ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, денеска со свечен настан го одбележа пуштањето во употреба на модернизираниот дел од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Со инвестиција од 2,7 милиони евра, аеродромот добива унапредени услови и современ простор, наменет за подобро искуство како за патниците, така и за вработените.
Со овој проект, охридскиот аеродром добива поголеми и посовремени простори за патниците, подобри услови за вработените и поголем оперативен капацитет. Реновирани и адаптирани се 3.364 м² од терминалната зграда, проширени се зоните за пријавување, безбедносна и пасошка контрола, гејтовите, просторот за преземањето багаж, како и просторите за пристигнување и заминување. Паралелно, проширена е и административната зграда, со нови и подобрени услови за вработените, Граничната полиција и Царината.
Со модернизираните капацитети, Охридскиот аеродром е подготвен за следната фаза на раст – за повеќе патници, повеќе можности и уште посилна поврзаност на Охрид и регионот со Европа и светот, изјави Серкан Каптан, Главен извршен директор на ТАВ Аеродроми.

„Во ТАВ Аеродроми, ние не инвестираме само во аеродроми – инвестираме во поврзување на луѓето, развој на дестинации и обликување на иднината на регионите што ги опслужуваме. Досега, инвестиравме речиси 300 милиони евра во македонските аеродроми. Во овој период, ја зголемивме поврзаноста и годишниот сообраќај за повеќе од четири пати. Во 2026 година, македонските аеродроми се меѓу најбрзо растечките во Европа. Оваа инвестиција е уште еден чекор кон поврзување на Охрид со повеќе дестинации и овозможување повеќе луѓе да го доживеат природното, културното и историското богатство на регионот. Би сакал да им се заблагодарам на владата, деловните партнери и нашите вработени за нивната континуирана поддршка и посветеност“.
Реконструкцијата доаѓа во период на рекорден раст на охридскиот аеродром. Во првите осум месеци од 2026 година, аеродромот опслужил 232.421 патник, што е раст од 26,5% во однос на истиот период лани.
Само во август, на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид биле опслужени 57,239 патници што е зголемување за 33.8% споредено со август, 2025 година. А биле реализирани 425 операции односно 15.2% повеќе споредено со истиот период минатата година.
Во летната сезона Охрид е поврзан со 17 дестинации преку 8 авиокомпании, а јули 2026 беше најуспешниот јули во историјата на аеродромот.








