Владата прави сѐ за да нема ценовни шокови и ќе преземе сѐ за секогаш да има електрична енергија за граѓаните, да има сигурност во снабдувањето, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во интервју за МИА.
Божиновска која во вторникот учествуваше на Вториот министерски самит за енергетика во Белград, заедно со своите колеги од Грција, Бугарија и Србија, испрати порака дека Македонија подготвена ќе ја дочека претстојната зимска сезона.
Во интервјуто се осврнува на глобалните случувања и предизвици, напоменувајќи дека некои работи едноставно не можат да се контролираат, но државата, потенцира, ќе направи се за производството да биде на одлично ниво.
Во врска со евтината тарифа, Божиновска информира дека ќе има состанок со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, која веќе ги прави потребните анализи.
-Претседателот на РКЕ кажа дека веќе прават некои анализи, па ќе видиме, бидејќи во државата имаме голем број фотоволтаици. Ќе се состанам со претседателот и ќе видиме што може да се направи сѐ за доброто на граѓаните, подвлекува министерката.
Министерке Божиновска, во Белград се одржа Вториот министерски самит за енергетика, како продолжение на првата средба во мај, годинава, во Атина. Повторно беа присутни вашите колеги од Грција, Бугарија и Србија. Која е овојпат пораката со оглед дека акцент беше ставен на регионалната соработка, интензивирањето на проектите и безбедноста на снабдувањето?
-Да, го одржавме вториот самит на кој присуствувавме ние, Република Грција, Република Србија и Република Бугарија. Министерскиот состанок беше посветен на регионалната енергетска соработка и главната порака беше токму тоа – дека треба да бидеме здружени, дека тоа е клучно, многу важно и дека придонесува за безбедноста и сигурноста во снабдувањето, особено во услови како сегашните, кога, како што знаете, имаме две војни.
За разлика од првата средба во Атина, тука, во Белград, разговаравме за проекти што од планови преминуваат во реализација. Всушност, го продолживме дијалогот што го почнавме, но сега со фокус на конкретните чекори што треба да ја зајакнат регионалната енергетска сигурност и отпорност. Би сакала да повторам уште еднаш, дека последните пет месеци направивме голем чекор. Се потпиша договорот за пристапување кон вертикалниот коридор. Значи, пораката е дека регионалната соработка претставува подобра подготвеност и поголема поврзаност.
Од Белград испративме јасна порака: енергетската сигурност на регионот ја градиме заедно, преку конкретни проекти и посилно поврзување.
Разговараме за Вертикалниот гасен коридор, пристапот до LNG капацитетите преку Александруполи, диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, како и за посилна регионална соработка во електроенергетиката. Македонија денес е активен дел од овие процеси. Нашата географска позиција и инфраструктурните проекти што ги развиваме ни даваат можност да бидеме важна енергетска врска меѓу југот и северот на Европа.
За Македонија особено значајни се интерконекторите со Грција и Србија и нашето вклучување во Вертикалниот гасен коридор. Со нивното поврзување отвораме нови правци за снабдување, вклучително и пристап до LNG преку Александруполис, и ја зајакнуваме улогата на Македонија како важна енергетска врска во регионот. Но, нашата соработка не застанува кај гасот. Разговаравме и за подготвеноста на електроенергетските системи за зимата, обновливите извори, модернизацијата на мрежите, батериските системи и складирањето енергија, како и за поголема интеграција на регионалните пазари со европскиот енергетски пазар.
На самитот отворивме и важни теми за иднината. Можноста инфраструктурата да се подготвува за транспорт на водород, како и потенцијалното поврзување Солун–Скопје–Ниш за транспорт на нафтени деривати.
Македонија повеќе не е само краен корисник на енергетските текови. Со инфраструктурата што ја градиме, стануваме важна алка во енергетското поврзување на Југоисточна и Централна Европа. Тоа е позицијата што сакаме да ја градиме. Поврзана Македонија, со повеќе извори на снабдување, поголема сигурност и посилна улога на регионалната енергетска мапа.
