Француската компанија EDF, во сопственост на француската влада, денес објави дека затворила два реактора во нуклеарната централа Чуз и еден реактор во нуклеарната централа Катена, на североистокот од земјата, поради намалувањето на нивото на водата во реките Меза и Мозел.
EDF, исто така, објави дека го намалила производството на електрична енергија во неколку други единици како одговор на екстремната топлина, пренесува Фигаро.
Во нуклеарната централа Чуз, во Ардените, EDF го исклучи реакторот број 1 во саботата „за да се усогласи со француско-белгискиот договор од 8 септември 1998 година, во врска со управувањето со реката Меза“, се вели во соопштението.
Вториот реактор во оваа електрана, која се наоѓа на неколку километри од белгиската граница, е затворен од 11 јули „во рамките на истиот договор“, нагласи компанијата.
Овој договор „имплицира дека работењето на производствените единици може да се прилагоди за да се гарантира доволен проток на вода за различните корисници на реката, и во Франција и во Белгија“, се вели во соопштението на ЕДФ.
Франција има 57 нуклеарни реактори, кои обезбедуваат околу 70 проценти од нејзиното производство на електрична енергија, од кои сите се наоѓаат во близина на реки или мориња заради ладење.
Фото Економија и бизнис








