Следната година Србија ќе донесе конечна одлука каде да се изгради нуклеарна централа и каква технологија ќе се користи, изјави министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
„Спроведена е прелиминарна студија во која се разгледуваше како и на кој начин може да се интегрира најдобриот нуклеарен објект во нашиот енергетски и преносен систем. Ќе продолжиме со деталните анализи, пред сè на законската рамка, како да се создаде синџир на вредности во земјата што ќе придонесе за изградба на нуклеарен објект, која локација е најсоодветна за таков објект, што дополнително треба да се направи за зајакнување на преносниот систем“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ на отворањето на четвртиот Белградски енергетски форум.
Таа потсети дека пред 18 месеци, преку законска регулатива, Србија дозволи да се разгледа употребата на нуклеарна енергија на нејзина територија.
„Влеговме во првата фаза од развојот на нуклеарната програма. Ако нашите соседи, Словенците, Бугарите, Унгарците и Романците, можат да имаат нуклеарни централи, зошто да не ја разгледаме таа опција“, рече министерката и потсети дека голем број српски граѓани, за време на Југославија, веќе живееле во земја со нуклеарна централа, онаа во Кршко.
Таа рече дека разбира дека граѓаните се најмногу загрижени за безбедноста на работењето на нуклеарната централа, но изјави дека тоа ќе се базира на научни податоци.
„Поверојатно е да ве касне ајкула отколку да ги почувствувате последиците од каков било нуклеарен инцидент. Имајќи предвид дека има 400 нуклеарни реактори во 32 земји во светот, дека уште стотици реактори се во изградба и дека 30 земји во моментов размислуваат за употреба на нуклеарна енергија, ова ми влева доверба“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ, пренесуваат медиумите во Србија.
Фото Економија и бизнис








