А државата да охрабрува инвестиции во сектори кои носат мултипликативни ефекти за економијата, кои поттикнуваат развој. Секој еден денар вложен во туризам, носи дополнителни 15 денари за комплементарните сектори.
Потребен е подобар институционален фокус, но и менување на навиките и перцепциите. Да с еослободиме од притисокот, дека секој “од прва” мора да успее! Ако започнеш проект, тој мора веднаш да биде профитабилен. И очекуваме брзи резултати „да постигнам нешто сега“. Краткорочно размислуваме, а тоа ги уништува долгорочните можности.
Но светските искуства велат поинаку. Ниту една успешна економија не е изградена од луѓе што никогаш не згрешиле. Напротив, најуспешните системи се изградени од луѓе што пробувале, грешеле, учеле, повторно станувале и продолжувале. Колку повеќе обиди, толку повеќе учење, и толку поголема шанса за успех.
Третиот проблем на кој сакам да се осврнам е нашата затвореност кон новитети. Сè уште премногу често слушаме: „Така било отсекогаш.“ Но тоа не може да биде аргумент за иднината. Ако нешто било така отсекогаш, не значи дека треба да остане така засекогаш. Светот не чека, ниту пак клиентите. Во туризмот денес постои огромна конкуренција, и ако не се менуваме, ако не понудиме нешто ново ќе останеме “надвор од играта”.
А Македонија има потенцијал. Има луѓе, идеи, талент, природни ресурси и приказни. Но потенцијалот сам по себе не вреди ништо ако не се претвори во акција. Затоа мора да почнеме да ги почитуваме луѓето што пробуваат. Не само тие што успеале, туку и тие што не успеале а имале храброст да започнат нешто ново и да ризикуваат.
Иднината нема да ја изградат тие што чекаат, што коментираат од страна, што се плашат од секоја грешка, туку луѓето што веруваат, што пробуваат и работат вредно.
Срамно е да не се проба. Не е срамно да не се успее.










