Советот на амбасадори со особено внимание ги проследи неодамнешните иницијативи поврзани со иднината на политиката на проширување на Европската Унија, вклучително и заедничкиот германско-француски нон-пејпер претставен на Самитот во Тиват минатата недела.
Овој документ претставува прво формализирање на идеи кои во изминатиот период беа артикулирани низ повеќе иницијативи и политички настапи во рамки на ЕУ, вклучително и во иницијативата на Министерството за надворешни работи на Република Австрија од април оваа година, како и во јавните настапи и писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц. Во таа смисла, Тиватскиот нон-пејпер може да се разбере како обид за создавање нов европски консензус околу концептот на постепена интеграција.
Советот оценува дека овие иницијативи испраќаат значаен политички сигнал дека во земјите-членки расте свесноста дека сегашниот модел на проширување не ги дава посакуваните резултати со очекуваната динамика. Долгото отсуство на нови членки, слабеењето на ентузијазмот кај земјите-кандидатки, вкрстените интереси и влијанија во регионот и актуелните геополитички предизвици укажуваат на потребата од нови и пофлексибилни пристапи кон интеграцијата на Западен Балкан.
Особено е значајно што во фокусот на овие иницијативи се наоѓаат секторската интеграција, пристапот до делови од Единствениот европски пазар, учеството во европските програми и постепеното вклучување во политиките на Унијата. Од перспектива на надворешно-политичките и економските интереси на Република Северна Македонија и регионот, Советот ги поздравува сите иницијативи кои овозможуваат конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и институциите уште пред формалното членство во ЕУ. Ваквиот пристап може да придонесе за побрза економска интеграција, зголемена конкурентност и зајакнување на довербата во европскиот процес. Истовремено, Советот смета дека во тековната дебата недоволно внимание се посветува на прашањето на економската конвергенција како суштинска цел на европската интеграција. Иако новите иницијативи предвидуваат различни форми на пристап до Единствениот пазар и европските политики, останува нејасно дали и во која мера земјите од Западен Балкан би добиле постепен пристап до клучните инструменти на европската
кохезиска политика и структурните фондови.
Советот потсетува дека историското искуство на државите од Централна и Источна Европа покажува дека нивната успешна економска конвергенција кон просекот на Европската Унија не била резултат исклучиво на пристапот до Единствениот пазар, туку и на значителната поддршка преку Кохезискиот фонд, Европскиот фонд за регионален развој, Европскиот социјален фонд и другите финансиски инструменти на Унијата.
Оттука, модел на постепена интеграција кој обезбедува пристап до Единствениот пазар, но не и паралелен пристап до инструментите за финансиска конвергенција, носи потенцијален ризик од продлабочување, наместо намалување, на развојниот јаз меѓу регионот и Европската Унија.
Следствено, Советот на амбасадори смета дека идните модели на постепена интеграција е неопходно да бидат проследени со постепено и условено отворање на инструментите на кохезиската и структурната политика за земјите кандидатки кои покажуваат капацитет за нивно ефикасно користење. Ова би придонело постепената интеграција да обезбеди реална економска конвергенција и видливи придобивки за граѓаните уште пред формалното членство во Унијата. Во оваа насока, Советот посочува на неопходноста од проактивно и конструктивно вклучување на земјата во претстојната европска дебата за
содржината на постепената интеграција. Ова подразбира и подготовка на јасни национални позиции во однос на секторите подготвени за забрзана интеграција, пристапот до Единствениот европски пазар, учеството во европските политики и програмите, како и идниот пристап до финансиските инструменти на Унијата. Истовремено, успехот на секој модел на постепена интеграција ќе зависи и од капацитетот на самите држави кандидати да спроведуваат реформи, да ги зајакнуваат институциите, владеењето на правото и економската конкурентност, како и ефикасно да ги користат европските политики и средства.
Советот на амбасадори останува цврсто посветен на европската перспектива на државата и смета дека тековните иницијативи отвораат можност за нова динамика во процесот на интеграција. Истовремено, тие треба внимателно да се обликуваат така што постепената интеграција ќе претставува инструмент за побрза политичка, економска и институционална конвергенција со ЕУ, но не и замена за полноправното членство, кое останува крајна цел на процесот на проширување и единствена рамка што обезбедува целосно учество во институциите, политиките и механизмите на одлучување на Унијата.
Извршен одбор на Советот на амбасадори