На пленарниот состанок се спомна идејата во целиот овој проект или целата оваа заедничка соработка да се вклучи и Романија. Што значи тоа? Вие го акцентиравте фактот дека засега, тука се две земји членки на ЕУ и две земји кандидати за членство?
-Да, веќе разговаравме за тоа, бидејќи Вертикалниот коридор е замислен од југ да се поврзе сѐ до Украина, а тука, на трасата и Романија е главна транзитна точка. Беше предложено да се повика и оваа земја. Ќе разговараме, мислам дека ниту еден од нас, ниту една од четирите земји, нема да има проблем, бидејќи што повеќе држави се вклучени, толку е подобро. Дополнително, Романија е и членка на Европската Унија. Тоа значи дека би било подобро, ќе бидеме повеќе поврзани.
Романија има исто така многу искуство, така што мислам дека на третиот состанок што ќе биде во Софија следната година, ќе имаме поголема поврзаност.
На маргините на министерски самит остваривте билатерална средба со бугарската министерката за енергетика, Ива Петрова. За што точно стана збор?
-Да, разговаравме за следните чекори во продлабочувањето на енергетската соработка меѓу Македонија и Бугарија. Посебен фокус ставивме на батериските системи за складирање енергија, област во која Бугарија има искуство што може да биде значајно за нас. Се задржавме и на подоброто поврзување на електроенергетските пазари, прекуграничната размена и мерките за справување со енергетската сиромаштија.
Со министерката Петрова разговаравме и за Иницијативата Исток–Запад, која предвидува дополнително електроенергетско поврзување меѓу Македонија и Бугарија, како и за можностите за заеднички настап пред меѓународните финансиски институции за стратешки енергетски проекти.
Особено е важно што соработката ја пренесуваме и на оперативно ниво, преку поврзување на МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО со партнерите во Бугарија и размена на конкретни знаења и искуства. Целта е повеќе интерконекции, поголеми преносни капацитети, подобро интегрирани пазари и посигурен енергетски систем за граѓаните и економијата.
На заедничката прес-конференција по завршувањето на самитот во Белград, рековте дека Македонија ќе влезе подготвена во зимската сезона. Што практично значи тоа? Во каква состојба се нашите производствени капацитети?
-Во разговор со претставниците на ЕСМ, моментно имаме 40 проценти од акумулациите. Тоа е доста добро, бидејќи летоска беа околу 70 проценти. Сега, во овој период од годината, тоа се многу добри бројки. Ние како држава ќе преземеме сѐ за да има сигурност во снабдувањето, односно секогаш да има електрична енергија за граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски често нагласува дека состојбата на енергетски план кај нас е стабилна и покрај глобалните предизвици, како и дека се прават максимални напори цената на електричната енергија која, според него, е меѓу најниските во регионот и Европа, да остане иста. Исто така, вели и дека се размислува, зависно од можностите в година, да се продолжи периодот на евтина тарифа. Каков е Вашиот став околу ваквите оценки и најави?
-Ние како Влада правиме сѐ да нема некакви ценовни шокови за граѓаните, бидејќи во првиот тарифен модел се наоѓа најголемиот број од населението, значи околу 80 проценти. Ќе направиме сѐ да нема некакви поскапувања, меѓутоа знаете дека постојат незивесности. Еве, видовте војната во Иран што може да предизвика на глобално ниво. Некои работи ние едноставно не можеме да ги контролираме, но што се однесува до производството, ќе направиме сѐ за да биде на одлично ниво, односно ќе гледаме да нема некакви ценовни шокови.
Што се однесува до евтината тарифа, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика кажа дека тие таму прават некои анализи и ќе видиме, бидејќи веќе во државата имаме голем број фотоволтаици. Анализите ги прави Регулаторна, па ќе видам, ќе се состанам со претседателот и ќе видиме што може да се направи, сѐ за доброто на граѓаните.








