Професорот Дејан Трајковски во објава на социјалните мрежи вели дека најголемата трагедија на македонското стратешко планирање не е само во тоа што се носат мегаломански и нереални планови кои звучат добро единствено на прес-конференција, туку што тие се носат во целосно слепило за случувањата во околните земји. Додека нашите власти сонуваат за брзи пруги со двоен колосек кои наводно ќе ја преродат државата и ќе нè поврзат со светот, реалноста на теренот најавува нешто сосема поинакво.
Тој додава дека секоја сериозна држава ги следи сопствените економски и геополитички приоритети, а Србија во тој поглед не е исклучок.
– Тврдењата дека ние ќе изградиме супермодерна, скапа пруга со двоен колосек за големи брзини која совршено ќе се вклопи во меѓународната мрежа паѓаат во вода уште при првиот поглед на плановите на Белград. Србија нема никаква намера да гради двоен колосек низ Грделичката клисура, туку планира единствено да го реконструира и електрифицира постоечкиот еден колосек, оспособувајќи го за брзини до 160 km/h (низ самата клисура до 120 km/h). Изградбата на целосно нов двоен колосек низ тој терен е исклучително комплексен и скап зафат поради тешките геоморфолошки карактеристики на клисурата која веќе е максимално исцрпена со изградбата на автопатот.
Тој истовремено додава и дека додека ние сонуваме да се задолжиме до гуша, Бугарија и Романија веќе започнаа да го градат својот паралелен Коридор 4 кој ги поврзува Будимпешта, Букурешт, Софија и Солун.
– Клучната разлика е во тоа што тие како земји членки го градат овој коридор со 75% чисти, неповратни ЕУ субвенции и грантови, што нивниот километар брза пруга го прави економски одржлив уште од самиот старт. Од друга страна, Македонија треба сама да се задолжи преку комерцијални или државни кредити од британскиот UKEF, без грантови и со огромни камати кои никогаш нема да може да ги отплати.
Тука се појавува и вториот, уште посуров финансиски парадокс кој ја демаскира лагата дека ваквите капитални инвестиции ја препородуваат домашната економија. Бидејќи се работи за високотехнолошки системи за брзини од 160-200 km/h, комплетната опрема, но и поголемиот дел од работната рака ќе бидат исклучиво од увоз. Македонија нема фабрики за производство на специјални челични шини, нема погони за преднапрегнати бетонски прагови за високи брзини, ниту пак произведува сложени сигнални, сигурносни и телекомуникациски системи кои ги задоволуваат современите европски стандарди, вели професорот.
Неговата анализа е споделена на ФБ.








